Скржавци, за вас е резервиран 9-иот круг од пеколот

Во животот запознавате и ќе сретнете многу типови на луѓе, но ретко кој ќе ве напне онолку колку скржавиот тип. Тој е оној што се препира дека му должите 5 денари, инсистира да ви врати 2 денари, бидејќи нели „чиста сметка – долга љубов“.

Skrzavci-za-vas-e-rezerviran-devettiot-krug-od-pekolot-01.jpg

Парадоксално, тој е оној кој најмногу јаде и лока на секоја прослава, а за неговиот роденден мистериозно исчезнува од градот или е болен и ги употребува сите изговори во името да не го почести друштвото и да не потроши некој денар.

Скржавоста е болест, опасен вирус кој се заканува да ве остави без пријатели со уништено чувство за култура, споделување и основно домашно воспитување.

Можеби длабоко во себе се убедувате дека не сте скржави, само економични. Под превезот на економичноста никогаш не седнувате веднаш до такситот, туку секогаш се стискате на задните седишта и поблиску до вратата, за да може да шмугнете веднаш штом ќе се искуца фискалната сметка. Одговорот е подготвен – Леле, немам ништо ситно, ќе ти дадам после.

И никогаш не раситнувате, додека таа 1000-ка фаќа мувла во паричникот. Подоцна се прашувате зошто другарчињата ве одбегнуваат и не ве канат повеќе на излегувања.

Да речеме дека еве, до некаде можам да разберам зошто сте малку скржавци. Сте имале тежок живот и сиромашно детство, иако ваквите луѓе се прилично драматични и ги ескалираат ваквите ситуации до неверојатни размери. Просто уживате да се претставувате во улогата на жртва. Не е важно што земате дупло поголема плата од другарот, ама вашите сметки се секогаш поголеми, трошоците посериозни, животот потежок.

Вие сте како оној од вицот: Конечно потрошив 12.000 денари!

- А што си купи?

200 евра!

Можеби во детството му се восхитувавте на Ѓорѓи Колозов и неговата „економичност“ во македонската народна приказна со урнисаната куќа без скали, скинатата кошула и моментите кога дури си ги штедеше и зборовите. Па време е да си пронајдете друг херој, бидејќи овој умре проколнат и заборавен.

Никој не те охрабрува да бидеш расипи-куќа без скршена пара во џебот.

Ама биди човек да му се сневиди! Доста броиш и пресметуваш, доста со виши математики, калкулации и манипулации како да ги прејдеш сите околу тебе за да заштедиш 20 денари. Затоа што оп – 20 денари тука, 20 таму и еве си – богат човек.

Ќе те разочарам ако ти кажам дека тие 20 денари не ти ја богатат душата?

Па скржавецу во мојот живот, што секако постоиш и во животот на секој друг човек, еве еден бесплатен совет: Најдобро е нештата да се делат со блиските и пријателите. Во тоа всушност е и убавината на нашето постоење. Никој нема со восхит да рече – Бре, каков штедлив човек беше, туку може да те запаметат и споменат поради дарежливата несебична душа.

Отвори го срцето и умот, а бога ми и паричникот. Земи почести некого од срце, купи убав подарок сличен на оние што ги добиваш со внимание и љубов.

Не биди оној кој се крие во тоалетот на работа и лакомо бутка чоколадо во устата. Не биди оној кој ги удира по рацете блиските кои сакаат да пробат едно компирче од помфритот во твојата чинија.

Не се препирај за петте денари од кусурот, животот е многу повеќе од една монета.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg