Детството во 90-те: Ние бевме деца со вистински игри во вистинско време

Сол-макарон, еј Макарена, Томиџери, мечето Ушко, крадена зелка во секој ден од неделата, цртан по Крстозборот, веќе ни животот не ти е осигуран, Мапет бебиња, Мачиња, Летечките мечиња, пони-велосипед, детска пошта, собирање салфетки и украсни кесички, торти од кал, нинтендо, тетрис, Супер Марио и Луиџи, диносаурусот Дино, Денис напаст, Штрумфови, Були, Тропска горештина, Чувари на плажата, Беверли Хилс со Бренда и Брендон, Бушава азбука, Пулсирање, Зимско рекреативна програма, правење огромно писмо за Ѕвон потпишано од цело маало...

detstvoto-vo-90-te-nie-bevme-deca-so-vistinski-igri-vo-vistinsko-vreme-01.jpeg

Не, не се чувствувам старо. Сѐ уште сум дете.

Ама знам да бидам дете само во тоа мое детство, во ова не знам. Во ова не знам ни како возрасна да се снајдам.

Не ме разбираат ако кажам дека често колениците ми беа калливи, крвави, а алиштата искинати. Јас не се симнував од моето „пони“. До ден-денес си го чувам. Го редев со кожни реси, бев најглавна. Со брат ми се препиравме за да дојдеме до ред. Заедно си го правевме. Лудувавме по удолница. Па, паѓавме на коленици. И на глава. И в кал до врат. И дотепани од дома. Па, пак пораснавме. Така зајакнувавме.

Сендвичот не беше сендвич ако не беше направен со маргарин, сиренце, домат и пиперче. Кое месо, ние со полкило леб се правевме важни на улица! Ако јадеш дома, си пропуштил правење блокада на сред пат. Демек војници сме, заседа ќе правиме, војна ќе извојуваме, а сме биле трето за четврто. И сме имале 8 и пол години, веќе влезени во девет. За старите важеше поголемата година. Ние мислиш возрасни сме, големи сме ако кажеш „и пол“, а уште сме викале „готовооооо“. Бебенца, миленичиња на баба и дедо, хранети со кајгана и сиренце.

Не знаевме за ѕвонче, од улица се довикувавме. Маааааареееееееееееееееее! Кој телефон, знаеш кога треба да се скита. Земај ги израсипаните ролери и вози, нервирај ги соседите, штракај. Фати се за коњска кола, влечи се, паѓај, карај се со возачот, бегај му! Кради цреши, а си имаш во двор. Продавај божемни сендвичи направени од лисја, па потоа истите пукај ги. Играј си маж, жена и деца. Прави куќи од наредени столови.

detstvoto-vo-90-te-nie-bevme-deca-so-vistinski-igri-vo-vistinsko-vreme-07.jpg

Потпишувај споменари. Црвенеј се пред симпатијата. Ѕвони му од фиксен, слушни му го гласот. Изнајмувај цртани филмови од видеотека, преснимувај од телевизија, зборувај на измислен германски и англиски. Мечтај за недостижните барбики и секаквите коли-играчки од сателитска. Накити ја косата со милион шноли, со пеперутки, со шарени „вошки“. Испокрши ги прстите од клик-клакот, нека чуе цел град како фаќаш ритам.

Направи ѕвезда, шпага... или сопни се! Изглупирај се.

Прави спомени.

Бевме гордост на мама и тато. На бато. На баба и дедо, на тета. На вујче. На учителката. Затоа што не баравме многу, туку само уште еден час да поиграме на улица. Ние сами си наоѓавме стари предмети за игра. Фантазија си имавме. И паричник стар. Го врзувавме за врвка, го остававме на улица, а ние скриени. Чекавме некој да го земе, па да му го тргнеме. Дечишта.

Со дваесет денари купувавме смоки, лижавче, крем-бананче и жетон за флипери. Жетон за рингишпил. Ново тефтерче од детска пошта. За нас богатство беше купче од „имам, имам, имам, имам, немам, немам... а, не - го имам.“

Радости.

detstvoto-vo-90-te-nie-bevme-deca-so-vistinski-igri-vo-vistinsko-vreme-05.JPG

Не дека не знаат ништо денешниве деца, ама покрај сѐ што им е достапно, не им е интересен ластикот. Тој имаше посебни бројки и уникатни движења. Почитувана низ цела улица и училиште си ако си ги постигнала повисоките нивоа на „математика“. Има да вежбаш дома по цели денови, да ти бидат држачи два стола наместо другарките, и да се покажеш колку можеш да ја кренеш ногата и колку можеш да се извртиш. Мајсторија правевеме, прима-балерина не ни беше рамна.

Со мижење научивме да броиме, инаку сите ќе ни се скриеја, ќе нѐ поплукаа. Палците нѐ болеа од џамлиите. Дланките ни жежеа од сол-макарон, само за да не испаднеме од играта.

Со пола очи го гледавме Мечето Ушко, затоа што цел ден игравме, ни се спиеше. Десет часот ни беше доцна доба.

И пак учевме.

Пораснавме, но во деведесеттите останавме.

Затоа што тогаш не мижевме пред реалноста, животот не ни удираше ластик, а возрасниот свет не нѐ маваше по грбот.

Ние бевме деца со вистински игри.

И во вистинско време.

Автор: Марија Лозаноска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg