Има ли во куферот уште малку место за моите спомени?

Куферите ни се спакувани. Немо чекаат потпрени во аголот некој да ги земе и да ги однесе преку океанот.

Ima-lu-vo-kuferot-uste-malku-mesto-za-moite-spomeni-001.jpg

Се прашувам колкав ли треба да биде куферот во кој ќе го собере целиот твој живот? Глупави мисли ми поминуваат во главата, сега додека ги прегледувам картите, пасошите, визата... Куферот веројатно треба да е водоотпорен, за да не ни ги уништи сите фотографии и отпорен на мувла, за да не ни скапат спомените. Но, можеш ли да спакуваш спомени во еден куфер?

„Спакувајте го најнеопходното“ - ни рекоа. „Тука има сè! Ќе си купите нова облека, попусти има постојано и не се такви како во Македонија“ - со насмевка сакаа веројатно да нè охрабрат.

Па така, ја оставив мојата венчаница, бидејќи зошто би носела венчаница со големата селидба? Фустанот што го носев за матура, облеката во која беше облечен синот кога му правевме крштевка, бидејќи му е малечка... Нема место за нив во куферите.

Ја направив математиката, не сум глупава. Секако дека забележав на кантар „ЗА“ и „ПРОТИВ“ аргументи за заминување и првата страна натежна многу повеќе. Јасно ми е зошто заминуваме. Сопругот остана без работа, а јас последниве години сум секојдневно под стрес да не ја изгубам и мојата. Станавме како давеници за сламка, одвај ги поминуваме месеците и крпиме и крпиме, а баба ми велеше дека таму каде што е најтенко, се кине.

Пукна нашето трпение, испари нашата надеж. И тие пријатели што останаа тука се малку на број, а и со нив се гледаме ретко. Или немаме време или немаме пари. А најчесто – и двете.

И еве сме, на прагот на еден нов живот, малку повеќе исплашени, иако сопругот ме убедува дека никаде нема да ни е толку лошо како тука. Синчето загрижено ме прашува дали во таа Америка има „Стоби флипс“ смоки. „Секако дека има, таму има сè!“ - одговарам.

Но, дали навистина има сè, се прашувам? Ги има ли моите родители на 20 минути од мене? Моето старо основно училиште веднаш позади зградата, каде што син ми си игра на игралиштето додека го набљудувам и му мавтам од терасата. Ќе има ли кафето ист вкус како нашето дома?

Сите ми велат да не се будалам, тука времето стои во место. И кога ќе се вратам, нема да има ништо ново. Но, дали е така? Дали децата на најблиските кои секојдневно растат не се ништо ново? Дали родендените и венчавките кои ќе ги пропуштам се ништо ново?

Колку вреди луксузот да си читаш книги на мајчиниот јазик? Недоволно за да се трпи мизеријата, тоа е очигледно, но мојата грутка не спласнува. И ете, се обидувам да не заплачам додека брат ми го цитира нашиот омилен скеч од К-15... „Разделбите се тажни знам, но немој да плачеш ако немаш палома“...

Во главата си пресметувам земавме ли сè што ни е потребно. Има ли во куферот уште малку место за моите спомени, игрите од детството, клупата каде што го имав првиот бакнеж, омилената боза од Апче? Може ли некаде помеѓу облеката да ја скријам масичката која родителите ни ја купија со толку многу љубов и сите мои книги што грижливо ги купував со годините, па дури и она несреќно тавче кое ми ги загорува јајцата... Ќе си купиш ново, се тешам и скришно почнувам да си плачам.

Среќен пат!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
„Го пронајдов стариот дневник за готвење на мојата баба – пиварки, орасници, торта со ореви“  Порано вкусот на тестото кое било испечено во старата печка на дрва, ореви...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg