9 клучни моменти поради кои се каеме кон крајот на секоја година

Додека го ситниме последниот месец од годината, сите погледнуваме кон календарот со малку тага, меланхолија, но и паника поради сите неостварени желби и планови. Имате чувство дека повторно изгубивте уште 12 месеци во неповрат, а не мрднавте од мртвата точка.

9-klucni-momenti-poradi-koi-se-kaeme-kon-krajot-na-sekoja-godina-01.jpg

Па време е да ги сумираме сите моменти поради кои се каеме кон крајот на секоја година и да се погрижиме да извадиме една добра лекција од целиот тој хаос.

Во знак на неповторување на следните 9 моменти во иднина, еве поради што најмногу се каат луѓето секој декември:

Зошто не започнав диета навреме?

„Од овој понеделник“, „Сега е многу топло за вежбање“, „Надвор е премногу ладно за вежбање“, „На слава/свадба/роденден изедов многу“... Изговори, пусти изговори. Вистината е дека да се започнеше навреме и со режим на исхрана, со здрава храна и вежбање со умерено темпо, Новата година ќе се дочекаше смирено и радосно без каење за бројот на ненамалени килограми. Многу веројатно и апетитот ќе беше под контрола, па руската салата и кифличките нема да ги снема со брзина на светлината. Повеќе ум и волја следната година, со желби за неодлагање.

Зошто не му/ѝ дадов шанса на тој дечко/девојка?

Си пишувавте долго време на Фејсбук, па дури и успеавте да се видите неколку пати. Но, нешто не „кликна“ онака како што замислувавте или очекувавте. Па повиците и пораките се проретчија, а сега пред дочекот на Новата година чувствувате дека сте повторно сами. Ова каење веројатно се должи на стравот дека најлудата ноќ ќе ја дочекате сингл, но не е крај на светот и нема потреба од очајување. Ако тој/таа се вистинските ќе најдат начин да се вратат или да ги вратите во вашиот живот. Ако не се, секогаш останува возбудливата можност да пронајдете некој нов во вашиот љубовен живот.

Зошто не напредував на работното место?

Имате чувство дека оваа година се „убивте“ од работа, а не видовте никакви бенефиции од трудот – ниту унапредување, ниту поголема плата, ниту повеќе слободни денови. Со нула сатисфакција, навистина е тешко да се натерате да станете наутро од креветот и да појдете на работа. Едноставно е – животот најчесто не е фер, не сре родени под среќна ѕвезда, не дошол моментот и не се подредиле коцките како што треба. Зачувајте малку надеж за следната година и не откажувајте се. А доколку сметате дека работното место не може да ви понуди ништо повеќе од тоа што веќе го имате, можеби е време за промена.

Зошто не патував повеќе?

И не само низ Европа или на другите континенти, туку генерално и низ државата. Едноставно не пронајдовте време и ентузијазам да тркнете на планина, на езеро и малку чист воздух. Секогаш има некои изговори – работа, недоволно време и финансии. Следната година поставувајте си предизвици – патувања во матичната држава кои би се реализирале со одреден финансиски буџет. Патувањата се одмор за мозокот и душата. Не пропуштајте ниту еден момент да создавате спомени.

Зошто немам никаква заштеда?

Генерално не е до вас, до општата ситуација во која живееме е. Мали плати, големи сметки, скапа храна, многу потреби и желби, малку финансии за остварување на истите. Добро, да не се лажеме, можевте да скратите малку на скапата козметика, некое алиштенце кое беспотребно виси во плакарот, неколку излегувања на кои се потрошија многу повеќе пари од планираното. Животот е еден, понекогаш вреди човек да се опушти. Но, и без никаква заштеда за „црни денови“ не е баш пријатно да се живее, нели? Тоа е нереалниот предизвикот, да се заштеди од малку. Во генерално лоша економска ситуација, нема многу простор за чувство на вина, зарем не е така?

Зошто пиев толку многу алкохол?

И зошто потрошив толку многу пари на алкохол? Па затоа што нè весели. Затоа што ни е убаво. Затоа што во умерени дози е здраво и нè опушта. Затоа што тие што консумираат алкохол одговорно, ќе живеат подолго. Затоа што остана едно од ретките земни задоволства кои можеме да си ги дозволиме. И сè додека не влијае негативно врз здравјето, ова не заслужува да се нарече класично каење. Можеби треба да се преформулира во – Зошто не пиев повеќе алкохол?

Зошто се скарав со драги луѓе?

Секако, кон крајот на годината се појавува она мачно чувство поради некои луѓе кои веќе не фигурираат во вашиот живот. Решивте да раскрстите со нив и сега и самите сте на раскрсница. Па запрашајте се – направивте ли грешка? Ви недостасуваат ли, мислите ли на нив со доза носталгија и каење? Сакате ли да им простите или можеби да се извините? Доколку одговорот е не, продолжете си понатаму со крената глава и без каење и вртење позади. Доколку чувствувате празнина без нив, почнете да ги притискате копчињата на телефонот.

Зошто не прочитав повеќе книги?

На почетокот на годината си ветивте дека ќе читате повеќе, но книгите беа совладани од страна на уморот, излегувањето, гледањето серии можеби? Во ред е, никогаш не е доцна да се надомести. Но, еве што е важно – важно е да уживате во читањето.
Доколку го правите сосила и не наоѓате никаква убавина и вредност во активноста, тогаш можеби не треба да се форсирате, само затоа што читањето книги е корисно и интелектуално.

Зошто не ризикував повеќе?

Затоа што сакате стабилност. Затоа што не умеете да се справите со пораз и разочарување. Затоа што се плашите од нови работи. А кога ќе ги надминете сите овие пречки, тогаш ќе ризикувате, а можеби и ќе добиете. А годината која ни следува изгледа како прекрасна можност за тоа.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

13 фото-докази дека на некои луѓе сè во животот мора да им е како под конец Јаткасти плодови идеално подредени во посебна тегла, јајца наредени според нијан...
14 навики кои ни даваат сила и енергија во животот Запознаваме нови луѓе. Ги надминуваме своите стравови. Минуваме време со луѓе ко...
5 потсетници кои ќе ви помогнат полесно да ги прифатите големите (и неизбежни) животни промени Не заборавајте дека промените ни помагаат да созрееме, но и дека секогаш ни носа...
Жените го имаат главниот збор, мажите го земаат нивното презимe: Интересни факти за племето Кхаси од... Мажот во куќата доаѓа како домазет, целиот имот останува на најмалата ќерка, а а...
Пар наместо дете посвоил возрасна жена со џуџест раст, која сакала да ги убие - Бизарниот случај на ... Кога маж и жена ја посвоиле Наталија Грејс во 2010-та, тие мислеле дека таа е 6-...
Жените му биле секс робинки, ги жигосувал со неговите иницијали – морничавиот култ на Кит Раниер Криејќи се зад семинари за личен развој, Кит Раниер направил култ во кој ги експ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg