Обидувајќи се да го изгуби, таа го откри животот

„Дедо ајде раскажи ми уште една приказна, не сум јас крива што толку не ми се спие”. Рече мојата темпераментна внука, додека се обидував да воспоставам контрола и да ја натерам да спие.

obiduvajki-se-da-go-izgubi-taa-go-otkri-zivotot-01.jpg

„Но вети ми дека оваа ќе биде последна, вети ми дека после тоа ќе спиеш, бидејќи ако треба пак да зборувам устата ќе ми фати пена,” реков јас со заканувачки тон.

„Речено, направено, ајде уште оваа и веднаш ќе заспијам,” рече малата итрица. Слаб на неа, јас почнав да раскажувам...

„Беше септемвриски ден. Брановите ја потиснуваа, ја носеа, а таа како анаероб се бореше да го дофати последното парче воздух, но не успеваше, брановите си играа со нејзиното тело, а тоа како неискусна балерина, се движеше по збеснатата толпа од бранови.

Времето минуваше, а сонцето беше застанало зад планината и фрлаше еден прекрасен портокалов зрак, кој се одбиваше од куќите до езерото. Никој од минувачите не гледаше во разбеснатото езеро, туку сите уживаа во топлината на зајдисонцето, во звукот на птиците, во таа хармонија и меланхолија и никој не се грижеше дали утре повторно ќе се разбуди.

Телото на девојката беше како рана врз тоа прекрасно време, само тоа стрчеше, само тоа не се совпаѓаше во таа единствена слика на убавината. Сонцето заоѓаше и фрлаше темна сенка, кога одеднаш, женски крик одекна, ја наруши таа убавина. Една старица исплашено викаше на брегот, покажувајќи со растреперена рака кон езерото, насочувајќи кон телото на младата девојка во него.

Сите присутни се затрчаа, да помогнат, да го извадат телото, затоа што никој не знаеше како се нашло таму. Иако сонцето скоро зајде, сепак уште еден зрак лакомо ја пратеше ситуацијата, само едно храбро момче пливаше кон беспомошното тело. Стигна брзо, ја фати, како таа да беше жената која му значи сè во животот, ја зграби и го успокои тоа кревко тело во неговите раце.

Се обидуваше да ја испрати целата топлина од сопственото тело. Ја однесе на брегот и ја стави на песокот. Иако не ја познаваше, сепак се надеваше дека таа убава девојка ќе ги отвори убавите очи и дека ќе го исправи своето прекрасно витко тело.”

„Што се случи потоа, ги отвори ли очите?” праша малата умница, која не знае да заспие на време.

„Го погледна него и како за прв пат да го виде животот, извалкана во песокот, таа најде нешто што мислеше дека никогаш не би го пронашла. Обидувајќи се да го изгуби, таа го отрки животот и сè она што и беше потребно за да живее. Го прегрна и посака никогаш да не престане тој стисок, да трае вечно.”

„А како се викала девојката чиј живот го спасил момчето?”

„Се викала Ана,” реков јас со смирен тон.

„Колку убаво име, исто како моето кое сум го наследила од баба ми. Многу ми е мило што девојката ги отворила очите и останала во прегратките на момчето”.

Ајде сега на спиење. Таа ги затвори очите без да знае колку потсетува на таа девојка која беше спасена од водата, нејзината баба.

Слични очи, ист темперамент си помислив јас додека го гаснев светлото, штета што таа замина пред нејзиното доаѓањe. Кој знае што би било  да можат да се запознаат, кој  што ли ќе беше со светот ако тие два темпераменти се сретнеа еден со друг.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg