Стари скопјани со баби и дедовци од провинција, олабавете малку со гневот

Светот уште малку ќе го колонизира Марс, ние не можеме да се договориме дали Скопје е центарот на Универзумот и како останатите „провинцијалчиња“ не смеат да стапнат во него, затоа што го руинирале и му го поткршувале духот. Ќе почнеме да им наплаќаме и за тоа што ни го дишат загадениот воздух, е до толку сме отидени во паметот.

Stari-skopjani-so-babi-i-dedovci-od-provincija-01.jpg

Дајте бре да се освестиме. Очи ќе си извадиме, ќе се испоколиме меѓу себе. Скопјаните, пак, што толку гордо се удираат во гради мислиш дедо им (патем родум од Могила) го ослободил, нека се олабават малку.

Останатите пак кои доаѓаат овде на студирање или по среќа за малку подобар живот нека не измислуваат рачки таму каде што ги нема. Секогаш се жртви, секаде божем угнетени, кога апсолутно никој ништо не им прави.

Сум била сведок како се групираат уште од прв ден на факултет и упорно одбиваат да се социјализираат со „скопјанишчата“ затоа што слушнале од некого дека се многу лигави и себични.

Овие пак одбиваат да стапнат во некој друг град освен ценетава метропола, затоа што „тогаш еднаш на еден мој братучед битолчани му ја изгребале колата, затоа што виделе скУпска регистрација“.

Страшни проблеми, при толку глупости што ни се случуваат во државава, еве со што упорно си се занимаваме. Секој ден.

Што би рекле на шега – продолжен викенд, празни улици низ Скопје, скопјаните си отидоа по дома, нека здивне градот.

Сите се правиме од големото добро утро, а сме толку безобразни, себични и гнасни. Дрски, некултурни и невоспитани луѓе.

„Ех скопјанчиња, да не сме ние и нашите кирии ќе немате пари гаќи да си купите“.

„Еее провинцијалчиња, да не се нашите станови каде ќе ги дочекувате сите партнери кои ги менувате почесто од чорапчиња?“

Од кое колено сте тука во Скопје?, ме запрашува колешка. Од моево колено, одговарам, еве од ова што ме врти кога се менува времето.

Уффф, аман од овие сељачиштава, го уништија градов. Не е Скопје тоа што беше.

А не си ти со потекло од Гевгелија, ја прашувам бидејќи знам дека секој втор викенд оди таму на гости.

Неее, боже сачувај, јас сум си тука родена. Само мајка ми е од таму.

Во ред е од каде и да доаѓате вие или вашите родители, што е тоа толку важно? Што ви менува во животот? Што има срамно да кажеш дека мајка ти е од Тетово, а татко ти од Дебар?

Што е престижов со главниот град не ве разбирам. Богатство се сите градови во Македонија, тоа е истиот народ како ти и јас, со истите проблеми, принуден да се бори за парче леб и да се снаоѓа како знае и умее.

Од крв и месо сме сите, не сме од пластика или роботи на копчиња.

Не ја криј личната карта, не срами се од дијалектот кој го зборуваш. Срами се од навиките и некултурата.

Не е за срамење фактот што доаѓаш од некое мало гратче, срамно е што со себе влечеш невоспитаност и лошотија. Жално е што си со замижани очи, полн предрасуди и со главата в ѕид.

Немој пак да мислиш дека само затоа што си жител на главниот град истовремено си имун на сите лоши навики, како фрлање ќеса ѓубре од петтиот кат. Или инаетењето да платиш 100 ден. за поправка на прекинувач во зградата за да ти свети сијалицата. Граѓани сме, стари скопјани, а се однесуваме недолично на реномето за кое толку грчевито се држиме.

Кога немаш основно зрнце почит, кога си задоен без домашна култура, кога си ограничен, себичен саможивник без грам емпатија, кога си дрзок и полн со себе, арогантен и препотентен кон останатите околу тебе, навистина не е важно дали доаѓаш од Скопје, Росоман или Крива Паланка.

Има луѓе и нелуѓе. И ништо помеѓу.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Заради местата и луѓето кои ми се драги: Зошто го сакам Скопје? Скопје го сакам најмногу заради спомените и среќните мигови поминати во него и о...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg