Филтерот на Инстаграм фотките открива дали сте во депресија: Како ви штетат социјалните мрежи?
Имате профили на сите социјални мрежи, во трка сте да не испуштите нешто и не можете да престанете да зјапате во телефонот...
Научниците постојано ги истражуваат социјалните мрежи од различни аспекти и, за жал, доаѓаат до многу алармантни заклучоци.
Фејсбук, Снепчет, Твитер, Инстаграм и другите социјални мрежи го заробуваат човековиот ум и неретко нè прават депресивни и водат кон зависности од дрога и алкохол.
Овојпат нема да говориме за нивната моќ за поткренување на јавната свест и отворање на некои прашања за социјални теми кои нè мачат сите, туку за нивните негативни аспекти:
Фотографирањето на храната пред консумирањето го влошува апетитот
Истражувачите од Универзитетот во Минесота докажаа дека фотографирањето на храната пред оброкот предизвикува предвремен „замор“ од јадењето, го намалува задоволството од консумирањето и брзо предизвикува чувство на заситеност.
Ова, исто така, се однесува и на гледањето на фотографии од храна на социјалните мрежи.
Селфи фотките со знакот „V“ се опасни
Јапонските истражувачи тврдат дека т.н. знак за мир треба да се прави внимателно.
На фотографија сликана до 3 метри раздалеченост некој лесно може да ви ги „украде“ отпечатоците од прстите и потоа тој податок да го искористи да дојде до ваши доверливи сметки и информации итн.
Филтерите на фотографиите покажуваат дали некој е во депресија
Истражувачите на Харвард со помош на специјална компјутерска програма откриле дека луѓето што се во депресија најчесто ставаат потемни филтери на фотографиите, обично сиви и сини. 43% од испитаниците во истражувањето страдале од депресија, а програмата ги препознала нивните фотографии во 70% од случаите.
Црно-белиот филтер е најкористен кај депресивните личности.
Социјалните мрежи прават вашиот мозок да работи само на една задача
Истражувачите на Универзитетот Станфорд откри дека луѓето кои минуваат многу време на социјалните мрежи се почувствителни на врева и помалку способни за мултитаскинг. Со нивно интензивно влијание мозокот започнува да работи во поедноставна рамка и има проблем со филтрирање на информациите и помнење.
Но, експертите не негираат дека социјалните мрежи ги подобруваат комуникациските вештини.
Ризикот од депресија и бројот на профили на различни социјални мрежи на еден корисник се правопропорционални
Истражувачи на Универзитетот во Питсбург тврдат дека бројот на профили на различни социјални мрежи влијае повеќе на зголемување на ризикот од депресија отколку бројот на часови минати на социјалните мрежи.
Во истражувањето корисниците кои користеле максимум 2 социјални мрежи биле три пати помалку анксиозни од оние кои биле активни на 3 и повеќе платформи.
С. С. | Црнобело