Во еден поинаков паралелен свет...

Сончево утро,  8 часот, не ѕвони аларм. Природно будење и растегнување со бакнеж и прегратка за добро утро.

vo-eden-poinakov-paralelen-svet-01

Момче и девојка на 25-26 години живеат во нивниот стан кој им го доделува државата, а тие секој месец го исплаќаат. Мал и симпатичен, но сепак нивен.

Време е да се подготват за новата работна недела.

Марко се тушира, Ана набрзина подготвува по две палачинки премачкани со чоколаден крем, за многу енергија, додека турското кафе веќе го шири мирисот од филџаните.

Марко излегува од бањата со насмевка и очи полни љубов кога ја здогледува Ана покрај подготвената трпеза. Уште еден бакнеж и се разминуваат.

Марко оди да си го облече оделото, Ана оди набрзина под тушот. Излегува и веднаш се облекува во новото светло жолто фустанче до колена што си го купи минатата недела.

Двајцата дотерани седнуваат да појадуваат. Кафето и палачинките буквално им се топат во устата и им даваат сила и за светот да го освојат.

vo-eden-poinakov-paralelen-svet-1.jpg

Веќе е 8 часот и 30 минути. На работните места стигнуваат со велосипеди. По улиците има посебни велосипедски патеки на кои нема гужви, автомобилите им даваат предност и внимаваат на нив.

Се разделуваат на последната раскрсница. Ана е одговорна во маркетинг одделот на една компанија.

Избрана како најмлада, но најкреативна  на конкурсот, без никакви врски и само заради нејзиното знаење и вештини.

Дури и постарите колеги ја почитуваат и учат од неа. Платата ѝ е сосем солидна иако работи само еден месец. Таму го вреднуваат нејзиниот труд.

Марко работи како агент за продажба на автомобили. Тој нема завршено факултет, но има одлични комуникациски вештини и секогаш успева да се снајде со клиентите и да ги убеди да купат автомобил токму од тој салон.

Претпоставените многу го ценат и тој има дури и поголема плата од оние со факултет и стаж, бидејќи навистина знае како да го зголеми успехот во продажбата.

Понекогаш им кажува и некои трикови на останатите колеги за сите заедно да напредуваат. Нема завист, нема љубомора.

Работното време секаде е 6 часа, бидејќи знаат дека тоа е максимумот на продуктивна работа.

Во 3 часот веќе повторно се сретнуваат со велосипедите на истата раскрсница. Но, не одат веднаш дома.

Денот е долг и може да го искористат за многу други работи. Веќе се договорени со пријателите да одат на заеднички ручек во ресторан каде секој може сè да си дозволи.

Секогаш го одбираат токму тој, бидејќи е убав, современ, со вкусно мени и што е најважно секогаш може да платат двоен оброк по симболична цена кој ќе му биде понуден на некој добредојден бездомник.

Добрите луѓе ги има на секој чекор, ова е најпопуларниот ресторан и сите донираат, а бездомниците никогаш не се гладни. Остатоците никогаш не се фрлаат, туку тие се за уличните животни.

На ручекот сите се среќни и насмеани, речиси секој имал добар и успешен работен ден во кој завршил голема работа или научил нешто ново.

Си тргнуваат сите кон своите домови, сонцето веќе полека заоѓа и го бои небото со пурпурни бои, а мирисот на липите е како опиум од среќа.

Марко и Ана се враќаат низ паркот туркајќи ги полека велосипедите.

Освен тоа што се успешни на работните места, имаат и хоби со кое си го исполнуваат слободното време. Ана е писателка, а Марко е фотограф.

Додека одат малку разговараат и малку молчат за да си ги средат мислите. На половина пат застануваат и Ана го вади својот бележник, а Марко фотоапаратот. Секој на свој начин ги изразува мислите и  чувствата.

Низ паркот веќе поминуваат чистачите кои само рутински собираат некои случајни ливчиња и отпадоци.

Немаат многу работа, бидејќи сите внимаваат на својата околина. Љубезни се и културни, па секојпат кога ќе се сретнат се поздравуваат.

Сите се среќни и благодарни што постојат овие луѓе кои се грижат за градот секогаш да биде убав и чист.

vo-eden-poinakov-paralelen-svet-4.jpg

Откако ќе стигнат дома, време е за малку одмор, бидејќи е само 6 часот попладне. До 8 часот разговараат, се излежуваат или средуваат некои работи кои им заостанале.

Штом дојде вечерта време е за ново дружење. Посета на некои културни настани, концерт на оркестар, балет, театар или некоја изложба. Чисто колку да се почувствува душата на градот.

Сите се собираат на овие места во текот на работната недела. Ништо не трае повеќе од еден час кој може квалитетно да го поминете, смирено и полно со убавина.

Влезниците се со симболични цени, па, така, секој може да си ги дозволи. Тука не се гледаат луѓето според класи, туку само како љубители, познавачи или уживатели на културата. Во овој град тоа е секојдневие.

Штом заврши претставата веќе е 9 или 10 часот навечер, доволно за да се заврши убавиот ден.

Марко и Ана се враќаат дома да се опуштат заедно во креветот, водејќи љубов под чаршафите и да заспијат пред да се раздени следниот ден, кој ако не е подобар, ќе биде барем ист како овој.

vo-eden-poinakov-paralelen-svet-3.jpg

Да, токму такво е секојдневието во еден паралелен свет, еден посакуван град во кој она што е наша фантазија, може да биде нечија реалност.

А вие? Каков беше вашиот ден? Во каков свет ќе се разбудите утре? Колку е прекрасно и смирено вашето секојдневие?

Не е целта да се почувствувате мизерно, туку напротив, да се препуштите на мисловното патување и да го почувствувате и замислите истото.

Ви дојде убаво на душата? Кој треба да го промени ако не сите заедно? Она што може да се замисли, може и да се оствари, само треба да се почне.

Подготвени?

Автор: В. М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg