Професор на машински: „Половина од вас уште прв семестар ќе завршат на новинарство“

Пред неколку денови се запознав со еден човек. Секоја средба, па така и оваа ми донесе нешто од кое можам да напишам книга. Станавме ненормално површни, вонсериски безобразни и непресушен извор на инспирација за мене.

profesijata-ne-me-odreduva-01.jpg

„Дали студираше? Што заврши?“ – ме праша тој.

„Новинарство.“ – одговорив, малку незаинтересирано.

„Е кога јас во `70-тите се запишав на машински, еден професор на првото предавање ни кажа, половина од вас, во следниот семестар ќе завршат на новинарство.“ – гордо се обиде да ме провоцира.

Кисело се смешкав, бидејќи веќе сум навикната на ваквите површни забелешки. Мајка ми, автоматски возбудено дофрли: „Беше одличен ученик, можеше да студира што сака!“. Имаше потреба да ме оправда. Јас не.

Јас ги почитувам сите кои со својата работа и интелект се докажале и оствариле. Многу интелигентни луѓе воопшто и не завршиле факултет. Некои немале пари, некои немале прилика, некои поддршка. Дали тоа значи дека сите треба да се најдеме во еден голем кош со етикетите „помалку вредни“, „помалку паметни“?

Како „одличен студент“ јас сметав дека не сум ниту дорасната за новинарство. Имаше многу работи кои не ги знаев. Знаете ли што сè човек треба да знае за да биде одличен новинар? Знаете ли кои способности за трансформација треба да ги имате за да разговарате со претседателот на државата или бабата на пазар? Знаете ли со какви информации морате да располагате за да не бидете невешти?

За човек добро да владее со машинскиот инженеринг, тој мора да ја совлада својата струка. За некој успешно да се бави со новинарство мора да знае многу, од сè. Барем така треба да биде.

Има мал број успешни новинари на кои денес се восхитувам. Новинарството денес се претвори во дактилографија.

Да кажев дека сум завршила медицина сигурно автоматски ќе добиев почит од соговорникот. Иако ништо друго не знае за мене. Меѓу моите колеги има многу интелигентни, кои денес не се новинари. А, има и такви кои се. Меѓу моите познаници има многу неинтелигентни лекари, економисти, лоши правници.

Немојте да го судите човекот по тоа што му пишува на дипломата.

Јас отсекогаш сум сакала да пишувам, затоа, новинарството беше мој избор. Единствениот факултет на кој се пишуваше. Не се пишуваше онака како што сакам јас да пишувам. Исфрли придавка, опис, емоција. А, како да пишувам без емоции кога емоциите ме придвижуваат?

Се сеќавам кога плаќав членарина за библиотека, двајца студенти ме одмерија со поглед.

„Што студираш?“

„Новинарство.“ – одговорив.

Ме одмерија и се насмеаја: „Аха, да...“

Изгледа мојот одговор беше пресуден за да ме карактеризираат како глупача која на факултет дошла за своите пет минути слава.

Од тој ден поминаа речиси 12 години, а ја сè уште јасно се сеќавам. Се чувствував понижено и деградирано.

И денес сè уште сметам дека не сум способна да бидам доволно добра за работата од која живеам. Не сум од оние новинари кои ги менуваат светот и погледите за светот. Никогаш не сум можела да бидам задоволна, ако во нешто сум само просечна.

Можете да замислите само еден ден без новини и вести? Поголемиот дел не можат.

Потребна им е доза на информации исто како што им треба и воздухот кој го дишат. Потребен им е новинар да им пренесе што се случува, па дури и да им ги обликува мислите.

Затоа велат, ниту една професија не е за деградирање.

Н. Г. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секс и врска со колега од работа – Кои се позитивните, а кои негативните страни? Еден ден, ако останете со скршено срце, тоа не смее да влијае врз вашето работењ...
Како најлесно да се справите со нарцисоидни шефови и колеги? Не ги игнорирајте. Восхитувајте се на тоа колку добро изгледаат или, пак, барем ...
Грешки во говорот на телото кои прават да изгледате несигурно и непрофесионално на работа Постојано сте намуртени, избегнувате гледање во очи и на работа се однесувате ка...
Како да се справите со љубомората кон колегите на работа? Понекогаш, сè што треба е да погледнете на работите од поинаков агол. Наместо да...
Искрени исповеди: По што ќе познаете лош шеф? „Редовно заглавување прекувремено и гледање на тоа како да е нешто нормално. Не,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg