Да не се залажуваме дека сме средна класа... Живееме за сметки и храна

Еве која е најголемата трагедија со која се соочуваме, покрај нели, многуте трагични ситуации на денешницата – оној момент кога барате пари од мама и тато.

da-ne-se-zalazuvame-deka-sme-sredna-klasa-ziveeme-za-smetki-i-hrana-001.jpg

Да појаснам, одамна не сте веќе студент и сте вработени. Еве ја уште поголемата трагедија, работите не една, туку две работи. Не живеете некој екстравагантен живот, не купувате некоја скапа облека, возите нормален автомобил на плин.

Најголемиот луксуз е еднаш месечно одење во театар или кино. На излегување пиете максимум 3 пијачки, јадете нормална храна, пазарувате во поевтините маркети, ги загледувате цените на детергентите за чистење и омекнувачите за алишта, во потрага по нешто што нема баснословна цена како пола килограм телешко месо.

Да резимираме, телешкото месо е луксуз. Знаеме колку е здраво и корисно, но оди купувај го секоја недела. Нема проблем.

Среќни сме ако си дозволиме еднаш годишно скромен одмор. Не скијаме, не бордаме, не живееме живот со забави на кои сите мора да сме облечени во бело. Не купуваме скапи парфеми, затоа што еден чини колку четвртина од месечната плата.

Живееме нормален живот самозалажувајќи се дека сме средната класа, а вистината е дека и покрај сиот труд и вниманието кое го посветуваме да не плискаме пари на глупости, ние сме задолжени до гуша, кој со потрошувачко кредитче, кој со кредитна картичка, кој со минусот од плата, а кој со трите.

Ние сме сиромашни, тоа е вистината.

Не може еден непланиран трошок како дупната гума, расипана машина или два родендени во месецот, да нè исфрлат од колосек и да се тресеме како ќе го скрпиме месецот. Не е фер да живееме само за едни сметки и храна. Што се случува со остатокот од животот?

Смогнуваш сили, немаш што да подголтнеш, бидејќи гордоста одамна ти е веќе згазена, потонала некаде со твоите тинејџерски амбиции и соништа за светла иднина. Родителите како да се на готовс, толку добро те познаваат, веќе ти читаат од очите каде е проблемот.

Нивната безусловна љубов доаѓа во многу облици, позајмувањето пари е најчест феномен во мојата држава.

Ќе ви ги вратам, изустуваш додека ти доаѓа да заплачеш од мака. Додека срцето ти се корне, тонеш во земја од срам, од тоа што се чувствуваш како неуспех на деценијата, на векот. Џабе работи, џабе не седи.

Како може ништо да не ти останува на крајот од месецот? Каде е грешката? Немаш некои особено скапи чизми или чанти или парфемите, каде побогу летаат тие проклети пари?

Не се грижи сине, ние за што сме тука? Мама и тато ти се насмевнуваат, сакаат по секоја цена да ти ја стоплат душичката и да ти ги растераат грижите.

И нас така ни помагаа родителите, ти мислиш ние сами сме можеле? (мала бела лага).

Никој не може сè сам, затоа сме ние тука. Ехеее, па ние како го купивме станот, ако не беа нашите да ни помагаат (уште една мала бела лага, бидејќи моите сами го отплатија станот до последниот денар, платен со солзи, крв и неспиење). Не грижете се, додека сме ние тука, ќе помагаме, и ова секако ќе ви остане вам...

Го испиваме кафето, се поздравуваме. Парите в џеб, јас тргнувам. Додека се слевам со реалноста на улица, само се прашувам – што ќе им оставам јас на моите деца?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg