Три храбри македонски девојчиња – првата наша женска експедиција на Хималаите

Македонија има луѓе со кои навистина треба да се гордее. Особено кога станува збор за храбри девојки кои успешно се борат и ги реализираат своите замисли. Не знаеме колку од вас слушнале за Маја, Александра и Ана, но ние сме сигурни дека ќе ви претставува задоволство да знаете дека тие се првата македонска женска експедиција на Хималаите.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-05.jpg

Маја Бошкоска, Александра Герасимова и Ана Грбиќ на 10 октомври во 11 часот го освоија Мера Пик во Непал, на 6.476 метри надморска височина!

Ова експедиција ја започнаа на 3 oктомври и ја завршија по 17 дена, на 20 oктомври.

Маја, Александра и Ана се три македонски девојчиња на различна возраст, од различни делови на нашата држава, со различни карактери и животни професии, различна секојдневна преокупација, но делат иста љубов. Нивната љубов е планината.

Сите три се несомнено големи авантуристи и зависници од својата дневна адреналинска доза во природа и планина.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-06.jpg

Маја ги има карактеристиките на вистински водич, однадвор остава впечаток на нежна и мила девојка но длабоко во себе е бестрашен борец, упорен до крај и секогаш преплавен со оптимизам. Таа е секогаш искрена и вистински другар за својот тим.

Главна одлика на Ана е нејзината храброст и решителност. Секогаш ја краси ведина и насмевка. Трпелива е и многу комуникативна.

Александра пак е вистински адреналински зависник, енргична и позитивна, а толку емотивна, едноставно своја.

Ја имавме честа, овие три девојки, да одговорат на нашите љубопитни прашања, а и да ви дозволиме да ги запознаете малку подобро:

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-10.jpg

Од каде и од кога љубовта кон планинарењето? Се познавате ли одамна?

Маја:  Љубовта кон планината-природата секој од нас ја носи во себе од раѓање. Треба само да ја открие... Мојата страст кон планината се интензивираше некаде во 2009-та година кога сфатив дека таа станува клучен елемент во изградбата на успешен модел во животот и неисцрпен извор на инспирација, креативност и енергија.

Ана: Мојата љубов кон планината е уште од најрана возраст, но со интензивно планинарење почнав од 2010 година. Со Маја и Александра се познаваме неколку години, секако од планина и планинарски тури.

Александра: Љубовта кон планинарењето е отсекогаш. Од хоби прерасна во огромна страст, постепено опфаќајќи ги сите сфери од таа област. Со спортовите во планина активно се занимавам во последниве осум години. Сè започна со традиционалното искачување на Кораб, после тоа секој викенд „акање“ по планини, па алпинистички тренинзи и качување на карпа, турно скијање, високогорство... Пропратно на сето тоа беше запознавањето и дружбата со прекрасни нови ликови. Така беше и со Маја и Ана и останатите кои за жал не можеа да ни се придружат на оваа експедиција.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-12.jpg

Како се одлучивте за оваа експедиција и кои беа најголемите препреки за реализирање на истата? Колку време се подготвувавте, бара ли посебна кондициона подготовка ваков подвиг?

Маја: Идејата ја имав уште многу одамна, но дури во 2014 година конечно премина во иницијатива со проектот „Прва македонска женска хималајска експедиција - Мера 6.476m“, кој првично беше прифатен од мојот клуб ЗПК Кораб, а подоцна и од Комисијата за високогорставо и експедиционизам при Федерацијата на планинарски спортови. Откако, во февруари оваа година дојде убавата вест дека Агенција за млади и спорт финансиски ќе го поддржи овој проект, започнаа сите организациски и психофизички подготовки. Ваквите експедициии бараат многу посветени тренинзи и силна ментална волја. Преку недела сите имавме своја агенда за тренинг, а за викенд бевеме заедно на планина.

Препреки? Па, само ќе кажам дека Александра ја извади ногата од лонгета две недели пред тргнување, а јас бидејќи имав шината нога одев на физикална терапија до последниот ден... Меѓутоа останавме до крај позитивни и никогаш не ни помисливме на откажување или одложување на експедицијата. Едноставно во глава си зацртавме дека сè ќе помине во најдобар ред и иако со повреди, ќе го издржиме напорот кој следуваше. Така и бидна. :)

Ана: За мене лично најголема препрека беше тоа што требаше да го оставам мојот син кој има само година и шест месеци. Но, големата поддршка од мојот сопруг кој ја презема целата грижата околу нашиот син, ми даде сила да успеам во сè.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-09.jpg

Сакаме да ги чуеме деталите - како изгледаше искачувањето, колку луѓе планинаревте заедно, ви помагаше ли некој, наидовте ли на проблеми?

Александра: Со пешачење почнавме од Лукла (2.860m). Во тимот бевме ние три, двајца водичи и 5 носачи. Секој ден тргнувавме околу 7 часот и во одење поминувавме 7-8 часа. Првите неколку дена се движевме по дождливо време. Осмиот ден бевме на врв. Од тој ден па до крајот на експедицијата нè следеа одлични временски услови, па го имавме најубавиот поглед каде и да се свртиме. Секој ден стигнувавме на ново место, спиевме во домови во сезонски адаптираните висински села, а четири дена поминавме во шатор (за мене најубавите неколку дена затоа што се движевме на поголема висина, по снег).

Маја: Проблемите кои ги имавме се вообичаени за тие висини. Сепак, тоа се Хималаи, а не е било која планина. Како резултат на тоа што нашата аклиматизација се одвиваше побрзо отколку што е вообичаено за овој врв, се соочив со нов предизвик -  висинска болест, која се манифестираше со главоболки и гадење. Тоа беше момент кога си го потврдив она - ако имаш силна психа, таа ќе те извлече на врв дури и кога немаш снага за тоа.

Но, знаете не е сè во крајната дестинација (искачување на врвот), има многу нешта и во самото патување за да стигнеме до таму. Проблемите и предизвиците со кои се соочуваме, лекциите кои ги учиме, инспиративните луѓе кои ги запознаваме – сето ова има многу поголемо влијание на нас отколку било кој врв кој што сме го качиле.

На крајот, вистинската вредност на достигнувањето на целта не е во постигнатиот резултат, туку во она какви сме станале благодарение на тоа патување.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-07.jpg

Ви недостасуваше ли удобен кревет, топол оброк и топла бања?

Маја: Удобен кревет? Па има ли нешто поубаво од спиење во шатор, здиплен во топла вреќа?
А, знаете ли колку е убаво чувството на топла бања после 17 дена? : )

Ана: Кога сме кај храната, за време на целата експедиција, а што е сепак несвојствено за вакви висини, имав огромен апетит и константно бев гладна. Среќа што имавме доволно храна.

Александра: Единствено и најмногу ни недостасуваше бања. И јас до тогаш не сум ни помислила дека некогаш ќе бидам 17 дена небањата ама и тоа го доживеав.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-11.jpg

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-01.jpg

Чувството кога го освоивте врвот?

Маја: Чувство на слобода... слобода која ги победува сите стравови. Ново поместување на границите... на својот физички и психички лимит. Средба со самиот себеси… пронаоѓање на самиот себеси.
Потврда дека таа половина година што си ја посветил за организација на експедицијата и си се жртвувал од сѐ, вреди за оној половина час на врвот како награда од планината.

Александра: Да се опише чувството да се биде на врвот и енергијата не постојат зборови. Горе се заборава на сè. Замор? Студ? Такво нешто не постои. Пред нас ја имавме една од најубавите панорами со највисоките и најубавите хималајски врвови како на дланка – Еверест, Нупце, Лоце, Чо Ју, Макалу и Канченчунга.

 tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-15.jpg

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-14.jpg

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-04.jpg

И, значи, сепак се преживува без Интернет, мобилни телефони, социјални мрежи...

Маја: А, што ќе ви се социјални мрежи, кога ја имате таа привилегија 17 дена да разговорате со планината, со самиот себеси – единствениот начин да ги најдете одговорите на сите оние прашања на кои долу во вообичаената турканица на секојдневниот живот не можете. Социјаните мрежи се премногу  „гласни“. На планина можете да ја слушнете тишината, а во тишината да се слушнете себеси.

Александра: Мрежа немавме за време на целиот престој во Непал. Меѓутоа со нас имавме сателитски телефон. Така контактиравме со најблиските, ги известувавме до каде сме и се информиравме за сè што ни треба. Телефоните ги користевме само за аларм. Без социјалните мрежи не беше воопшто тешко, супер ни дојде малку одмор од сè, а кога ни требаше во некои од домовите имаше при пејд картички за интернет.

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-08.jpg

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-13.jpg

Кој е вашиот следен предизвик? Може ли доколку некој има желба да ви се придружи?

Маја: За вакви експедиции исправно е прво да се направи селекција на тимот по неколку критериуми, бидејќи таму горе ви требаат пријатели кои ќе ви бидат стабилна ментална и физичка потпора во секој миг и ќе направат да се чувстувате сигурно и среќно.
Мера беше континуиран испит на нашиот тимски дух и меѓусебна доверба, што е еден од главните предуслови за ваков подвиг. А, сега кога го положивме, време е за нешто појако! Време е за 7.000-ка!

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-03.jpg

tri-hrabri-makedonski-devojcinja-prvata-nasa-zenska-eskedicija-na-himalaite-02.jpg

Ваша омилена мотивациона мисла која сакате да ја споделите со нашите читатели?

Маја: Не се плаши од растојанието помеѓу твоите соништа и реалноста, ако можеш да сонуваш за нешто - тогаш можеш и да го направиш тоа.

Ана: Ако нешто вистински го сакаш, тогаш и го можеш.

Александра: Go as far as you can see; when you get there, you'll be able to see farther.

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Игор Џамбазов: Не, немам ќерка! Го знаеме како актер, водител, шоумен, а можеби и никогаш не сте знаеле дека сак...
Владимир Мандичевски – Манде: Во '90-тите го одбегнавме турбофолкот, н... Скопје и Македонија паметат многу културни настани, концерти и музичари кои напр...
Тино и Атанас: Една танга знае да направи општ хаос позади сцена! Ги знаеме како Тино и Атанас, ги препознаваме како момците кои внесоа една поина...