Дали и тогаш ќе ми судите?

 Ќе ме застанат и ќе ми речат бевте двајца и колку бевте убави, зошто си сега сам. Ќе ме застанат и ќе ме прашаат одново и одново, со една иста шега, кога женачка?

dali i togas ke mi sudat 01

Јас само ќе се насмевнам и ќе им кажам дека никогаш не сум се почувствувал толку убаво. Како да сум заборавил да го живеам животот за себе. Сам после многу долго време. Со мојата сопствена дефиниција на среќата, кој друг ми беше потребен?

Знам дека ќе испратат поглед на жалење. Само забораваат дека многу одамна нивното мислење не ме допира. Како во нашата Македонија да мораше да се држиш до размислувањата на општеството. Срамота беше да прекинеш врска, само во име на годините кои поминале, срамота беше да се разведеш кога нема смисла. Сè беше срамота, сè што беше природно и нормално беше срамота. Освен она ненормалното, тоа можеше да се оправда.

Луѓе во врска без причина, луѓе без врска со причина, заробени во канџите на размислувањето на едно глобално село, менталитет кој полека те гуши и сите со стандардна дефиниција за животот.

Што ако не сакам да живеам така, што ако не сакам да ги остварам вашите замисли?

Што ако сум доволно храбар да го испитам животот, да се издигнам од просечното, да ги допрам ѕвездите и да ги поднесам сите жртви кои тоа ги бара. Што ако не сакам да се откажам од сопствениот сон само за да бидам дел од вашата сложувалка?

Што ако знам да речам не, на она што е рутински и препишано како правилно и да ги испишам моите правила на живеење, што ако кажам дека јас ќе ја дефинирам сопствената среќа, а не другите?

Дали и тогаш ќе ми судите?

Ќе ме погледнат повторно, ќе помислат тоа е мојата маска зад која што ја кријам болката, без да сфатат колку е убаво да бидеш надвор од зоната на комфорот. Зошто луѓето се плашеа да излезат, да почувствуваат како е да живееш нешто ново, дотогаш непознато, поинакво од она што го познаваш.  

Зошто обожувавме да играме на сигурно. Не секој ризик значеше добивка, но што е животот без адреналин и многу возбуда?

Зарем ќе доживуваме средовечни кризи за годините кои не сме ги изживеале, кога веќе ќе биде предоцна за сè?

Кога сите тие луѓе ќе напнат со своите глупости, останува простор за мисли кои ќе ве мачат, што ако подоцна ми биде криво, дали играв правилно, дали погрешив, дали можеше поинаку?

Од она што јас можев да го кажам, а го знаев на сопствена кожа... Не!

 Така требаше, од прв до последен детаљ, немаше никаква потреба од жалење и немаше никаква причина за каење. Сите мисли и сите постапки дошле со некаква цел, а и биле предизвикани за некаква цел. Игравме правилно без разлика колку и да беше тоа чудно за другите, бидејќи ова беше наша игра. Која целосно беше под наша контрола.

Немаше поубаво чувство кога на крајот на денот, среќни, ќе си речевте сами на себе, ти завидувам на храброста и ти се восхитувам на духот, како трофеј за сè она што сте го постигнале играјќи по сопствените креации.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg