Сè што не чини во нашиот образовен систем и сè што нè враќа назад

Признајте дека малку паднавте во депресија откако прочитавте како изгледа образовниот систем во Финска. Кога ќе го споредиме со нашиот, компарацијата му доаѓа, народски кажано, како магаре и музика.

Se-sto-ne-chini-vo-nasiot-obrazoven-sistem-i-se-sto-ne-vrakja-nazad-01.jpg

Оваа нивната музика е како безвременска класична мелодија, без ниту една грешка во нотите. Ова нашево магаренце е куцо, слепо на едното око, наглуво, старо и скоро без ниту едно влакно.

Ама многу е гордо да му се сневиди. И со непоправлив магарешки инает. Мисли дека е најпаметно, најлично, најбрзо од сите други магаренца. И упорно се бутка да го помине мостот, иако е очигледно дека не може.

Убаво се сеќавам дека до 4-то одделение ние имавме само 3 главни предмети: македонски јазик, математика, природа и општество. Ликовно, музичко и физичко ни беа часови за релаксација.

Пеевме песни, цртавме, изработувавме работи од пластелин и глина, а на физичко вежбавме баш сериозно и здраво. За 10-годишни деца тоа беше сосема доволно. Дневно имавме максимум по 4 часа.

Како денеска истите 10-годишни деца имаат по 5-6 часа дневно? Зошто предметот Природа и општество имало потреба да се подели на Општество и на Природни науки? Што поточно обработува предметот Техничко образование? Или физичко (и здравствено) образование?

Од пуста љубопитност морав да ги отворам учебниците и да видам со што ги уморуваат денес децата на училиште.

Котирање... мерење со шублер? Дали сте сериозни? Не дека и ние немавме таква будалаштина, се сеќавам дека меревме со шублер во 7-мо одделение на часовите ОТП. Право да ви кажам, како ми се најде таа вештина. Не знаете од каква корист ми е. Еве ме, секој ден со шублерот в џеб, мерам работи околу мене.

Понатаму, цртање скици и сообраќајни знаци... во Paint?! Може да заплачеме веднаш? Paint пред пензионирање, вие ги учите децата да цртаат скици и знаци во програмава.

Излишно е да се зборува за содржината на учебникот, просто жално е за децата да учат такви глупости. Изгледот на „учебново“ помагало е исто така бизарен, впрочем изгледа како целиот да е еден неуспешен проект во Paint. А за неписменоста, граматичките и правописните грешки ако почнеме да пишуваме, текстов ќе го читате до утре.

Кое дете сака да учи од таков безнадежен, неинспиративен учебник? Јас да сум тоа дете нема ни 2 пати да го погледнам, камо ли да го отворам и да се заинтересирам. Па нашите учебници од пред 20 години имаа поубави илустрации и подобра содржина. Дали сте нормални?

Единствено што може да се оправда како дополнителен предмет во наставата е изучувањето на странски јазик. И толку, тука запира нашиот напредок во образованието.

Ќе се најде ли јунак да го промени нашиот закоравен, мувлосан образовен систем? Ќе се свести ли некој да ја ревидира наставната програма, учебните помагала и наставниците поставени за школување на нашите деца?

На физичко треба да се вежба, да се спортува, да се развиват ‘рбетот и телото правилно, а не да се учи некаква си непотребна теорија за тоа како се држи телото исправено. Теорија не помага, физички вежби помагаат.

На физичко патем не се вежбаат задачи по математика и не се пишуваат домашни. Ко малку да им се задачите што им ги давате за дома, уште на физичко фали децата да учат.

Ќе се свестиме ли конечно дека децата имаат премногу училишни предмети, а премалку знаење? Дека повеќе од половина од зададените задачи ги сработуваат родителите? Која е поентата тогаш на образованието?

Зошто им се тие непотребни сувопарни податоци, зошто детето би требало да знае колку грла овци имало во Нов Зеланд во 2007-та година? Што е најтрагично, детето ќе ги запамети насила тие бројки, а истото тоа дете нема да знае да ги покаже страните на светот.

Зошто да не им дозволиме на децата да учат работи коишто вистински ги интересиираат? Зошто мора по секоја цена секое дете да учи математика? „Ама знаеш, математиката е неопходна, егзактна наука, бла бла бла...“ Како да ви кажам, од полиноми и биноми аир не видов. Освен основни математички операции, таблица множење и пресметување проценти, сè друго е тотално излишно.

Кој е способен да биде подеднакво добар по сите 12-13 предмети во училиште? Кој е тој вонсериски талент кому подеднакво добро му оди и мајчин јазик и математика и физика и биологија и хемија, историја и географија и што уште не?

И најважно – зошто мора да биде одличен во сите области? Зошто да не се ограничи на нешто што вистински го интересира и за нешто за кое е талентиран и надарен?

Па кога ќе дојдеше време за тој проклет наставнички совет... „Еве, ова дете ги има сите петки, математика има тројка, ама ние ќе се погрижиме сите да му се петки, па еве му една и по математика...“.

Зошто? Зошто ги програмираме децата дека мора да се сите одличници од прв до последен, а ако недостасува една петка ќе му ја подарат за една совршена низа, иако му е незаслужена?

Поттикнете ги децата да размислуваат, да се самоискажуваат, да читаат убави книги, да цртаат, да играат и пејат. Скројте им подобар, поефикасен наставен план, направете им подобри учебници, и конечно – диференцирајте способен кадар кој ќе се грижи како се сакаат и образуваат деца, некој кој ќе ги инспирира, ќе ги научи нешто вредно и трајно.

Не некои кукли што одвај самите си го знаат јазикот и што ќе им зборуваат само за турски серии и новата песна на Северина. Не некои што чекаат да ѕвони побрзо отколку дечињата. Не некои што дремат на Фејсбук додека трае часот.

Среќен прв училиштен ден дечиња! Се надевам дека нема да ве задојат со мислата дека треба да се учи напамет, туку со разбирање.

Се надевам дека наставниците ќе ви влеат храброст да истражувате и да размислувате самостојно. Да не се срамите, да не се плашите од неуспех и грешки. Бидејќи секоја грешка е само уште една научена лекција. Да не се плашите да кренете рака, да поставувате прашања, да си ги кажувате мислењата.

Конечно, се надевам дека некој ќе ве научи дека не е сè во петките, туку во знаењето.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Се надевам дека ќе имаш храброст да ги направиш работите поинаку Се надевам дека ќе имаш храброст да го сакаш повеќе светот, кој на моменти те ра...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg