Владимир Мандичевски – Манде: Во '90-тите го одбегнавме турбофолкот, но за жал сега нè стигнува

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-13.jpg

Скопје и Македонија паметат многу културни настани, концерти и музичари кои направиле вистинско шоу. За многу од нив главниот виновник е Владмир Мандичевски познат како Манде.

Кога ќе ги споменете Ван Гог, ЕКВ, Temptations, James Brown тогаш асоцијација е Манде.

Имавме прилика да зборуваме со Манде и да го запознаеме од една поинаква страна, кои се неговите ритуали, како ја доживува музиката, кое е тоа прекрасно куче што го следи цел живот и како го доживува денешното време и музиката која ја имаме овие години.

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-14.jpg

Манде на 20 години и Манде денес? Што е различно, го постигна ли посакуваното?

Секогаш може повеќе, тоа е факт. Го работам тоа што го работев и на 20 години и секако тоа што го сакам. Мојата основна работа е организација на настани, музиката е голем дел од тоа. А, дали сум го постигнал посакуваното, па не знам, секогаш може подобро. Сум работел со луѓе што ги сакам или ми се пријатели, значи генерално работам работа што ја сакам.

Како се буди Манде? Имаш ли некој ритуал?

Јас станувам од кревет и веќе сум подготвен за било што. Најчесто тоа било што е половина час со кучето мое надвор. Живеам покрај Вардар, ама додека го немав него се немав симнато ни 2 пати на кеј.

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-04.jpg

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-03.jpg

Те знаеме како организатор на настани, те поврзуваат со 103ка, но она што можеби и не го знаат останатите е дека Манде всушност има дипломи за готвење?

Моите приказни генерално се смешни и чудни. Имам две дипломи за кувар, мојот прв бизнис во животот беше на 18 години, сендвичара и тоа една од првите во Скопје и Македонија. Тогаш мораше да се полага испит за угостител, кој вклучуваше и дел за готвење. Ја добив дипломата и работев. А, втората е војничка; неколку денoви откако пристигнав беше првиот Band Aid концерт на Bob Geldof, и јас едноставно морав да го гледам, но бидејќи бев нов војник не ми дозволуваа. Направив инцидент и казната беше прекоманда во касарна каде што се готви за 7000 луѓе – цели 4 месеци.

Таа казна за готвење се покажа ли подоцна како нешто добро? Еве на пример да им готвиш на дамите, храната како афродизијак нели?

Па што знам, да не веруваш ама готвев 900kg грав секој ден, хахах.

Што може да ти го направи денот?

Сè буквално. Голем фан сум на книги, книгите после музиката ми се втората пасија во животот. Добра песна, пријатели, утринското еспресо со пријатели, буквално сè. Со еспресо се будам.

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-11.jpg

Баги комуникации е она кое сега го работиш, фирмата која има лого кое го имаме и сега покрај нас, Дилан, а претходно беше Баги бој?

Порано имав продавници за музика Баги Шоп и продававме оригинали кај нас, затоа и пропаднаа хахаха. Логото на продавницата и агенцијата беше Баги или сега Дилан, староанглиски овчар боб тејл. Кон крајот на седумдесетите години имаше една серија Серпико каде што се појавуваше вакво куче и по толку барање успеав да најдам токму ваква раса. Баги беше заштитен знак, во сабота се собираше цела поранешна Југославија пред продавницата и сите го знаеја Баги.

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-08.jpg

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-09.jpg

Споменавме Баги Шоп, 103ка, организирање настани, како почна целата приказна на Манде од професинален аспект?

Во 103ка бев првите три години, тогаш го направивме и првиот un-plugged концерт на ЕКВ – Екатерина Велика и тогаш 103ка се одвои од тие неколку малку радија во тоа време. Во Сител бев музички уредник, тогаш успеавме да снимаме бесплатно спотови на бендови. Во меѓувреме го правевме студентско радио, едноставно радиото е мојата страст.

Ги спомена ЕКВ, а кога ќе се споменат ЕКВ во Македонија тогаш тоа е асоцијација за Манде, кажи ми како ти ги доживуваш?

Милан и Маги беа посебни музичари и луѓе, тоа се гледаше и на сцена и на приватен план. На сцена беа магични, имаа аура на мистичност, не верувам дека имаше бенд кого публиката го сакала повеќе. Ми се случуваше да ја бранам Маги од девојчиња, што е навистина ретко. 

ЕКВ, Temptations, James Brown, Scott Henderson, колку вакви настани организираше?

Ау, не знам. Многу се. Тоа се случува од средината на 80-тите години. Не ја знам навистина бројката на концерти.

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-05.jpg

Не ја знаеш бројката, ама ајде вака.... кој ти бил најтежок, а кој најлесен? Нешто што не знаеме? Нешто од позадината на сите овие настани?

Има многу необични и понекогаш смешни случки во оваа работа. Кога веќе го споменуваш James Brown, има една случка која Ранко Буба Мара до денеска ја раскажува; на тогашниот скопски аеродром голем број на таксисти стоеја и клечеа околу излезите чекајќи муштерии. Кога James се појави тие станаа и почнаа да ја нудат својата услуга викајќи и мавтајќи со раце. James мислејќи дека се работи за негови фанови, почна да ги отпоздравува со “Stand up happy people”. Или една година на Џез фестивалот настапуваше Пако де Лусија, една новинарка правеше интервју на скалите во Универзална сала и го најавува Пако, а вели: Чест и задоволство ми е што денес седам до Ал Ди Меола. Има многу, многу вакви работи.

Манде, рече од 80-тите си во ова, каква е заинтересираноста за ваквите настани? Има ли разлика од порано до сега?

За жал се намали заинтересираноста. Се сменија условите, средината, медиумите.

vladimir-mandicevski-mande-vo-90-te-go-odbegnavme-turbofolkot-no-za-zal-sega-ne-stignuva-06.jpg

Ги спомена медиумите, мислиш ли дека токму тие се виновни за ваквиот пад? Незаинтересираност?

Јас не се согласувам со тоа дека гледаме турски серии затоа што се барани. Ние гледаме тоа што ни се нуди. Во 90-тите турбофолк напливот успеавме да го преживееме, но затоа сега ни се случува. Може нема голем број, ама сè уште има луѓе кои ја разбираат таа музика и ја сакаат.

Манде, за крај, имаш ли некое мото што те води во животот?

Не можеш против себе. Едноставно е. Јас така се водам во животот. Сакам кога ќе седнам со луѓето да имам што да кажам и да не се срамам од она што сум го направил. Има една изрека која многу ми се допаѓа: Никогаш не би бил член на клуб во кој примаат луѓе како мене. Затоа и кажувам... Не можеш против себе.

 Автор: Сања Стојковска | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Игор Џамбазов: Не, немам ќерка! Го знаеме како актер, водител, шоумен, а можеби и никогаш не сте знаеле дека сак...
Катарина Ивановска: До 3-ти месец ни моите дома не знаеја дека сум бре... Во Македонија и Скопје ја знаеме како Кики, девојката која што надвор од овие гр...
Владимир Петровиќ - “Мали од Наше Маало”: Прва љубов ми е девојчето од... Пред 17 години на екраните се појави серијата „Наше маало”, која до ден денес бу...