Незнаењето е чума, но одбивноста да се праша е уште поголемо зло

Ние Македонците сме народ кој секогаш има нешто да каже. Тоа е најчесто нешто лошо. Во недостаток на знаење и аргументи, комбинирани со огромно его и домашно невоспитување, се плашиме отворено да дискутираме на многу теми и најчесто ги етикетираме со погрдни зборови ставајќи точка на муабетот. А, понекогаш и се срамиме, иако реално нема потреба.

Neznaenjeto-e-chuma-no-odbivnosta-da-se-prasa-uste-pogolemo-zlo-01.jpg

За проблемите треба отворено да се разговара, за да се пронајде решение. Инаку вечно ќе си мижиме и ќе си свиркаме и секогаш некој друг ќе ни биде виновен.

Една од вечните теми за жолчни дебати и караници се хомосексуалците. Ги има, и тоа многу, немојте да се залажувате дека светот е полн со нив, ама баш ние во Македонија сме раат од таа чума. Всушност, не се чума, не се болест и нема што да бидеме или да не бидеме раат.

Тие се луѓе како нас од крв и месо, не вонземјани од друга планета. И имаат еднакво право да работат и љубат како и сите останати. Што не е јасно тука? На кој начин ви го загрозуваат животот и мирот? Целата таа омраза како тоа не е нормално покрај сите лоши работи кои се случуваат во овој ненормален свет ви е неоснована и полека ве труе.

Можеби некој од вашето најблиско опкружување е хомосексуалец кој се плаши да покаже каков е, само затоа што вие подготвено ја чувате секирата позади врата. Ма нека пати, важно е јас да сум среќен.

Самохраните мајки за кои веќе имаме зборувано се исто така популарна тема кој се пика под тепихот. Затоа што така е најлесно, игнорирај го проблемот и тој ќе исчезне или ќе се реши сам од себе. Да спиеме сите на тоа загноено уво додека не умреме.

Самохраните мајки се реални, и не се девијантна појава, ниту наезда на неморални блудници. Тие бараат да бидат слушнати, имаат реални проблеми и потреби, а нашата незаинтересираност и вртење со главите нè прави најголеми страшливци.

И знаете како велат – пооди еден километар во туѓи чевли, па види како е. Немате право да обвинувате, кога секој од нас може да биде жртва на таа несреќна судбина. Само што тие ја земаат несреќата во свои раце и ја обликуваат во светла иднина. А, вие пенливо плукате гнев и омраза.

За крај, децата со посебни потреби и лицата со инвалидитет се исто така дел од реалната слика на секојдневието. Колку пати сте ја слушнале етикетата ментално или ретардирано, за децата со аутизам или Даунов синдром? Каков живот мислите дека живеат лицата со инвалидитет во Македонија, сте се запрашале ли некогаш имаат ли доволно услови да излезат сами на воздух или до продавница?

Дечињата со посебни потреби се како и сите други, сакаат играчки и смеа и љубов, копнеат по топлина и разбирање. Потребно е само малку трпение и многу едукација за да ги прифатиме, наместо да ги дистанцираме како мали црни овчички.

Незнаењето е чума, но одбивноста да се праша и научи е уште поголемо зло.

А, ние сме толку чудно контрадикторни, се плашиме отворено да разговараме за секс или сексуално преносливи болести, додека истиот безмилосно ни се сервира каде и да се завртиме. Не, ние немаме секс, Господ да чува, нема што да се разговара на таа тема.

Исто како и на темата религија, ин-витро со донор, мобинг на работното место, бездомници, правата на малцинствата... списокот е бесконечен.

Сè што не ни е доволно познато, нам ни е чудно и бизарно, а вистината е дека нè плаши.

Па, да не се плашиме повеќе. Да не замолчуваме пред неправди само поради стравот од непознатото. Да направиме некаква промена и разлика додека сè уште сме тука.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg