Одблизу со Лина Ѓорческа: Одлично e чувствотo кога си единствен во нешто, па макар и во нашата мала земја

Девојката која ја направи горда Македонија. Девојката поради која станавме познати ширум светот, Лина Ѓорческа!

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-01.jpg

Знаевте ли дека сакала да стане архитект? Како започна приказната, како го користи своето слободно време и што е следно во светот на тенисот? Дознаваме токму од неа:

Која е Лина? Каква девојка е? Кажи ни нешто повеќе за себе? Каде си во моментов и што правиш?

Во моментов сум во авион, се враќам од турнир во Франција, па да искористам прилика да ви одговорам на прашањата. Родена сум во август, Лав сум во хороскоп, иако не верувам во такви работи, но секоја карактеристика за Лав е карактеристична за мене. За себе можам да кажам дека сум доста позитивна и искрена личност, иако најдобрите другарки пред да ме запознаат подобро ми имаат кажано дека на прв поглед изгледам како некоја со која не може човек ни да се запознае, а не па нешто повеќе (хахаха).

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-1.jpg

Кога бев мала сакав да бидам?

Со тенис почнав на 6 години така што, немав некој голем избор што сакам да бидам (хаха).

Лина, потекнуваш од спортско семејство, си размислувала ли некогаш да се занимаваш со нешто поинакво од спортот?

Кога не би се занимавала со спорт, тогаш дефинитивно би била архитект. Имав, а и сè уште имам огромна желба за архитектура, меѓутоа поради тенисот морав да студирам вонредно, а кај архитектурата тоа не е возможно и ми остана само една голема неостварена желба. Но, да бидам искрена не можам да се замислам без тенисот, тренирам повеќе од 16 години и како што поминува времето и со сè подобрите резултати, сè повеќе и повеќе се заљубувам во тоа што го правам и сум убедена дека тенисот е вистинската професија за мене.

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-3.jpg

Како започна целата приказна со тенисот?

Брат ми е најголемиот виновник за тоа. Брат ми одеше веќе на тренинзи, а јас сакав да правам сè што правеше тој, па одев со него и од страна ги правев истите вежби што му ги даваше тренерот, но да не бидам скромна ги правев исто добро како него, а може и малку подобро (хаха). Така, тренерот искористил прилика да им каже на моите родители дека гледа голем талент во мене и ете ме, после 16 години тука сум каде што сум.

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-2.jpg

Надал или Федерер?

Уфф... Многу тешко прашање. Федерер е легенда, не постои некој кој ќе може да го замени, секогаш навивам за него освен кога игра против Надал (хаха). Голем фан сум на Надал, секогаш насмеан без разлика на резултатот, а во исто време страшен борец, омилен ми е.

Серена или Шарапова?

Ако ме прашуваш како тенисерка тогаш Серена, но за изглед Шарапова, дефинитивно.

Омилен турнир?

Да ме прашавте истово прашање пред да играм на Australian Open, ќе ви кажев дека омилен ми е Roland-Garros. Но, сега кога веќе играв во Австралија и ја почувствував поддршката на Македонците таму, дефинитивно, Australian Open ми е омилен. Верувам дека сите знаете како изгледаше сето тоа таму, од многубројните видеа кои ги имаше по социјалните мрежи.

Кој тенисер е твојот role model – на кого се восхитуваш, како кого би сакала да играш, чии удари би сакала да ги поседуваш? На која подлога се чувствуваш најсигурно?

Серена!!! Играм агресивен тенис што не е многу често во женскиот тенис, а таков начин на игра најдобро ни го покажува Серена. Имам доста јак сервис поради висината, а и на агресивниот начин на игра најдобро ми одговара тврдата подлога, бидејќи е и најбрза.

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-4.jpg

Како се справуваш со патувањата, одморите, тренинзите, факултетските обврски...?

Тенисот е многу тежок спорт. Кога веќе ќе почнете да се занимавате професионално, тогаш можете слободно да заборавите на одмор. Не се сеќавам кога ми поминале повеќе од 10 дена, а да не фатам рекет. Премногу патувања, а кога тие недела, две, максимум сум во Македонија, тогаш одам секој ден на тренинзи, тенис и фитнес. Нема време за одмор, но колку се подобри резултатите, толку побрзо заборавам на жртвата која ја бара овој спорт и со задоволство го правам тоа, секојдневно. Минатата година бев апсолвент, не сакам да го запоставам образованието во никој случај поради тениските обврски. Кога се сака сè се може, нели?

Кога одморам сакам да...?

Кога одморам сакам да слушам музика и да разгледувам списанија во исто време, а и секако, малку да не мислам на тенисот. Поради тоа што многу патувам, кога сум во Македонија, покрај тренинзите и припремите за следните турнири, сакам времето да го искористам и да им го посветам на најблиските и на пријателите. Па и кога имам време за одмор, гледам да им го посветам на нив. 

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-5.jpg

Често си надвор од Македонија, што најмногу те воодушевува кога патуваш?

Се радувам секогаш кога одам на турнири во нови градови, каде што не сум била никогаш, но немаме многу време за прошетки и за разгледување на градови, затоа што сме на терени од рано наутро до вечер. Многупати се случило да сум цела недела во еден град и да не излезам, да го разгледам местото. Но, тоа што на 22 години го имам поминато скоро цел свет, секако дека е голем плус во животот.

Ако не си тука, каде би живеела, си размислувала ли некогаш?

Ја обожавам Шпанија, го зборувам шпанскиот јазик и дефинитивно, кога би живеела на друго место, тоа би било некаде во Барселона или Валенсија, едно од тие две места.

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-6_copy.jpg

192-ра позиција на ВТА листата, првата Македонка која оствари победа на еден Гренд-слем турнир. Какво е чувството?

192-ри играч првпат во историјата на Македонија како и прва победа на Гренд-слем турнир. Секако дека е одлично чувство кога си единствен во нешто, па макар и во нашата мала земја.

odblizu-so-lina-gjorceska-odlicno-e-cuvstvoto-koga-si-edinstven-vo-neshto-pa-makar-i-vo-makedonija-8_copy.jpg

Фегели се испречи на патот за поголем успех, како си задоволна до сега?

Според рангирањето во квалификациите на Australian Open бев меѓу последните рангирани и сум презадоволна, затоа што победив два меча во кои противничките беа големи фаворити. Во првото коло, Американката која ја победив, е голема надеж за американскиот тенис, а во второто коло девојката од Унгарија има освоено јуниорски Гренд-слем турнир. Имав огромни шанси за да го поминам и третото коло, но тука искуството на противничката пресуди, која пред 2 години беше 40-та во свет. Секако дека ми беше многу криво поради последното коло, но извлеков голема поука од тој меч и сега сум сконцентрирана на следните предизвици, а влезот во главниот турнир на Гренд-слем за уште еден историски успех е многу блиску.

2013-та и 2016-та беше прогласена за најдобра млада спортистка во Македонија, што е следно за 2017-та, најави ни нешто?

2013-та како млада спортистка, а 2016-та како спортистка на годината, се признанија кои се голем мотив за поголема работа и за подобри резултати. Во 2017-та ќе учествувам на што поголеми турнири, повеќе ВТА турнири како и се надевам на следните 3 Гренд-слем турнира. Ви ветувам дека кон крајот на 2017-та рангирањето ќе биде уште подобро и дека конечно Македонија ќе има учесник во главниот дел на еден Гренд-слем турнир.

Автор: Сања Стојковска
(c) CRNOBELO.com

Би можело да ве интересира:

Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
„Пред 45 години успеав да ја заведам единствената жена која посакав да ми роди деца“ – Жељко Самарџи... „Во брак сме 45 години и заедно пребродивме многу убави, но и тешки животни моме...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg