Да платам сметки или да купам нови чевли - прашање е сега

Сведоци сме на многубројни мотивациски цитати и статии кои нè подучуваат како треба да живееме без многу грижи. Да не остануваме заробени во минатото, да не се опседнуваме премногу со иднината, бидејќи постоиме сега и тука и важен е само сегашниот миг.

da-platam-smetki-ili-da-kupam-novi-cevli-prasanje-e-sega-01.jpg

А во него имаш моќ да направиш сè што сакаш, само доколку вистински го посакуваш тоа. Во принцип сите тие текстови и совети нè охрабруваат да ризикуваме, да не му ја мислиме многу, како да има некој друг што ќе го чисти нередот зад нас или со магично стапче ќе ни ги реши сите проблеми.

Не бери гајле, купи ги чевлите ако ти прават мерак. Безобразно скапи се, но ти ги заслужуваш, нели? Не му ја мисли многу што ќе правиш за ручек, отиди си во ресторан, порачај сè што ќе ти фати окото, па еднаш се живее, зарем не е така? Не се затварај дома за време на викендите, скроени се за надвор од градот, за мал шопинг до Солун, за шетање низ Белград, за ментален одмор во Банско.

И така некако се охрабруваме и ја поминуваме картичката без многу грижа на совест. Како да ги игнорираме финансиските импликации, како да е тоа некое „гајле“ кое се заклучува во најтемната, најскриената фиока и клучот се фрла некаде каде што нема никогаш да го најдеш.

Арно ама тој те пронаоѓа тебе. Доаѓа во облик на камати, повици од банките за уплата на ратите. Најстрашниот облик е извршителот. Како да доаѓа самиот Ѓавол по своето.

Тогаш навистина не ти е дојдено до новиот пар сјајни чевли, а ти се лоши од самата помисла на храната која ја изеде и ја преплати како суво злато во извиканиот ресторан. Не ти е никаква утеха ниту шопингот, одморот и сите прошетки надвор од Македонија.

Не можеш да ги платиш сметките со парталчиња, пари ти се потребни. Пари кои ги немаш, бидејќи ја потроши не само платата, туку и двете замислени плати кои ти ги „подарија“ од банката. Го гледаш минусот во банката и те фаќа страв и ужас.

Кога потрошив толку многу пари?, се прашуваш.

Хаосот те стигнува, немаш решение. Почнуваш полека да си ја удираш главата и настапува моментот на долго одложуваното каење. Што фајде од сите убавини кога не можеш мирно да спиеш? Секако, сите задоволства те усреќија за момент, но на подолги патеки ти донесоа само грижи и мизерија.

Сите сме растргнати околу тоа, да седам дома или да излезам, да купам ли уште еден пар чевли? Ќе ја поминам ли и оваа зима со стариот капут, а зошто пак да немам 3 во различни бои?

И секој сака да купува, секој сака да има, да ужива. Но, она што никако не можеме да го научиме сите е да си ги спружиме нозете колку што ни е чергата. Ги земаме мирниот здраво за готово.

Ја потценуваме моќта на совеста која подоцна ќе нè гризе како црвот што го глода јаболкото одвнатре додека тоа не скапе.

Сите до еден се двоумиме помеѓу тоа дали да ги трошиме парите на задоволства или да ги намириме прво сметките и да ги купиме сите останати неопходни потрепштини.

Јас гласам за второто. Можеби и не е некој гламурозен авантуристички живот, но барем знаеш дека нема да те прогонуваат банкари, лихвари и извршители.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg