Проштално писмо од мојот татко: „ Јас заминав пред дождот, сега си сосема сам...“

„Ти никогаш не можеше да ме разбереш, ниту во она што го зборувам, ниту во она што го правам, затоа што беше малечок и сето тоа ти делуваше нелогично. Јас тоа многу добро го знаев, бидејќи ми беше пренесено од дедо ти, како што тој умееше да каже „Каде што сега ти минуваш, јас одамна сум поминал” и да се насмее со една блескава насмевка под тие засукани мустаќи.

nikoj-ne-me-predupredi-deka-zivotot-e-tolku-gnasno-kopile-01

Можеби бев престрог, можеби бев прегруб, можеби многупати предизвикав солзи на твоето лице. Знам дека не бев совршен родител, но сам маж кој не знае да готви и пегла, сам се борев да те одгледам, да те израснам, да бидеш мажиште подготвено за предизвици.

Прости ми ако погрешив, но никој не ми даде прирачник, никој не ми кажа дека мајка ти прерано ќе нè напушти, никој не ме предупреди дека животот е толку гнасно копиле.

Не сакам да пцујам, а си ме слушнал како тоа го правам многупати. Извини за сите тие навреди, за сите тие денови поминати во тага, за сите нервози и сите сведоштва кои го истрауматизираа твоето детско душиче.

Сакам да знаеш дека те сакав, иако можеби не делуваше така, иако никогаш не покажав. Сине, јас те сакав!

Веројатноста дека ќе заврне дожд додека го читаш ова е пола-пола, отсекогаш се шегував со тоа, знаеш ти, но постојат две можности, или ќе го читаш пред дождот или по дождот, бидејќи знам дека твоите очи обожаваа да бидат на прозорот кога надвор врне дожд.

Ми остана да ти пренесам уште едно нешто, пред целосно да избледам од оваа хумусна почва. Додека растеше секогаш ме прашуваше: „Тато, тато, што се случува после светкањето и грмежот?”. А јас со насмевка ти велев дека ќе заврне дожд, дека ќе ги измие улиците, дека ќе ги сокрие солзите.

Тој дожд кој ти обожаваше да го гледаш низ прозорот носеше промена, ги чистеше вечните домови, им даваше живот на скоро исушените цвеќиња во дворот и ѝ даваше дух на пожолтената трева. Се спојуваше со земјата и ги хранеше корените на сè она што даваше смисла на животот.

Пред дождот, комшиката секогаш излегуваше да ги собере алиштата од жицата, сите се бореа да најдат некое засолниште, да се заштитат себеси и својата сопственост од оловните капки. Сè беше некако поинаку пред дождот, а потоа ништо не остануваше исто после неговото заминување. Нешто слично на животот.

Сите случки кои ќе ти се случат, наликуваат како на делот пред дождот, за време на дождот и по дождот, се најавуваат со една грмотевица која можеби ќе ти го наежи телото за добро или ќе ти го изремети организмот за лошо. Траат, не знаеш колку долго, но траат. Можеби ќе уживаш во нивната појава или едноставно ќе те нервира тоа што ќе ти го уништат денот.

За на крајот да ја извлечеш поуката и да сфатиш која е промената која ја направил животот, без разлика дали тебе ти се допаѓа калта, таа е пост ефект на самиот дожд. Така и со животот.

Јас заминав пред дождот, сега си сосема сам на овој свет, но имај на ум сега следува дождот, уживај во него, иако не бев совршен татко ти оставив многу за да можеш ти да бидеш совршениот родител. Ќе дојде и делот по дождот, препушти се, не плаши се, исплачи се, тоа е само процес.

Додека ги пишувам овие редови на ова проштално писмо, се сеќавам дека кога ќе завршеше дождот ти ќе ме прашаше: „Што ќе биде сега до наредниот дожд?”, а јас ќе ти речев: „Сонце синко, ќе блесне едно кристално, јасно, жолто сонце”. А ти ќе се насмевнеше, викајќи „Сонце, сонце" со ракоплескање.

Ти ги заслужуваш сите сонца на овој свет, ќе те чувам од зад облаците, одвреме навреме помини и смени ми цвеќе во вазната, знаеш дека сакам бела кала.

Биди силен.

Ти ја праќам цела моја љубов,

Тато“

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg