Мила моја, правилата те загушија: Се омажи на 25, роди на 27 и постигна сè, освен среќа!

Не велам дека ова е погрешно, тоа на многу луѓе им донело среќа, но знам дека за неа е погрешно, затоа што тоа го направи не затоа што сака, туку затоа што сите викаат дека така треба.

mila-moja-pravilata-te-zagushija-se-omazi-na-25-rodi-na-27-i-postigna-se-osven-srekja-01.jpg

Навистина ми здодеја да ја слушам. Сите тие нејзини правила за совршен живот... Добивам главоболка само што ги слушам, а не пак да ги применувам.

„Мора, мора, мора...“, говори таа, а јас ја гледам со поглед полн сожалување. Ја слушам како морало да се роди едно дете до толку години, а две до толку, свадбената церемонија дека била задолжителна, дека зборот на мажот морало да биде последен, дека на работното место требало да се останува прекувремено, дека генералка морало да се прави еднаш во седмицата... Во главата ми одекнува како животот го живее во правила и како прави сè што мора и треба, а ништо затоа што сака.

А јас пак сум комплетна спротивност од неа. Ништо, апсолутно ништо не правам во животот затоа што мора. Мене сè ми започнува со сакам и, верувале или не, ми завршува со насмевка.

Го цицам максимумот од картите што ми ги поделил животот и секогаш ја имам мислата дека секој нареден круг ми носи нова и подобра карта. Си го живеам забавувајќи се. И си легнувам со мислата дека сум среќна што сум си минала уште еден прекрасно исполнет ден.

Не мора ниту маникирот да ми е беспрекорен, ниту домот да ми сјае, ниту да ми кажат браво затоа што ете сум послушала и сум родила едно дете по „правила и прописи“ во средината на 20-тите. И не, не направив ништо од тоа затоа што не почувствував ниту потреба, ниту желба.

Можеби ќе биде, еден ден, кога ќе САКАМ...

Дури и по часови и часови трубење, како уште сум несериозна и ете животот ми минува така (според состојбата на моите срце и ум - во апсолутна среќа и исполнетост) не ме колебаат проповедите. Знаете ли зошто?

Затоа што кога ја гледам, гледам само една тажна фигура на која животот и мина играјќи по правила за да заслужи „браво“ од другите. Гледам личност која никогаш не вреска од среќа, која никогаш не се смее до солзи, која никогаш не прави нешто што сака без некој да ѝ даде потврда дека тоа е во ред.

Во неа нема жар, во неа нема животна енергија, таа ниту сака до лудост, ниту плаче до истоштеност. Живее по една рамна линија, лишена од убавината на вистинските емоции, со лице како фасадирано и срце бетонирано.

Роботски ги извршува работите и се програмира од една етапа на животот во друга. На работа е просечна, дома е потчинета и е капка среде сивило. По ништо не се истакнува, ниту нејзиниот дух се чувствува во просторијата во која престојува.

Невидлива за другите, токсична за себе, неисполнета, ниту вистински среќна. Ниту љуби со цело срце, ниту може да биде нечија причина за страст. Блед живот читко испишан со црно мастило на хартија.

Но, ништо од убавото напишано на хартија не вреди кога вкусот на среќата ѝ е непознат. Бравото од баба ѝ и сосетката од четврти кат навистина не се потврда за добро одживеан живот.

Потврдата е во пределот кај градите од левата страна - кога таму ти е топло, кога таму ти е убаво, знаеш дека ја правиш вистинската работа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
2-ри мај и денес ме потсетува на излет, скара и денот кога го запознав Ричард Гир на Водно Се сеќавате дека до пред 15-тина години Денот на трудот се празнуваше на 1-ви и ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg