„Се нема - се може“ само во Македонија, уважени дами и господа


„Се нема - се може“ само во Македонија, уважени дами и господа

se-nema-se-moze-samo-vo-makedonija-uvaezni-dami-i-gospoda-001.jpg

Што јадевте вчера? – Гравче. А денес што ќе се јаде? – Еми гравче. А утре? – Пак гравче.

Леле, секој ден ли јадете грав? - Еее, се има – се може.

Ние сме веројатно еден од ретките феномени кога станува збор за нации кои дури и кога немаат - можат. Знам дека звучи неверојатно, но тоа е реалноста.

И колку повеќе немаме – толку повеќе и можеме. Парадоксално, но вистинито.

Знаеш, важно е секоја жена да си пронајде свој сопствен парфем уште во младоста. За парфемот, се знае, купуваш само оригинали, не таму некои си мизерни „водички на точење“, евтини имитации и копии.

Ама јас немам толку голема плата за да можам да си дозволам оригинален парфем.

Е како не можеш аман, јас земам помала плата од тебе па си купувам, скрати од нешто.

Се нема големи плати, ама се купуваат оригинални парфеми кои чинат третина од таа плата што треба да ти стигне за сметки, јадење, пиење, излегување и сè останато во месецот.

Се нема пари, ама секој ден се пијат кафиња во (ни помалку ни повеќе) елитни места каде што излегувале кул луѓе, затоа што не може просто да го губиш времето некаде каде што нема да видиш некого или каде што нема да си виден.

Се дегустираат ручеци по кафеани секој втор ден, бидејќи дојде време во кое е срамота да кажеш дека знаеш да готвиш.

Се „скрола“ на последните најнови модели телефони.

Не стигнуваат парите бре, ама „фрчат“ скапи фустани и чевли од последните колекции на познатите брендови.

Мали мизерни платички, ама очигледно доволни за да се отиде двапати на скијање и трипати до Грција на одмор.

Во ред е, ова е еден пристоен, нормален живот и дај боже сите да имаме волку и вака.

Но, да престанеме да кукаме и да се жалиме како НЕМАМЕ. Доказите го покажуваат спротивното. Излегува дека тврдењето „Се нема – се може“ е сосема оправдана кованица од зборови.

Се нема грам памет и образование, ама тоа ти дава поттик да можеш да се однесуваш како најголемиот сезнајко, надмено и арогантно. Дојде време каде што будали со купени дипломи кои не знаат колку букви има азбуката да ти бидат директори.

Дојде време уличари да ти се закануваат кои се и што се и кому може веднаш да му заѕвонат на телефон, божем ќе те натераат да им се плашиш.

Се нема грам култура, но затоа се има карти за прв ред на секој можен настан, било да е кино, опера и балет, театар или филхармонија. Се крева мобилниот со блицот и се блокира видикот на сите останати душички во задните редови, се грицкаат сончогледи, се џвакаат гласно мастики и се пукаат балончиња, се зборува токму тогаш за време на претставата, се кикоти и се одговара на мејлови и на пораките на Viber.

Се нема воспитување и култура, но повторно некако чудесно - се може.

Се нема чувство за основна хигиена, но се има брендирани алишта и оригинални парфеми за да ја припокријат мрзата и смрдеата. Бањање – строго еднаш неделно, миење коса на две недели (па не ми се мрси воопшто).

Плукање, сочно ’ркање по улиците и тротоарите, секнење нос по улици, фрлање отпадоци каде што ќе ти текне, битно напарфимирани сме.

Доколку имате некаков сомнеж околу хигиената на македонскиот народ доволно е да влезете само во јавните тоалети. Особено во женските тоалети, кај оние кои најмногу глумат „Чисти Дани“ и се припотресуваат за трошка, а ваму немаат време соодветно да ја фрлат циклусната влошка.

Се нема место како зачин во сечија манџа, ама може да се упикува носот во туѓите животи. Оние кои ви ѕиркаат во ќесите од пазар, оние „комшиски камери“ кои редовно ве дочекуваат од излегување за подоцна да имаат што да си зборнат на кафе со комшилакот.

Вечните прашања – ќе се мажиш/жениш ли, ќе раѓаш ли, а кога второ?

Се нема срце и се нема душа, но затоа пак може да се има бескрајна горчина и злоба за туѓите успеси. Се храниме од туѓата мизерија, се возбудуваме кога другите се понесреќни од нас.

Се нема чувство за туѓото време, па затоа може да се доцни без око да ти трепне дали другиот кисне на дождот или мрзне на ладното.

Се нема чувство за ред, бидејќи се може секаде преку ред. Ако чекаш нормално и културно си најголемиот будала и глупчо, па искористи го системот кој и онака е банда без команда. И воедно, научи ги и децата на овие навики уште од мали нозе, да се буткаат преку ред секогаш и секаде, за да ги надмудрат сите оние кутри души што трпеливо и културно се стројат и чекаат.

Се нема чувство за никаква одговорност, па може да се обвинат сите останати. Секогаш сите се поголеми виновници од нас самите, ние – без чувство за етика, без грам култура, без трошка хигиена, без усул за дискреција и вечно незадоволни, неблагодарни и распекмезени.

Се замижува на сопствените грешки, но гордо се истакнуваат туѓите, небаре таа моќ на опсервација нè прави подобри и попаметни луѓе.

Еднаш еден странец ме праша – опиши го твојот народ со еден збор.

- Штеточинки, без размислување одговорив.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ожени се за парите и кариерата! Беше некаде околу четири часот, трчав по скалите на вториот кат за да го промена...
Немам 16 раце и не ми треба твојата помош, туку да си го завршиш твојо... Еден од изразите кој особено многу го мразам, а и самата многу често го употребу...
Стрвен, алчен и ненаситен народ - престанете да се тепате за храна, им... Некултурата на луѓето можете да ја видите на многу места. Во кино, во театар, во...