Јас сум од времето на Снежец и Чоко-локум!

Jas-sum-od-vremeto-na-Snezec-i-Coko-lokum-01.jpg

- Ама секогаш сум јас Рафаело, кога ќе бидам Микеланџело?, се бунтувам додека си го делиме „оружјето“ на нинџа-желките.

- Утре.

- Ама утре ќе играме Избор на мис!

- Епа, задутре.

До задутре веќе сме заборавиле што сме зборувале и сме преминале на некои нови игри и авантури. Не знам да скокам на ластикот, ама сакам да бидам дел од играта, па не ми пречи да го „држам“ на нозете.

Го држиме јас и дрвото од другата страна, додека другите среќно скокаат. Сите сме дел од играта и со нетрпение очекуваме да се стемни за да поиграме „жмурка“. Поубаво можеш да се скриеш во темница.

Претходно изедовме по еден „Снежец“, ги продава тетката зад втората зграда во огромен фрижидер што навечер го заклучува во гаражата. Колку пати сме замислиле некако да се пикнеме во гаражата додека сите спијат и да ги изедеме сите „Снежец“ сладоледи.

Одиме на гости, дотеранки како кокичиња. Мирни сме, не правиме многу бели. Доволен е еден поглед од родителите и да се склопчиме како мали желки во корупките. Таму имаат компјутер.

Никој нема компјутер. Не сме ни виделе како изгледа компјутер (изгледаше како од „Галичките“, патем).

  • - Дојди, поиграј си на компјутерот.
  • - Не, ќе го расипе, одговара мајка ми.
  • - Ама нема што да расипе, ајде дојди.

Се одлепувам од каучот со некој смешен детски срам и седнувам пред тоа чудо на технологијата. Имам 6 годинки, годината е 1991. Домаќинот ми отвора Paint за да цртам, а јас инстантно се вљубувам во програмата. Се обидувам да нацртам квадратче, ама излегува криво. Ми светнува сијаличка како на Балтазар, земам линијар од масата и го движам „глувчето“ (што не знаев дека се вика така) во насоката на линијарот. Совршено квадратче. Пукам од среќа и гордост.

Јадеме црно-бели попарени „ежиња“. Внатре имаат по едно оревче и се најубавите колачиња коишто сум ги пробала. Сите мајки ги прават, во секоја куќа ќе го најдеш истото благце. Така некако сезонски се менуваа благите работи: неколку месеци сите ќе прават „ежиња“, па „чоколадна торта“, па ќе стигнеме некако и до чудото наречено „чоко-локум“…

Надвор врне, не можеме да си играме. Глумиме водители и снимаме радио-емисии на големиот касетофон. Ги вртиме енциклопедиите коишто ни ги купиле родителите со некоја особена, проста набожна посветеност и внимание. Да не се скине некоја страница, да не се истури нешто врз неа. Затоа што тоа треба да се чува, многу е вредно.

  • - Колку време се вари едно јајце?
  • - Околу 7 минути, одговара мајка ми.

Си вариме јајца. Нетрпеливи сме, прегладнети. Не сме разбрале дека се 7 минути ОТКАКО ќе зоврие водата. Сме мислеле дека се вкупно 7. А немаме трпение за 7, имаме за околу 5. Јајцата се полуживи. Ги јадеме и ништо не ни е. Живи и здрави сме. Ниту пак ја запаливме куќата.

Ништо не ни е ниту од тортите од кал и бумбарот кој го летавме на конец. Ништо не ни стана ниту од сринатите колена, џумките на главите и сомнителниот фрижидер позади зградата со „Снежец“.

Ништо не ни е, среќа ни е. Безгрижност ни е, детство ни е, додека се расправаме кој најмногу се уплашил од последната епизода на „Дали се плашите од темнината“ или од Жената што го пукнала Ѓаволот во Македонските народни приказни.

  • - Едвај чекам да дојде зимскиот распуст. Да се санкаме и да гледаме Зимско-рекреативна програма!
  • - И јас, и јас, и јас… одговара хорчето позади детето кое проговорило прво.

Се собираме пред училиште и правиме огромно шарено писмо како ѕиден весник за „Ѕвон“. Генијална идеја: Да залепиме плико и внатре да го пикнеме ливчето на коешто сме се потпишале! Ќе го прочитаат ли нашето писмо? Ќе ги кажат ли нашите имиња на телевизија.

Ги кажуваат и паѓаме во несвест. Баба ми ја снима емисијата на видео касета. На истите тие касети, каде што ќе најдете и нешто од Макфест и „Време за плачење“, нешто од Цветници, нешто од Фолк фест Валандово. Ја пееме и „Запри дожду“ и „Мите море Мите“. Тие беа песните, да не се лажеме.

Шаренило сме од игри на улица, песни, сладоледи на стапче, чоко-локуми и тоа едно дете што видело и цртало на компјутер.

Звучи по малку смешно, нели? Навистина и беше. Слатко, смешно, детски и наивно.

Јас сум од време кое тебе не ти е познато. Или и ти си од истото.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg