5 книги за зимско книжевно патување

Додека сите ги фаќа новогодишното лудило, празнично пазарување, подготовки, гужви, обврски, радости и прослави, направете нешто поинакво.

5-knigi-za-zimsko-knizevno-patuvanje-01

Пронајдете го своето тивко интимно катче, дајте си време за себе под топло ќебе, вкусно кафе и добра книга. Четиво кое ќе ви дозволи патување во поинаков свет без да треба да се поместите од вашето топло гнездо.

За разлика од вообичаените светски познати наслови, овојпат ви нудиме 5 свежи и нови имиња со исклучително квалитетни дела кои ќе ве убедат да ја засакате новата постмодерна македонска литература.

1. „Ненасловена месечева соната“ – Давор Стојановски (издание ИЛИ-ИЛИ)

„Сè што постои, пред да постои, создадено е без да постои“ се јавува како поднаслов на овој роман кој раскажува приказна во два помали романи.

Исклучително мајсторски испреплетена и одлично технички изведена од страна на авторот нуди интересно книжевно патување.

Во овој роман тој ни покажува како едно случување може да биде раскажано на два различни начини погледната од различна перспектива.

Во првата приказна се раскажува за млад брачен пар кој по несреќата во која ги загубиле двете ќерки, пронаоѓаат напуштено бебе близу една депонија и го посвојуваат. Во втората приказна, пак, се раскажува за необичната судбина на начитаниот, талентиран и повлечен Јон, кој чува една голема тајна и кој е опседнат од девојка што го потсетува на учителката по пијано од детството.

Колку што се различни овие две приказни, постои нишка која ги поврзува и треба да ја откриете. Еден исклучителен роман на постмодерната книжевност, кој ќе го израмните со светските книжевни достигнувања.

Откријте каква е поврзаноста со генијалниот Бетовен и што е позначајно: да добиеш епитет на бесмртна љубена во писмата на еден од најславните уметници, или да добиеш посвета од него под насловот на неговата најславна композиција.

5-knigi-za-zimsko-knizevno-patuvanje-1


2. „Стравот“  - Коста Петров (издание: ТРИ)

Кој е вашиот најголем страв? Зошто се плашите? Како да се ослободите? Книга во која авторот го изнесува и го анализира она што во првата книга „Се гледаме на врвот“ само го начнува како дел од сите нас.

Стравот претставува емоција од која мора да се ослободиме и да се разбудиме. Авторот многу суптилно психолошки делува на секој читател откривајќи ги своите најинтимни мисли и чувства кои ве тераат да размислите, да се разбудите и да станете посилни.

За сите љубители на психолошките романи ова е вистински погодок кој ќе ви го промени погледот на Вашиот секојдневен живот.

5-knigi-za-zimsko-knizevno-patuvanje-2


3. „Дете од лоша фамилија“ – Дарко Лешовски (издание: Табернакул)

Една сосем поинаква поезија од онаа на која сме навикнале. Поинаков допир до читателите преку социјалните мрежи.

Брутално и искрено изразување на младиот автор Дарко Лешоски кој буквално ви ги истура сите мисли и сите најинтимни чувства пред вас, како на тацна. Без украсување, без премногу метафора. Онака силно, чисто и најдругарски.

Ја споделува и најголемата љубов и најголемата болка. Само за да ви покаже дека е обичен човек и гласно да го изговори она што сите го чувствуваат во одреден момент.

Зборовите кои се плашите да ги изговорите, тој ви ги преточува во стихови поезија. Ако сакате да се скриете од другите и душевно да се разголите пред себе, ова се зборовите кои ќе ја раскажат вашата вистина.

5-knigi-za-zimsko-knizevno-patuvanje-3

4. Белешките на Лајла Грејс – Марија Јаневска (издание: ТРИ)

Интимниот свет на авторката пренесен низ алтер егото Лајла Грејс која ги раскажува нејзините приказни или приказните кои таа ги раскажува и без вистински да ги доживее се уште една книга во која се изразени силни емоции собрани од белешките на нејзиниот блог.

Постои ли љубов, после љубовта? Може ли да се сака после големата љубов која сте мислеле дека никогаш нема да ја надминете.

Приказни кои плачат, гушкаат, љубат и утешуваат. Но, и приказни кои ќе ви кажат дека не сте сами и дека секогаш постои поголема љубов, секогаш може да бидете фениксот кој ќе се издигне од пепелта.

Белешки кои ги чувствувате како дел од себе, како вие да сте пишувале дневник, бидејќи меѓу редовите ѕирка некој ваш спомен или некоја потајна желба за доживеана или посакувана емоција.

Книга која навистина може да ве разгали и стопли во зимските денови.

5-knigi-za-zimsko-knizevno-patuvanje-4

5. „Отпозади“ – Сашо Тасевски (издание: Култура)

Книга која е забранета за лица со слабо срце и продадена душа. Актерот и писател Сашо Тасевски на препознатлив брутален јазик, колку скриено и завиено толку и откриено и отворено раскажува.

Најконтраверзен роман кој се очекува да предизвика многу силни реакции во јавноста од една до друга крајност.

„Зошто сите ние сме грешни на некој начин, а јас верувам дека Господ најмногу нè сака нас грешните и дека тие останатите кои му се претставуваат како чисти, се најголемите лицемери?" – прашува Сашо Тасевски.

Многу секојдневни состојби, многу работи кои се кријат, колку и да се очигледни тој ги разработува на многу специфичен начин кој може и да ве разлути, засрами, згрози или воодушеви. Македонски роман за многу состојби на денешницата во која сите живееме. Роман кој провоцира и шокира.

5-knigi-za-zimsko-knizevno-patuvanje-5

Би можело да ве интересира:

3 романи за роматични души што ќе ве разнежнат пред Валентајн Во пресрет на Денот на вљубените, зошто да не прочитате еден, или можеби сите тр...
3 предлог книги од Милан Кундера, што секој интелектуалец треба да ги прочита „Шега“ е првиот роман на Кундера инспириран од случувањата во неговиот приватен ...
„Лејла“ од Колин Хувер и уште 2 одлични напнати книги за летните денови  Лето на плажа и добра книга... Тоа е комбинација која за многумина е вистинско о...
3 романи од Вај Киленд со тензичен заплет (што ќе ве држат во неизвесност до последната страница) Кејн, Рид, Броди... Тројца мажи кои треба да научат дека и најстудениот мраз око...
3 книги што може да ги подарите за 8-ми Март Цветот ќе овене, добрата книга со посвета ќе остане спомен засекогаш. На вашите ...
Три љубовни романи совршени за оваа зима Овие три љубовни романи се читаат без здив од првата до последната страница. А в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg