Со проектот „Рециклирање?! – КАЖИ ДА!“ на Пакомак во соработка со Шпаркасе Банка беа селектирани 1.500.000 шишиња
Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување Пакомак во соработка со Шпаркасе Банка денес ги додели наградите за проектот „Рециклирање?! – КАЖИ ДА!“. Добитници се основните училишта од шест општини во Скопје и тоа: ОУ „11 Октомври“-Центар, ОУ „Рајко Жинзифов“,подрачна единица-Кисела Вода, ОУ „Крум Тошев“-Гази Баба, ОУ„Мирче Ацев“-Ѓорче Петров, ОУ „Гоце Делчев“-Аеродром и ОУ „Вера Циривири Трена“-Карпош.
Станува збор за проект кој се одржува веќе втора година по ред, a чија идеја е подигнување на хигиената во училиштата со донација на течен сапун соглсно нивните потреби, мотивација на децата за селектирање на амбалажен отпад како и едукација за бенефитите од рециклирањето.
Во рамките на оваа успешна акција беа вклучени 60 основни училишта од 6 општини: Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Центар и Гази Баба и беа собрани над 1,5 милиони пластични шишиња или повеќе од 40 тони пластичен отпад кој беше однесен на рециклирање. Со проектот директно се ангажираа и информираа над 30.000 семејства во Скопје кои почнаа да го селектираат отпадот и заедно да размислуваат и разговараат за екологијата, за дивите депонии, за идните предизвици на планетата Земја и за тоа како паметно да се селектира отпадот за да добиеме почиста планета, почист воздух, поздрава храна и почисто училиште.
„Навистина сме задоволни од импактот кој го постигнавме со овој проект кој за првпат го промовиравме во 2012 година. Резултатите се доказ за напредокот кој е постигнат, односно првата година беа собрани 25 тони ПЕТ отпад, а 2013-2014 година повеќе од 40 тони или 1.500.000 шишиња. А како посебен успех ја сметаме мотивацијата која ја поттикнавме кај најмладата популација да се инволвира во селектирањето на пластичниот отпад. Нашата цел е да продолжиме со оваа акција и во иднина и овие бројки да се зголемуваат од година во година“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.
„Соработката на Шпаркасе со Пакомак до сега се покажа како навистина успешна и секој завршен проект ни претставува доплнителен поттик оваа приказна да продолжи и понатаму. Кога го започнавме проектот пред 1 годинa, се приклучивме кон процесот на создавање еколошка свест кај најмладите. Денешните награди се дополнителна мотивација за учесниците да истраат во определбите за чиста животна средина, и преку личен пример и придонес да ја јакнат и општествената одговорност“, изјави Ивана Макенаџиева, од Службата Маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка.
Воедно Пакомак го искористи доделувањето на наградите за да го промовира и својот нов проект „3Д еко автобус“ наменет за ученици од прво до петто оделение. Станува збор за 40 минутна 3Д инеркативна обука со предавање, проекција на 3D филм и игра-тест со систем за интерактивно поврзување со публиката која ќе се одвива во рамките на еколошкиот автобус, стациониран во близина на училиштата.
Целта е преку забавна и интерактивна програма децата да се здобијат со знаење и личен позитивен однос кон одделно собирање на отпадоците од пакување и придобивките за сите нас, градот, во кој живееме, животната средина и општеството како целина, како и формирање на навики за секојдневно одговорно однесување кон околината.
Овој проект минатата година во Бугарија се покажа како извонредно успешен, па позитивните искуства од соседството Пакомак ќе ги пренесе и во училиштата кај нас со цел да се мотивираат децата за активно однесување и пренесување на наученото меѓу пријателите и во семејната средина.