Светот секојдневно се обидува да ми ја одземе наивноста, но одбирам да не се менувам

Секојденвно се будам со истата помисла или ете можеби треба да ја наречам моја замисла за животот. Постојано со истата насмевка и позитивна енергија која се обидувам да ја пренесам на светот иако знам дека една ластовица не ја прави пролетта, сепак не се откажувам.

svetot-kako-da-barase-nacin-da-mi-odzeme-se-01

Не знам што ми даваше причина, но верувајте во мојата глава постоеше теорија дека сите се будат со чисти мисли во својата глава и со топлина во нивното срце. Верував дека сите се наивни и добронамерни.

Без разлика што имаше милион знаци дека јас сум во заблуда јас верував, верував дека сите зборови се искрени, сите дејства реални, сите луѓе вистински, сите моменти драгоцени. Мислев дека сечија душа е исполнета со боите на среќата и секој се обидува да ја пронајде сопствената боја без да ги повреди другите.

Но, како што изминуваа годините научив дека без разлика колку е невина твојата душа и колку се чисти твоите мисли, без разлика колку љубов имаш да подариш и колку позитивна енергија имаш да испратиш, светот ќе најде начин да ти одземе сè, да те промени на најчуден начин. За да те натера да изгубиш ентузијазам, да изгубиш енергија и да се претопиш во досада која се одликува со своето сивило.

Низ годините кои минуваа сфатив дека општеството ќе најде начин да те расипе, обидувајќи се да те промени, да те стави во нивните рамки и да побие сè што треба да биде твој личен печат. Да те фрустрира до точка која ќе те натера да станеш полош од најлошиот, понервозен од најнервозниот, ќе ти го одземе целиот спокој и ќе ја уништи хармонијата со која си се будел секојдневно.

Научив што се солзи, научив за предавство од луѓе со кои сум го делел лебот, научив за неверство, за скршено срце, за лузни и рани кои не зараснуваат, научив дека луѓето си одат без мое барање, некои за секогаш. Зарем мојата утринска насмевка го посакуваше сето тоа?

Зарем светот треба да тежнее кон создавање на трауми кои не се лекуваат?

Го заслужуваме ли тоа, да нè променат, да изгубиме сè што е позитивно и да бидеме позлобни од најзлобниот само поради комплексите кои ни ги набиле и идеите кои ни ги наметнале?

До ден денес кога одам по улица се смеам, како шупелка, како некој за кој многумина ќе помислат дека е „нетокму“, но тоа не ме засега. Пуштам поглед полн со сјај кон секој случаен минувач и ја чувствувам енергијата на прифаќањето. Живеам за да го почувствувам тој позитивен електрицитет.

Можеби сум пател, многу повеќе од многумина кои не пателе, а сепак се намќори, но научив да не ја симнувам мојата насмевка. Знам дека чекаат да скапам однатре, знам дека очекуваат да се откажам. Да бидам зависен од злоба и среброљубие, да не бидам толку среќен кога станува збор за животот, да се откажам и да бидам како нив. Но, не се давам.

Без разлика колку животот сака да ми ја одземе наивноста и добрината која често другите знаат да ја искористат, а потоа да ме отфрлат, јас не се менувам.

Немојте ни вие, уникатниот печат кој го носите во гените не го давајте за ништо на светот, колку и да изгледа нелогично и неправедно, тоа е она што ќе ве издигне над другите. Вашата замисла можеби нема да го промени светот, но ќе исполни нечиј ден со енергија доволна за три животи.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg