Како сфатив дека шефицата ми е нарцисоиден психопат?

Кога од една исклучително весела (понекогаш и премногу) личност, која секогаш е насмеана и добро расположена, во рок од само неколку месеци ќе дојдете до стадиум на полудепресивно зомби кое не знае како да се опушти, логично е да се запрашате – дали сето ова ми е навистина потребно?

kako-sfativ-deka-sheficata-mi-e-narcisoiden-psihopat-1.jpg

Да, таква „еволуција“ се случува кога работите за личност која ги има сите карактеристики на психопат. Среќата, оптимизмот и позитивата кои ги носите со доаѓањето на новото работно место, наскоро се претвораат во френетично работење без слободен миг, депресија и незадоволство од самите себе. Драматичните испади стануваат дел од секојдневието, ништо не чини, конкретните податоци и задачи се даваат во последен момент, а нетрпеливоста и неорганизацијата се сè повидливи со секоја секунда.

Партнерот, семејството и пријателите гледаат дека се случува нешто чудно, а вие сте слепи при здрави очи, сè до оној круцијален момент кога ќе сфатите – па јас работам за психопат!

Можеби е тежок зборот, но и науката ги потврдува ваквите сомнежи. Психопатите, најчесто со извонредна манипулација доаѓаат до она што го сакаат, без нималку емпатија или жалење. Ќе измолзат од вас сè што им треба, вклучувајќи и прекувремена (секако неплатена) работа, а сите ваши идеи суптилно ќе си ги присвојат.

Еве што мене ме научи ова горко искуство:

1. Остави совршен прв впечаток

Само оние кои блиску соработуваат со психопатот ќе имаат прилика да го запознаат неговиот или нејзиниот вистински карактер. Поради нивниот површен шарм, луѓето често погрешно ја перципираат нивната импулсивност и безобѕирност, како храброст и одлучност на врвен водач - лидер.  И науката покажува дека психопатите не се исклучиво водени од потребата за пари и успех, туку имаат тенденција да бидат многу нарцисоидни. Бидејќи се исклучително вешти во дружењето и комуникацијата, лесно ја постигнуваат својата цел: те шармираат на почетокот и истовремено поставуваат темели за подоцнежна ексклопатација. Буквално.

2. Никогаш немаше потреба да се извини

Не само на мене, туку на никого од фирмата. Изливите на бес во живо или преку електронска пошта знаеја да бидат како сценарио од некоја сапунска серија, а повеќето од нас се обидувавме да ги игнорираме или реагираме на смирен и опуштен начин. Ретко успеваше, но тоа е друго прашање. На психопатите, мобингот им е најнормален вид на однесување и особено ефикасно средство за добивање на она што го наумиле. Заинтересирани се само за остварување на своите желби, а тој процес ги вклучува и бизарните испади.

kako-sfativ-deka-sheficata-mi-e-narcisoiden-psihopat-2.jpg

3. Постојано лажеше

Научните теории за психопатите тврдат дека тие често знаат да лажат, како би се претставиле себеси или својата фирма во што подобро светло. И да, тоа е вистина. Се сеќавам на приказните за бројни клиенти со кои бившата шефица наводно била во фантастични односи, дизајнери со кои е семеен пријател, неверојатните егзотични патувања на кои одеше, итн. Најфасцинантно ми беше кога ми зборуваше за еден мој близок пријател, за кого тврдеше дека се сложуваат најдобро на свет, а кога јас него го прашав што мисли за нејзе, само бледо ме погледна и запраша: „Кој?“. На крајот, излезе дека ништо од нејзините наводи не било вистина. Мене ми е сеедно, но тажно е што тие лаги им ги сервираше и на потенцијалните деловни партнери, на новите вработени и клиентите. Лагите ѝ беа само уште едно од средствата за постигнување на сопствената цел, а ниеднаш не ѝ се појави чувство на каење, кривица или жалење. Психо.

4. Во сите гледаше само лична корист

Се обиде и мене да ме преобрати на таков начин на размислување. Колегите не можеа да ми бидат пријатели, туку се очекуваше дека и нивните (и моите) приватни контакти ќе се искористат во насока на нејзина промоција. Распоредите ги кроеше според своите потреби (иако беше договорено работното време од 8 до 16 часот) и очекуваше дека баш сè ќе се прилагоди на неа, како професионално, така и приватно. Запаметете, кога еднаш манипулаторот ќе успее да подреди сè на себе и во своја корист, тоа ќе го искористува додека може. Значи, до моментот кога ќе решите да кажете збогум и драматично ја треснете вратата.

5. Никогаш не ги признаваше сопствените грешки

Секогаш, кривецот беше некој друг. Или јас, или колегите, или лошото време, или, пак, злобниот пес кој лае во дворот. Се разбира, тотална спротивност беше кога се работеше за успехот. Без око да ѝ трепне ги преземаше заслугите за одлично извршената работа за себе, а на туѓиот успех се фалеше на сите ѕвона како да е нејзин. Да не почнувам и за тоа како инаку таа сè работи најдобро, ја познава индустријата подобро од било кој друг, нејзиниот начин на работа е единствениот исправен и сите останати бајки. Затоа ѝ е веројатно фирмата моментално во блокада.

kako-sfativ-deka-sheficata-mi-e-narcisoiden-psihopat-3.jpg

Ова се само дел од примерите за психопатско однесување во деструктивно работно опкружување. Секако дека таквиот однос со себе носи последици за вашето психичко и физичко здравје, па важно е што побргу да побегнете од таква околина.

Да, времињата се такви што добивањето работа е како да сте добиле на лотарија, но што ќе ви значи ако ви донесе само мизерија?

Она што мене ме научи ова искуство се границите до кои можам да одам и фактот дека никогаш повеќе нема да допуштам работата да ми биде на прво место, по цена на здравјето и односите со најблиските луѓе. Никогаш.

М. А. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Дадов отказ за да ја работам работата од соништата и сега немам за сметки - дали сум лоша мајка?“ „Мене мојата работа ми ја грее душата, но имаме деца, кредит за стан, одговорнос...
Секс и врска со колега од работа – Кои се позитивните, а кои негативните страни? Еден ден, ако останете со скршено срце, тоа не смее да влијае врз вашето работењ...
Како најлесно да се справите со нарцисоидни шефови и колеги? Не ги игнорирајте. Восхитувајте се на тоа колку добро изгледаат или, пак, барем ...
Фрустрирани сте и не ви се работи, а отказот не е најдоброто решение? Совети како да бидете посреќни... Ако не сте задоволни со вашата работа, но не сте во позиција да си дадете отказ,...
Совети за вработени мајки: Како да направите баланс за да не „прегорите“? Немојте да чувствувате вина кога одите на работа и го оставате детето и задолжит...
6-те тајни на успехот (кои секоја амбициозна личност ги знае) Кои се тајните на успешните луѓе? Правило број 1: Успешните луѓе не веруваат во ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg