Одморот со полн багажник домати не е дефиниција за луксуз

Пред неколку недели се возиме утрински, уморни и поспани во една расклатена 12-ка. Сонцето одвај се наѕира, целиот умор се напластил врз грбот на патниците упатени кон своите работни места. Сепак, двајца од нив со особен ентузијазам си муабетат прилично гласно, па сите приморано им го слушаме разговорот.

odmorot-so-poln-bagaznik-domati-ne-e-definicija-za-luksuz-001.jpg

Имено, се објаснуваат за некој трет колега што решил да си даде отказ. Што повеќе сакал од животот кога и тој и жена му имале „јаки“ плати. Тој земал дури 18.000 денари, а и жена му не била за жалење со нејзините 250 евра.

Во моментот без многу размислување пресметувам колку многу пари се тоа и за алчноста и себичноста на колегата кој ете, решил дека му е дојдено преку глава и дека заслужува повеќе од заеднички буџет од околу 500 евра.

Овие луѓе ги делат од пензија уште десетина години. Тие се сега по некое непишано правило во зенитот на својата кариера. Мојата претпоставка, по некоја логика, е дека повеќе пари ќе успееш да заработиш во подоцнежните години, кога си постар, поискусен, со повеќе работно искуство.

Овие луѓе активно работат повеќе од 20 години. Сигурно имаат и деца, фамилии за кои се грижат и ги издржуваат. И тие луѓе, намачени, изнаработени и жални, заслужиле многу повеќе од 250 евра плата.

Но, она што особено ме загрижи беше реакцијата на другите двајца патници. Тие го направија човекот нетокму во умот, будала. Тие го направија алчен и неблагодарен.

Ете до таму стигнавме, сметаш дека заслужуваш повеќе, а другите те убедуваат дека си алчен и непромислен. Си решил да му удриш бокс на животот и да му се спротивставиш, а другите уште те етикетираат како среброљубец.

За кое среброљубие зборувате бре луѓе? За она каде што не може да си дозволиш пар нови пристојни фармерки во 6 месеци? За она среброљубие каде што одиш само во најевтините маркети и го купуваш најнеопходното? За она каде што луѓе купуваат по 300 гр. ориз или 6 јајца бидејќи само толку пари имаат во џебот?

Да не случајно е среброљубие фактот што со години луѓе немаат видено ниту кино, ниту театар, ниту концерт? Тогаш се прашуваш – чуму ти е живеачката во главниот град, во метрополава наша насушена?

Идејата за живот во главниот град е да имаш толку многу работи достапни на дланка истовремено – културни, забавни, социјални активности. А ние сме се испозатвориле по дома, гниеме како некои стаорци хранејќи се со трошки.

Која алчност е таа бога ти да сакаш да одиш на 2 одмори годишно? Што сакаш повеќе од одмор на првиот крак во Грција со багажник полн месо и домати?

Тоа не е дефиниција за луксуз, не е ниту дефиниција за пристоен одмор. Тоа е некоја измислена варијација која ни служи за утеха дека сме мрднале малку од дома пред да побудалиме.

Ние се трансформиравме во суштества кои живеат во страв и заблуди, дека помалку е подобро и поздраво за сите нас. Ама ние немаме ниту помалку, ние немаме ништо.

Немаме пари за тие нови фармерки или патики, чиниш којзнае каков луксуз се. Немаме пари за тој пристоен одмор каде не мора да ја изнесуваш пола покуќнина од дома.

Немаме пари за квалитетен театар, билетот за кино ни е прескап. Патувањата низ светот се само пусти соништа, новите автомобили илузии, купувањето дом - мисловна именка.

Ама ете, такви сме си, себични и алчни, бараме премногу, сакаме повеќе.

Перцепцијата за пристоен живот толку многу се извитопери, што ти е срам да кажеш дека платата од 250 евра е мала мизерна плата и никако не стигнува.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg