Дури сега ја разбирам баба: „Нека ми земе Господ сé, само умот нека не ми го зема“

Што правиш девојче, прашува милно баба ми додека мешам цвеќиња и вода во малата конзерва.

Neka-mi-zeme-Gospod-se-samo-umot-neka-ne-mi-go-zema-01.jpg

Ручек правам, важно ѝ одговарам додека малото дрвено стапче глуми лажица.

Тоа ми е еден од најубавите најнежни спомени од детството. Баба ми прави баница, а јас ручек со цвеќиња. Заедно гледаме македонски народни приказни.

Со малата четка ѝ помагам да ја нанесеме фарбата за коса во задниот дел каде што таа не може да дофати. Јас сум малечка и несмасна, се валкам како мало прасенце, а баба ми брзо ја пере маичката со свинскиот сапун. Мене ми е малку чудно сето тоа, како од свињата се прави сапун.

Широко ги отварам очите додека ми објаснува, и пак ништо не ми е јасно, па не останува ништо друго освен да се смеам. Сапун од свинче. И баба ми се смее додека го пие третото кафе, а само пладне е. И така ни поминува денот, во смеење и „сериозни“ разговори.

„Од нога“ сакам да умрам. Само да не го изгубам паметот. Нека ми земе Господ сé, и прстот и раката, и нозете, па макар и виделото. Само умот да не ми го земе.

Ете така си кажуваше, и мене повторно ништо не ми беше јасно. Се лутев кога ги слушав овие муабети и само повторував – Доста бабо, ти нема да умреш никогаш.

Како за инает, се случи тоа што баба ми најмалку го посакуваше, ја напушти разумот. Сега, после 25 години сфаќам што сакала да ми каже.

Во малата собичка лежи баба ми со изгубен поглед како на мало дете кое заталкало на непознат терен без родителите. Гледа во празно, си шепоти некои нејасни и неразбирливи зборови. Лицето и е бледо и испиено, бојата на косата одамна паднала, онаа боја која ја нанесувавме кога бев дете.

Под белосребрените прамени коса се кријат очите и само тие се исти како на баба ми, бидејќи нема ни трага од жената која беше некогаш. Со мака се исправа од постелата и меко седнува на креветот. Лесна е како пердув, немо нé набљудува и не ѝ е јасно кои сме и што бараме тука.

Неколку солзи ѝ се слеваат низ милото лице, баба ми плаче, си приспомнува луѓе и настани кои се случиле пред повеќе од 20 години. Нејзе ѝ се свежи и болни како да се случиле вчера. И не можеме да ја разубедиме, ниту да ѝ помогнеме.

Конечно сфаќаш што сакала да каже со тоа „да не ми го земат само паметот“. Бидејќи таа е изгубена, ограбена од сите спомени, од целиот свој живот.

Нé не препознава и се помируваме со тоа. Не сакам да гледам како страда, не сакам ништо да ја боли. Полека станува да си одиме, се приближувам да ја гушнам. Цврсто ми ја фаќа раката со нејзината.

Седи, седи уште малку те молам. Не си оди, седи. Те молам, милно ме замолува баба ми додека срцето ми се дроби до последната прашинка.

Седнувам до неа, ја галам по косата, ја молам да не плаче. Ме гледа со очите исплакани, знам дека не ѝ текнува која сум, но не ми ја пушта раката.

Низ телото ми поминуваат сите спомени како електрицитет, мојата цветна манџа, нејзиниот зелник, пржената урда со јајца секоја сабота. Новогодишните пакетчиња со црвен балон, црната боја за коса, свинскиот сапун, гласните комшивки со кои се пиеше кафиња пред куќата, нашите преспивања, зимскиот распуст, санкањето во дворот, зелената лулашка, вреќата наут која ја дупнавме, цвеќето кое го испокасапив со ножето, баба ми како ме крева со сета сила да ги дувнам свеќичките, грижливо спакуваниот подарок за мојата матура, нејзиното насмеано лице на мојата свадба...

И додека спомените непрестајно се редат како на филмска лента, не можам да не помислам на зборовите и молбите да не ја напушти само паметот, и истото го помислувам и јас – Нека не ме напушти паметот кога ќе дојде време, затоа што не сакам да живеам без моите спомени.

Не ни забележав кога потекле солзите низ моите лице, додека баба ми грижливо не проговори – Не плачи.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Држи мe цврсто за рака“: Приказна за љубовта меѓу ќерката и таткото „Ако јас те држам за раката и нешто ми се случи, големи се шансите да ти ја пушт...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Бадник и Божиќ во мојот дом во Битола – Баба ми возбудено готви, јас дотеран за во црква Паметам кога бев малечок, уште во зорите на ладното зимско утро ќе ме разбудеа п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg