Деца од 15 години во сериозни врски - дефект на нашето секојдневие

Пред некоја недела си муабевме со колешките за сите стандардни и вообичаени теми: Хроно диетата, која е најдобрата мат пудра, каде има добри и квалитетни чевли на попуст... Не знам како стигнавме до делот каде што двете почнаа да си ги фалат зетовците, додека јас збунето не прашав зарем девојчињата не се сé уште во средно училиште.

deca-od-15-godini-vo-seriozni-vrski-defekt-na-naseto-sekojdnevie-001.jpg

Да, во средно се, двете се втора година, ми одговорија.

Едната штотуку прославила годишнина, другата веќе направила две и повеќе години со дечкото. Аман, кога ги фатија толку рано, кога прославија две години врска, запрашав без многу да размислувам и се изнасмеав.

На мојот коментар што очигледно не им се допадна реагираа брзо и остро: Ќе видиш како е, ќе имаш здравје женско дете. Подобро да си биде со дечко, барем ќе си ја знаеш каде е, отколку да ја мислиш цело време со кого е и што прави.

Можеби ова има логика за некого. За мене е чиста бесмислица. Не ми е јасно како одеднаш дојдовме до етапата каде што од дома те охрабруваат да си фатиш дечко „за озбилно“ уште на 15 години. Не ми е јасно како се поддржуваат ваквите долги врски на толку млада возраст кога реално сите се незрели како зелени круши.

Па како биле на одмор, па како отишле на свадба кај прв братучед на потенцијалниов зет, викенди надвор од градот, семејни ручеци, врамени фотографии од заљубениов пар по дома... цел еден живот кој го искусуваш кога си барем малку позрел, после 20-тата година. А тие веќе го преживеале.

Направиле сé што може да се направи, биле секаде, прошетале секаде. И се водени од мислата дека тој е првиот и последниот партнер кој ќе те привлече во животот и со поддршката од мама и тато кои мирно спијат, бидејќи ако немаш дечко којзнае што ќе се случи со тебе. Ќе завршиш наркоманка, уличарка, непрокопсаница. Вака дечкото во втора година средно ти е гаранција дека од тебе ќе излезе совршено кокиче.

Дај бре родители не ги терајте децата да растат пребрзо, како малку да им е целиот притисок од брзиот развој на технологијата и општествените околности.

Вложете се малку повеќе, поминете повеќе квалитетно време со нив, разговарајте отворено, комуницирајте постојано, изградете едноставно добар однос и имајте доверба во сопственото дете.

Мене би ми било крајно понижувачки како мајка утре да речам – подобро да е со дечко, отколку без него затоа што не знам што ќе прави и каде ќе оди сама.

Оваа изјава зборува премногу за вас како родител кој како да не умее да го воспита детето и нема контрола, како и за самото дете, како да е толку изгубено и лековерно што само дечкото на 15 години ќе ѝ го покаже патот или ќе ја заштити.

Научете ја сама да се штити, сама да се труди и да напредува, но најмногу од сé – потрудете се што е можно подолго да остане дете кое е слободно. Нека не глуми зрела девојка и жена на 15.

Бидејќи како нација имаме тенденција да одиме од крајност во крајност, страната која во случајов ќе се обиде да ги одбрани овие „девојчиња-тетки“ ќе го употреби аргументот „Зарем е подобро да менуваат дечковци како чорапи?“

Не, не е добро ниту тоа. Ништо што оди од една во друга крајност не е никогаш добро. Но, вистината е дека на 15 години едвај можеш да одлучиш каква боја чорапи да си купиш, а не пак да си сигурна дека си го пронашла партнерот на твојот живот.

Има време и за дечковци и влечковци и сликање по свадби кај први братучеди и одење по мекици. Има толку многу време за тие работи што ќе ти збоктисаат.

Детството и безгрижното тинејџерство од друга страна поминуваат толку брзо и немаат реприза.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg