Ивана Наскова: „Пишувањето ме полни со радост и за мене е најголемата терапија“


Ивана Наскова: „Пишувањето ме полни со радост и за мене е најголемата терапија“

Ивана Наскова, многумина ве знаат како радио и ТВ водителка и стенд ап комичарка, но од неодамна влеговте и во писателските води. 

ivana-naskova-pisuvam-uste-od-momentot-koga-gi-sovladav-bukvite-01.jpg 

Вашиот прв роман Совршениот странец за релативно кратко време успеа да допре до голем број на читатели.

И сега би сакал да го поставам прашањето, зошто се одлучивте токму за пишаниот збор?

Всушност јас пишувам од првиот момент кога ги совладав буквите. Се сеќавам дека во училиште тетратките ми беа полни со песни и раскази. На час понекогаш кога не сакаш да го слушаш професорот шаркаш и црташ, е јас пишував.

Неколку пати започнував да пишувам и книга, но некако претпоставувам тогаш не сум била спремна за да ја завршам приказната. Сега конечно дојде тој момент кога беше време да седнам и да не запрам со пишувањето сè додека приказната не стигне до својот крај.

Искрено дури и би рекла дека чекав долго време со оглед на тоа што идејата за да напишам книга ми беше во глава добри шест-седум години. Но сè во животот си има свој природен пат и се случува тогаш кога требало да се случи, па така беше и со Совршениот странец.

Знам само дека пишувањето за мене е најголемата терапија и начин на кој се ослободувам од стресот, негативната енергија, нервозата, тагата и се полнам со радост и сè поминува.

Колку животот на Ивана Наскова се преплетува со оној на ликовите од твојата книга?

Ликовите секогаш ќе носат дел од мене и дел од луѓето кои се во мојата близина. Совршениот странец ја има хероината Ана која е русокоса и поради тоа многу ме прашаа дали јас сум Ана, но не сум. Но Ана носи делови од мене, таа е силна, независна, амбициозна, вистински борец и најважно од сè верува во искрена и вистинска љубов, а тоа се и мои одлики.

Во моето пишување најмногу се преплетува моето животно искуство, сите оние емоции кои сум ги доживеала и почувствувала во различни моменти од животот. Емоциите ги споделувам преку ликовите со читателите и тие знаат дека и на друг му се случиле одредени моменти кои го направиле тажен или среќен. Јас и луѓето околу мене секогаш ќе бидат инспирација за нова книга.

ivana naskova pisuvam uste od momentot koga gi sovladav bukvite 3

И дали сè уште постои таа меѓусебна поврзаност помеѓу тебе и фиктивниот свет што го создаде?

Таа поврзаност е посилна од кога и да е, тој свет е моето безбедно место. Таму се чувствувам сигурна, мирна и среќна.

Во тој свет живеат моите ликови кои ги гледам како мои деца, зошто јас ги создадов и секој еден од нив има нешто мое во себе. На крајот од денот секогаш со нетрпение чекам да си дојдам дома, да седнам да пишувам и да влезам во тој фиктивен свет или во мојот свет.

ivana naskova pisuvam uste od momentot koga gi sovladav bukvite 5

Велите дека книгата е љубовна приказна, наменета за модерни, силни, храбри и независни девојки, но колку вашата приказна дозволува да биде прочитана и од мажи?

Секако дека има простор! Реално жените се тие кои повеќе уживаат во добра љубовна приказна, но и мажите можат да си дозволат да прочитаат за љубовта и емоциите раскажани од женски агол.

Можеби и ова е вистинскиот начин за да научат и да дознаат што се ни поминува низ глава во сите тие емотивни моменти и подобро да не разберат.

Што е она што саката да го пренесете на читателот?

Моите ликови се многу реални, сè што им се случува е многу реално и тоа е она што сакам да го пренесам на читателот, дека никогаш не се сами. Човечки е да бидете скршени, да бидете тажни, да направите грешка и сè во животот во одреден момент поминува и по сето тоа ние стануваме посилни, посигурни и на крајот ја наоѓаме нашата среќа.

Јас пишувам за она што на секој може да му се случи и мојата порака е да останете силни, никогаш да не се откажувате, сè поминува и во ред е некогаш да се случуваат лоши работи, но секогаш треба да одбереме да бидеме среќни!

ivana naskova pisuvam uste od momentot koga gi sovladav bukvite 4

Секогаш се интересирам за процесот на пишување на едно книжевно дело. Додека го создававте Совршениот странец успеавте ли да допрете до себеси и да разобличите некои замаглености што претходно ви биле далечни и недостапни?

Додека ја пишував книгата можеби не се спознав себеси, но дефинитивно созреав повеќе. Сфатив дека соништата можат да станат реалност доколку веруваме со себе и сме упорни. Научив да бидам истрајна и да не се плашам.

Не е важно кој што ќе каже и кој што ќе мисли. Не може на сите да им се допадне вашата книга, но оние кои ќе ви кажат дека е одлична, тие ќе ви го наполнат срцето со толку радост што сè друго е апсолутно неважно.

ivana naskova pisuvam uste od momentot koga gi sovladav bukvite 1

Преку социјални мрежи може да забележам дека веќе почна да го најавуваш твоето второ дело, каква приказна шепоти вашиот раскажувачки глас?

Овојпат пишувам за многу потешка животна приказна, втората книга ќе биде малку поразлична од претходната, можеби на поголемиот дел оваа книга ќе им биде многу потажна, но чувствувам дека оваа приказна мора да биде раскажана и да излезе од мене.

Хероината во моето второ дело е повеќе од реална, нејзиниот живот и сè што ѝ се случува е нешто низ кое поминале многу семејства, многу жени, многу брачни парови. Тоа е една потресна приказна, полна со љубов и животна борба која ќе растажи, но и ќе насмее, баш како и животот.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

3 книги кои потврдуваат дека жената е најтврдото оревче Да се биде жена и мајка е најубавата и најтешката задача истовремено. Предизвици...
Топ 5 книги за опуштање на плажа Ако сте од оние кои на одмор сакаат да си дадат оддишка од сета сериозност и раб...
Нема да ги испуштите од рака: 3 книги за ментален одмор Некои книги се како мед на разболено грло, тие ви ја греат душата и срцето и дол...