Како можеш да излегуваш секој викенд, а детето дома ти спие со баба му?

Знаете, Фејсбук е едно шаренило од глупости, тривијални вести, „фејк“ патики од Али Експрес и платени политички реклами. Но, во сето тоа море од информации се кријат и многу корисни, но и емотивно потресни вистини и приказни.

Samohranata-majka-e-rasturenica-sram-i-gnilez-koja-ne-zasluzuva-zivot-01.jpg

Последната ме потресе толку длабоко, ме разгневи, ме разочара и ме здроби. И по кој знае кој пат почнав да губам верба во овој народ и оваа земја. Во таа нејзина благонаклоност и широкоградост и топлина која се раскажува како некој урбан мит, а сведоците за нејзиното постоење се бројат на прсти.

Остатокот на пример, се решава да им пишува пораки на група самохрани мајки. Да разјаснам веднаш, за да нема забуни: Тие се борци, тие се херои! Тие се сонца кое му пркосат на мракот, бестрашни и гласни, а тоа не му одговара на овој народ.

На едната половина им е несфатливо како група жени го можат сето ова или подобро би рекла – им е дозволено сето ова, а другата половина потајно им завидува на храброста и слободата, и само затоа што нема доволно силен `рбет да се исправи и да застане, решава да ги плука.

За да ја доловам сликата подобро, со нивна дозвола, во оригинал ги пренесувам коментарите кои овие жени секојдневно ги добиваат во своите виртуелни сандачиња:

Каков родител си ако сакаш да излегуваш и да се глупираш, ко сечија да си?

Каков пример даваш на детето со фризурата ко тинејџерка?

Абе ајде, ве знаеме што говеда сте вие самохраните мајки – егоистки што не знаат за компромис.

Што се занесуваш, излегуваш со ерген, а дете имаш дома за гледање?

Како бе може да излегуваш секој викенд, а детето дома ти спие со баба му?

Знаеш ли дека му ја деградираш иднината на твоето дете со тоа што насекаде раскажуваш дека си самохран родител?

Секој може да те има, не се прави недостапна, сигурно не знаеш од кој ти е детето.

Демек си помагаат овие самохраниве мајки, ама живи кучки, само за парите мислат и каква шминкичка да си купат...

Дали се згрозивте? Дали ви доаѓа да си ги истурите цревата на подот од овие гнасни коментари?

Добро луѓе, од каде ви извира таа злоба? Во генетскиот код ли ни е впишана или ни е научена, како ја храните секојдневно, нели ве јаде, ви ја грицка утробата, ве полни отров до задушување?

Во кој темен век живеете? Се обидувам да ви го замислам профилот и менталниот склоп и кои се вашите побуди да пишувате вакви гнасотии?

А еве што најмногу ме плаши – ако верувате вистински во нив! Ако верувате дека една самохрана мајка е растуреница, расипикуќа, болва, гнилеж, срам. Дека нема права, не заслужува да живее, да се смее, да се радува, да си носи фризура каква што сака, да се облекува онака како што сака. Дека не смее да излегува и да се забавува, дека за неа втората, третата или десеттата шанса за љубов не доаѓаат предвид.

Ако искрено верувате дека нејзиното дете треба да се срами од самохраниот родител или дека ќе биде истрауматизирано и несреќно, ве жалам.

Не златни, знаете кога е несреќно? Кога ве гледа со помодрено око, а вие го лажете дека сте паднале од скали. Кога трескањето на раката од маса претставува крај на една дискусија.

И вие молчите и голтате кнедли, а детето трепка со страв или се крие во собата под покривачот со затнати ушиња. Кога живее со трауми и плачки и физички пресметки, со деспоти и тирани неспособни за љубов и разбирање.

Сите соодветни фризури и прибрана облека на светов нема да ве претворат во добри родители, а вашето малечко во среќно дете и зрела индивидуа.

Сиот морал кој го проповедате ви е затруен и скапан. Вие сте гнилежот, креаторите на оние бедни коментари, вие сте она кое нè враќа назад.

И еве ви една уште пострашна вистина: не сите самохрани мајки се решаваат на овој чекор поради семејно насилство, иако верувам дека тоа е најсилниот мотив. Но, понекогаш нема повеќе љубов. И атмосферата се закиселува и луѓето тонат и се несреќни додека грчевито се држат за тој свет брак, нели, заради доброто на децата. Љубов, што беше тоа, не ти е потребно, тоа е за неморални жени, за расипикуќи! Скандалозно, нели?

Помислете на ова следниот пат кога ќе си легнете грб со грб со партнерот кој не ве прашал како сте со недели. Партнерот кој не ве допрел со месеци. Кој веројатно не ве ни познава, а вие не само што не живеете, вие не ни сонувате.

Да не зборувам за штетата која му се случува на детето. Ви размислува ли мозокот до таа точка, сериозно ли мислите дека еден пропаднат и неквалитетен брак ќе биде подобар избор за иднината на тоа дете, отколку посветена и грижлива самохрана мајка или татко?

Ете дотолку сте осакатени и заслепени. Дотаму ве носи тој ваш утврден шаблон на лажни вредности, и тој морал со кој се тупате во гради, и тоа воспитување, кога една храбра мајка ја опсипувате со грди коментари како оние погоре.

Можете само да се помолите за храброста и посветеноста како жените кои ги добиваат овие коментари. Може да им завидувате на слободата од секој можен аспект, затоа што тие создаваат историја, додека вие сеете омраза, безнадежност и мрак.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg