Ниту една далечина нема да го промени фактот дека ти си мојата најдобра пријателка

Да кренеме рачиња колкумина имаме барем по еден најдобар пријател во странство. Ќе ни треба цел ден да се преброиме.

Niedna-dalecina-nema-dsa-go-smeni-faktot-deka-ti-si-mojata-najdobra-drugarka-01.jpg

Пред некој ден буричкајќи по фиоките налетав на стар фотоапарат. Од оние со филм внатре. Цели 30 пози за чкрапнување.

Немаш поим како си излезен на фотографијата додека не го развиеш филмот. Нема луксузирање со бесконечно штракање, ограничен е бројот на фотки.

30 за цел одмор, само 30 за цела екскурзија. Ах, времиња далечни неповторливи.

Љубопитноста надвладеа, морав да го однесам филмот на развивање. Не ми ни текнуваше што сме фотографирале.

Две насмеани лица со подмижани очи. Сонцето ни мава блескава шлаканица додека важно позираме на плоштадот Свети Марко во Венеција. Носам апостолки, ми се скинаа патичињата само што се симнавме во Венеција. Нозете тапан подуени од бесконечното возење во автобусот. Првиот чекор и се одлепија. Ти се смееше гласно, додека мене ми дојде да се расплачам од мака.

-   Дојди, ќе ти купам апостолки. Јас честам.

Не те поколеба цената од 7 евра. – Ауууу, одлично ти стојат. Како би било поинаку со апостолки од 7 евра, ме бодриш додека ги облекувам на врелиот асфалт.

Гракаме и продолжуваме низ тесните улички на Венеција. Подоцна јадеме пица во една мало гратче црвени како ракчиња, испечени од сонцето бидејќи сме заборавиле да си нанесеме крем со заштитен фактор.

Нели ви скисна да поминувате толку време заедно? – прашува мајка ми. Де бре деца, што имате толку за зборување? Цел ден бевте во училиште, и дома сте заедно, и на излегување. Ќе си здосадите.

Не си здосадивме. Не ми здосади никогаш. Секогаш имавме што да си кажеме. Немавме некои особени соништа кои нè влечеа во два различни правци. Немавме големи љубови за паметење поради кои моравме да носиме сериозни одлуки – да се остане или да се замине.  

Го имавме нашиот град, нашата населба која ни беше како огромно игралиште. Наше маало, наши правила.

Го имавме нашето училиште, големи тостови за време на големиот одмор или оние чудни сендвичи полнети само со компирчиња и салата.

Потребно беше само да се помине улицата за да стигнам до тебе и да поделиме чоколадо, да си гледаме на кафе, да сркаме сладолед директно од кутијата.

- Де бре деца, имаме чинивчиња. Божем од планина сте симнати, викаше мајка ти додека гласно се кикотевме.

Несопирливи, тоа бевме ние. Со нашите омилени шпански серии, со песните од Бекстрит Бојс и пеењето со дезодоранси или дрвени толчници во рака наместо микрофони.

Ги гледам фотографиите од нашата екскурзија и срцето ми трепери, а погледот ми се заматува. Одвај си ги додржувам солзите. Понекогаш ми се чини дека си на другиот крај на светот.

Затоа што искрено, не е важно дали си на 500 или 3.000km оддалеченост, секако си ми далеку.

Би дала сè да си тука сега до мене. Да се смееме на глупави шеги, на уште поглупавите пораки од нашите симпатии „за озбилно“. Да поделиме шише евтино вино како некогаш во паркот, да се ѕвериме во небото молејќи се да не заврне утре за да не ни го упропасти денот за дружба.

Нè делат илјадници километри. Авионски летови и уште неколку часови со автобус. Нè делат обврски и зафатени распореди, фамилијарни настани кои постојано како некое ѕвонче неуморно нè потсетуваат дека не сме повеќе на оддалеченост преку една улица.

Ми се крши срцето до последната трошка кога ми се јавуваш расплакана, а јас можам да те утешам само преку телефон. Кога ти ѕвонам и не можам да те добијам. Кога ми треба прегратка од другарка ми, а сè што можам да добијам е порака на екранот.

Мразам што живееме на толкава оддалеченост, на две различни места и морам да се помирам со тоа. Мразам што не можам да те гледам секој ден и што нашите деца не се познаваат доволно добро. Што никогаш нема да бидат другарки како нас.

Но, без оглед на километрите, деновите и часовите кои нè делат, никогаш не си далеку од мене.

Ти си на сите мои драги фотографии. Ти си во вкусот на секое вино кое сме го пиеле заедно, во првиот залак пица која сме ја делеле јадејќи ја на паркетот со мрсни раце и скрстени нозе.

Ти си во секој стих на нашата омилена песна за ѕенѕање и во првата капка дожд, потсетувајќи ме како решивме да му пркосиме на времето и да играме во дворот додека истура како од дупнато.

Ти си постојано во моите мисли и за тоа ти благодарам, бидејќи ме потсетуваш колку сум среќна. Колку е прекрасно да се има некој кој без разлика на оддалеченоста и поминатото време никогаш нема да престане да ти биде најдобар пријател.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg