Во Шведска нервоза нема, но и љубов нема: Ах, мое родно Неготино колку ми недостигаш!

Зошто сонцето за нас овде ко да не свети? Зошто среќата овде не доаѓа? Зошто љубов овде не се раѓа? Зошто насмевките овде бегаат? Лажно постојат. Зошто срцата не бијат силно? Само крвта ја расфрлаат. Зошто нема љубопитни и палави? Нема возбуда. Зошто нема воздишки и погледи? Нема приказна. Е... овие прашања со месеци ми стојат во глава. Имам основа да прашувам. Еве ја мојата приказна:

vo-shvedska-nema-stres-no-i-ljubov-nema-ah-moe-rodno-negovitno-kolku-mi-nedostigash-01.jpgГрадот Борос во Шведска

Се викам Никица или веќе сум Nikitsa. Да, двојно државјанство, две имиња или истото си е само различен спелинг. Еве веќе со месеци сум доста далеку од лозјата, каде што израснав, од неготинско мое сончево. Колку далеку? Околу 2.500 километри, или околу 3 часа авионски лет.

Но, не е страшна далечината во патот, колку што е страшна далечината во културите, навиките и начинот на живот.

Неготино толку ми беше веќе мало, не можам да опишам колку не ме собираа тие неколку улици, колку ми омрзна своето мало родно гратче, а сега колку само ми недостига.... Неготино, ах бре Неготино, по водата цел живот ќе те паметам. Замислете, во Неготино сè уште нема стабилен систем за водоснабдување.

Навечер, ако задоцнев од тренинг, ми снемуваше вода. Некогаш си легнував испотена, во постела и на перница си ја пренесував миризбата на железо од локалната теретана (за друго нема да дадам детален опис).

Сега сум во Борос, Шведска, и типично неготински си се израдував на водата, зошто овде вода има во изобилие, постојано ја има и насекаде. Има и ладна и врела и не сопира заради рестрикција. Не е само тоа, овде се е поинаку. Навиките за спортување и одржување кондиција се на такво високо ниво, што луѓе во години (и постари од 60-70) трчаат, пешачат, возат велосипеди, се санкаат и скијаат.

vo-shvedska-nema-stres-no-i-ljubov-nema-ah-moe-rodno-negovitno-kolku-mi-nedostigash-04.jpg

Не можев да дочекам и веднаш посетив теретана. Справите кога ги видов... ми требаше некое време прво да ги простудирам, ова се тука справи од иднината. Дури и мене ми дојде пресофистицирано, повеќе се држев до шипките и теговите.

Уште почудни ми се луѓето. Никој со никого не зборува. „Zero communication“. Доаѓаат со слушалки, се пресоблекуваат, вежбаат со слушалки, се тушираат, пак слушалките на уши и патот под нога. Не вадат слушалки ни кога им зборуваш. Кај нас воопшто не се двоумат дали да се впуштат во интеракција. Прво, мислев не им е моментот. Ама момент најверојатно и нема, секој пат беше исто. Никој никого не забележува.

Е како се раѓаат симпатии тука? Во маркетите и продавниците никогаш никој не погледнува наоколу во луѓето. Сите купуваат што им треба и се враќаат што побрзо на тивкиот живот. Ах бре луѓе, како живеете вака? Чудо.

Еднаш по денови и денови непрекинат дожд, имаше многу сончев ден и со сестра ми не сакавме да пропуштиме кафе на сонце. Си се дотеравме и се упативме кон центарот да го пиеме кафето. И... каде затворено, каде празно... Каде е народот? Толку е средено, чисто и хармонично, има река во строг центар и покрај неа кафулиња и ресторани. Ги кренале столиците и немаше ни вработени да шетаат наоколу, имаше само едно барче што работи. Таму седеа 2-3 бабички од околу 70-80 години. Помислив да не имало апокалипса, а ние да не знаеме? Добро, помина.

vo-shvedska-nema-stres-no-i-ljubov-nema-ah-moe-rodno-negovitno-kolku-mi-nedostigash-02.jpg

Неготино, како Неготино, нема кафуле уредено без врска. Се е или кожено, шарено, интересно, евентуално има еднобојни тонови складни со другите делови од ентериерот. Е тука, најпосетеното кафуле има многу чуден амбиент. Масите им се железни, не можев да разберам дали навистина се ‘рѓосани, или само беа бојадисани така да изгледаат. Столиците им се исто железни, сите различни, изгледаат како прибирани од околните села од различни дворишта.

Црепови големи железни и глинени среде маса, кактуси кои сакаат да си одат од таму, како да се готови да побегнат, свеќници железни огромни со растечен восок по нив, ниски таванчиња глава да скршиш, збиени маси, некаде разделени со по некое параванче, ама со мали прозорчиња на него, како од приказните... уште вештерка да излезе од некаде. Се почувствував како во замокот на др. Глобил.

Во чудо се најдов колку е само скапо. Па, и речиси никаде овде нема келнери. Овде сами си земаат пијачки и храна. Со чашите во раце (евентуално сад со торта или ладни сендвичи), луѓето се движат до нивната маса. Кај седам на сандак, како оној од баба ми миразот што си го донела, кај пред нос ми виси една ламба врз која има фрлено чаршав, кој беше подврзан како репче со ластиче, па за тие пари и сама да влечкам пијачки? Е аман бре луѓе, која мака ве тера вака да се опуштате после работа?

vo-shvedska-nema-stres-no-i-ljubov-nema-ah-moe-rodno-negovitno-kolku-mi-nedostigash-03.jpg

Јас не видов овде парови, а ниту пак луѓе да се водат за рака. Сум видела млади, а и постари родители, се познава дека некои се одамна во брак или дека воопшто не се во брак, но да си искажуваат љубов или да изгледаат заљубени - категорично НЕ.

Никој не се брза, овде на луѓето им е сосема нормална работа да си чекаат цели два часа во ред и никој не се буни, како да се помириле одамна дека мора така и никако поинаку. Некако, сите емоции се на 0. И љубов нема, и нервоза нема, нема стрес, нема возбуда, се си е на 0.

Нема да се случи во институција да поставиш прашање, а да не добиеш одговор. Ако си прашал на погрешно место ќе се погрижат да не луташ, да те упатат до вистинското место, или лично ќе те одведат до каде што треба. Не се нешто љубезни или претерано друштвени ама се многу фер и услугата секаде им е на ниво. Е добро де, ама каде е топлината?

Повторно доаѓам до некои прашања што нема кој да ми ги одговори. Што им ја грее душата на овие кога нема воопшто сонце? И децата им се сериозни, функционираат по тајминг, им се знае ред и самите си го следат. И тоа е добро, ама... како да фали нешто. Сите ли се програмирани?

vo-shvedska-nema-stres-no-i-ljubov-nema-ah-moe-rodno-negovitno-kolku-mi-nedostigash-05.jpg

Во дискотека сите се на различни супстанци и ни тогаш не им се брише програмата. Точно во 2 часот затвораат, се гаси музиката и како првачиња мирно, еден по еден си излегуваат, си ги земаат јакните и никој не брза (иако мортус пијани), никој не се турка и во никој случај не им текнува да им додеваат на девојките или да направат некоја тепачка - такво нешто нема во програмата.

Ако слушнеш некој да се довикува по улица, наш е, или евентуално од браќата Срби или Босанци. Има приказни и приказни за нивната храна, култура, навики и многу специфични работи кои на еден Македонец би му го одвлекле вниманието. Има за што да се зборува.

А емотивната страна? Зошто никој за неа не зборува? Зошто никој не кажува дека соседите овде не се познаваат? Јас се чувствувам како само ние да живееме во оваа зграда. Никој не сретнувам, никој не ме поздравува... Зошто е толку тешко кога немаш никого? Не се интересни ни филмовите, ни игрите... Зошто емоциите ми се разнишани и ми студи? Верувајте, не е од времето...“

Автор: Ники Ники

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg