Секојдневието со карциномот: Главна храна на оваа болест е депресијата

Карцином, рак, црна болест, неизлечива болест... има многу имиња. И сите звучат страшно за луѓето кои не се носители на истата. Оние кои се справуваат со него, со стравот се соочуваат само оној пат кога ќе дознаат дека го имаат. А потоа… Потоа не се плашат од смртта, туку од животот, дали правилно и доволно добро го живеат.

sober-without-rehab.jpg

Научиле, почувствувале дека само кога се насмеани и среќни им е добро. Со секоја насмевка имунитетот расте. Не знам дали е научно докажано, но сум го тестирала тоа на себе.

Сите ние кои сме под било каква терапија имаме промени во организмот. Физичка исцрпеност и психички промени. Малку е непријатно тоа што уништувајќи ги болните клетки се уништуваат и здравите, па доаѓаат и други пропратни болести, слабеење на срцето, покачен притисок, промена на хормоните, проблеми со вените и ред, ред други работи.

Стануваме понервозни, поранливи, поемотивни, што значи делуваат и на нервниот систем. Сето тоа е последица од цитостатиците.

Понекогаш сакаме да се затвориме во едно мало собиче и да блееме во таван. Кога ќе нè видите такви, бидете упорни да ни правите друштво, иако ние ќе ви велиме да нè оставите на мира дека не ни е до разговор.

Доколку навистина сакате да ни помогнете, на нашето НЕ, не се откажувајте веднаш. Пробајте уште еднаш. Но не ни давајте да останеме во тоа собиче. Па иако го цениме самото ваше присуство, наместо тоа, пробајте да не изнесете надвор.

Само надвор, воздухот, промената од секојдневието може да помогне. Mонотонијата кај нас може да биде смртоносна.

И немојте да не третирате како да сме заразни па да нè избегнувате. Немојте да ни зборувате лоши работи, затоа што секој збор ни влегува директно во срцето и потоа секој од нас може да падне во депресија. Ранливоста е многу посилна отколку кај здравите луѓе. А главна храна на карциномот е депресијата.

Не ни кажувајте за сè што ќе слушнете од бабини деветини за лечење, и самите следиме по интернет порталите за новостите кои и вие од таму сте ги виделе.

Едноставно, знам дека и вам ви е непријатно, но ако сте ни вистински пријатели, само со добар збор и дружење со смеа ќе ни помогнете.

Господ нека ве чува вас, па и нас.

Автор: Donna

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg