Бидете луѓе, споделувајте чувства

Полека ја отворам запечатената оловна врата од ноќната куќа на болката и немирот, онаа истата што некогаш ме изгони од светот и ме спакува во куфер од скрешо тело во прав и мириси горки.

bidete-lugje-spodeluvajte-chuvstva-01.jpg

Скаменет простор исполнет со презир и очај, само ѕидовите дишат во ритамот на црната пепел од сништата голи и вечерните сеништа. Не ја чувствувам тежината на телово, премала е за да се спакува во мувлата на истрошеното време, во тој куфер чија шуплина го кова металниот шилец на кој безживотно ќе виси истрошената душа на едно живо, беспомошно тело.

Полека се враќа жигосаното тело на прогонот, со неверојатна горчлива брзина се слуша првиот удар на страшниот гонг, почетните слики на морници се поставени на старото бојно поле. Блиц пред празни очи на невиност и моќни громови проследени со длабок молк и само една громогласна смеа на ѓаволштината во себеси ечи до недоглед.

Ѕидовите се тресат и луштат, и грубо одбиваат да дадат одговор на бунтовник кој луто се губи во виорот на илузиите, надежите и мечтите на животот.

Се повлекувам во својата самотија, во простории дотогаш напуштени и делумно заборавени од нечии други очи. Далеку ќе стигнат моите погледи што кобни мисли редат по острите камења на ѕидот и вешто ги претресуваат сите светови во кои се замислуваат преку својата достојност.

Зошто дува ветрот само од едната страна? Левата, страната на ѓаволот, кој сè почесто знае да го разгори огнот, оној внатрешниот чии јазли го голтаат и последниот здив. Невидливи мостови на моите и туѓите немири навираат пред мене, ги затворам очите за миг да заминам некаде далеку.

Истата стапица си ја поставувам сите овие години, стапица на голотијата на сомнежот кој бесрамно тропа на оловната врата од старата ноќна куќа.

Стојам со раширени раце, штом склопам очи, бура вирее насекаде, овој свет е далеку од праведен, молчеливи луѓе, излишни се зборовите, се вртиме како слепци, чекаме да мине несреќата, а сведоци сме на отровните стрели што постојано ги пуштаме да лебдат во воздухот по темници и догорени светлини полни истрошени и празни зборови.

Чудни суштества сме ние луѓето, смртници заковани на дното. Совршени? Далеку од тоа.

Да, чувствуваме го знам тоа, но што ако кога не знаеме да ги споделиме чувствата меѓусебно. Едни до други стоиме, а странци сме, се слушаме но тешко да се разбереме.

Чувствуваме, но чувствуваме себично не мислејќи за тежината на нештата. И што останува од сето тоа?

Само појавност на меланхолија и монотонија и парчиња мраз згрутчени во гркланот.

Само ситна песок под очниот капак, кој во улога на трепетлика го уништува животот во топчестиот ирис.

Само капки црвено вино, што се уште спијат во пукнатините на испиените усни.

Само спомени запечатени во стар албум со фотографии што стои под креветот.

Психолози сме? Да, можеби, но тешко поставуваме дијагнози над самите себеси. И затоа зборуваме, зборуваме често, зборуваме и тогаш кога е најмалку потребно.

Најлошото е што зборуваме за другите како да знаеме како им е и што им е, како да знаеме кој се и од каде доаѓаат.

Забораваме на самите себе, се криеме зад маската на другите. Но до кога така?

Каде се изгубивме ние луѓето, во кој џеб се крие нашата човечност, зошто знам дека е присутна тука отсекогаш и засекогаш.

Зошто и во царството на злобните луѓе, страдаат обичните смртници и самите тие, царевите на злобата.

Зошто сето наше време е круг, круг во кој секој и сè се врти.

Од луѓето научив дека не треба да губиш надеж.

Но сфатив дека не можам животов да си го ковам врз темелите на надежта. Зошто најболно од сè е болката која длабоко спие во надежта.

Се буди токму тогаш кога доаѓа крајот, тогаш кога згаснува и последниот пламен, а зад себе остава дебела сенка.

И тогаш започнува вистинска болка, те гребе, те сече, те гуши… И знаете што? Ќе не убијат еден ден нашите гревови.

Ќе не распарчат и претворат во ситна прашина, таква за која нема да има место ниту во пеколот.

Девет кругови се. Црни, темни, мрачни, пренатрупани од снопови злоба.

Ни ѕирка ни проѕирка, суво е и ладно, исушени очи, испиени усни, луѓе обезглавени, ни разум ни емоции, ни суштина.

Грешни сме, ни помалку ни повеќе туку грешни. За љубов копнееме, од љубов умираме.

Стојам сама среде крстопат на лаги, надежи, сомнежи и празни ветувања. Каде да одам кога што и да изберам е само уште една заблуда.

Лагата боли, надежта умира, сомнежот краде, а празните ветувања се празни не оставаат ништо друго освен --------!

Автор: Маја Нестороска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg