Кој ќе влезе прв кај професорот: Сиромашната неугледна девојка или девојката со два тони шминка?

Стојам во ходникот од огромната универзитетска установа и се џарам во моите жолти, кутри, речиси дупнати зимски чевли.

skromna-verzija-od-prikaznata-za-grdoto-pajce-01.jpg

Веќе поминува и четвртиот час откако чекам да добијам потпис и оценка во индекс кај најбавниот, незаинтересираниот, најфлегматичниот и најлошиот тип на професор. Не ми вредеше што се појавив половина час пред закажаниот термин.

Јас, облечена во едно износено кожно палто, купено пролетта по матурата (еден врнежлив мај), износен шал со топчиња како свадбениот костум на баба ми, гореспоменатите жолти чизми, излижани фармерки и некаква грда ролка, со косата фатена во несредена пунџа.

Разбудена во 6 часот, а излезена од дома во 7 часот во јануари кога и воздухот што го дишев беше замрзнат, а во установата не бевме удостоени со затоплување.

Чекав пред вратата на иглестиот пензионер официјално да ја добијам мојата со триста маки, еден литар кафе, илјадници скрипти и 80-90 перипетии, со крв и пот заработена 8-ца, без да изустам ниту еден единствен збор.

Моја сушта спротивност - колешката со два килограми пудра на лицето, со кармин од „Maybelline“ кој трае 5-6 часа, со убави нови високи чизми купени од „Adam’s Shoes “, со јакна од „New Yorker“ и убав, плетен, топол црн шал од „Terranova“, станата петнаесет минути пред закажаниот термин, задоцнета половина час.

Чекаше пред вратата на иглестиот пензионер. Се разбира дека таа влезе прва. Се разбира дека го убеди професорот дека ќе изработи 72 презентации и ќе нацрта 9 хамери за да си ја заслужи оценката...

И прва си отиде дома. На топло. Но, ни го подари цело утро слушајќи ги нејзините жалби на сметка на 8 часот, како било премногу рано, како студело, па не се напуштал креветот и така натаму и така натаму.

Нејзиниот индекс ќе биде побогат за една 10-ка, затоа што нели, потребна ѝ е за да ја зачува стипендијата, да ги потроши тие 30.000 денари на нови чевли, чанти, козметика и слични господски чудеса.

Немаше да ми биде мака, ниту за суровиот професор, ни за „господичната“, ниту за суровата реалност, ниту за студеното утро, кое се одолжи до 11 часот, за да се претвори во 5 часот попладне.

Се сеќавам на стрелките на часовникот кои покажуваа 17:05 откако го затворив индексот и излегов од факултетот.

Цел ден го поминав во молчење, па устата ми беше сува, а стомакот празен.

Немаше да ми биде мака. Ниту еден единствен пат додека студирав, не се затекнав во ситуација да влезам во нечиј професорски кабинет, да седнам во четири очи со професор, човек кој 1.000 пати подолго го гледал раѓањето на сонцето од мене, човек кој искусил многу во животот, исто како моите родители.

Никогаш не си дозволив да се мајтапам со професорите, да се расправам со нив околу нивните одлуки понекогаш да добијам 6-ка во индекс, наместо заслужената 8-ца или 9-ка. Сметам дека никој не знае за десетка, затоа што нели, никој не е совршен. Или?

Немаше да ми биде мака. Немаше да ми биде мака. Не додека го слушав татко ми во соседната соба ден пред да уплатам за семестар обично околу 25-ти септември и 25-ти февруари како разговара со некој на телефон, да му ги позајми парите кои му фалат да ми ги даде за уплатата.

Рокот беше тој, условите беа тие: или плаќаш навреме или плаќаш илјадарка плус. А, не можеш и не смееш да си ја дозволиш.

Никогаш не се осмелив да побарам пари од дома доколку навистина не ми беа потребни. Не трошев на шминка, не трошев на облека, не трошев на вечерни излегувања, ниту на штикли.

Во текот на тие 4 години, сфатив дека парите не паѓаат од небо. Имав две ролки и четири блузи со долги ракави и ги менував истите. Два пара фармерки, две палта и еден пар чизми (жолтите).

Не се срамам. Секогаш слушав позади мене гласини дека „не се носам“.

Девојките знаат да бидат сурови. Момчињата никогаш не ме ни погледнуваа, за нив веќе бев невидлива и фала му на Бога за тоа.

Јас не знаев како да се нашминкам. Не се шминкав, не ја фенирав косата и не облекував скапа облека. Само се трудев да бидам облечена пристојно и да не стрчам.

Неправди... неправди имаше премногу. Не се сеќавам на сите. Само знам дека секогаш се чувствував како лик на вештица од приказните која треба да биде запалена на клада. Немав пријатели. Немам пријатели. Само луѓе околу мене кои секогаш наоѓаа(т) начин, суптилен или директен, да ме осудат за ова или за она...

Еднаш за себе слушнав дека не можам да си фатам момче, затоа што не сум дотерана. Јас не одев на факултет за да си фатам момче. Јас одев на факултет за да учам, со надеж дека ќе дојдат подобри денови за мене, дека еден ден ќе можам да им помогнам на моите како што тие секоја учебна година одделуваа за мене по приближно 1.000 евра.

Секогаш се чувствував виновна затоа што им земам пари. Се јадев во себе, ја полнев перницата со солзи секоја вечер, затоа што ми требаа тие пари, затоа што, едноставно, постојам...

Знам дека звучи како да имам проблеми со психата. Знам дека не постои таква личност која ќе ме разбере. Ама добро... веќе тоа и не го очекувам.

Мојот живот е сличен на приказната за грдото пајче. Со таа разлика што јас не се претворам во лебед, никогаш нема да се претворам. Никој не го сакаше тоа кутро грдо пајче, но тоа толку упорно се фаќаше за врвот на некоја невидлива сламка за спас, толку силно сакаше да го има, да постои, да живее, иако и самото не сфаќаше за што.

Се трудев да им се допаднам на луѓето. Се трудев да ги насмеам, да ме сакаат, да стекнам барем еден единствен пријателски настроен човек кој би разбрал како ми е. Дури и не мораше да ме разбере, само да ме слушне. Некој, кој било, да ме погледне во очи и да знае како ми е. Мојата ситуација не се објаснува со зборови.

Се чувствувам виновна. Толку многу виновна поради тоа што не можам да најдам работа. Под притисок, прашања и малтретирање најнапред од мојата совест, па потоа од сите тие паметни глави околу мене.

Не сакам веќе да го трпам пеколот да бидам под контрола на личности што не знаат каде треба, а каде не треба да стои буквата „Ф“.

Сакам душата, срцето и разумот да ми дадат знак, тие да бидат согласни околу тоа кога и каде да работам, кого да сакам, кого да почитувам а кого не.

Сакам да си ги средам, па потоа да си ги следам мислите. Не повторно да избрзам. Претходниот пат брзата кучка кучињата ги роди толку слепи што не можеа да опстанат.

Само го молам Бог следниот пат да ги одржи во живот. Јас ќе се трудам да прогледаат. Колку што можам.

Автор: Срничка

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg