Интернет платформа за бесплатно сместување или мојата CouchSurfing приказна

Мислам дека не постои човек што нема желба да патува, да открива нови и непознати дестинации. Често посакуваме да проскитаме низ улиците на Париз и да испиеме чаша црвено вино, да го посетиме Лондон и да се возиме во двокатните автобуси... или да заминеме што подалеку од Европа и да доживееме културен шок.

internet-platforma-za-besplatno-smestuvanje-ili-mojata-couchsurfing-prikazna-001.jpg

Некако ќе заштедиме за авионски билет, но помислата за сместување најмногу нè обеспокојува.

Мојата потреба од постојано движење ми откри една прекрасна можност преку која можам бесплатно да преспивам насекаде низ светот. Пред да продолжам понатаму би ве запрашал како ви звучи да преноќите кај некого што претходно никогаш го немате видено во живо? Знам, сигурно звучи налудничаво, но од лично искуство ве уверувам дека нема потреба од паника и скепса.

Станува збор за CouchSurfing или платформа на бесплатно сместување по домови која функционира преку интернет. Со 15 милиони корисници и слоганот Stay with Locals and Meet Travelers, CouchSurfing е пример за концепт на соработка и споделување добра.

Наменета за сите патувачи, авантуристи или оние кои што сакаат да ја напуштат комфор зоната. Да се биде дел од оваа интернет заедница е многу едноставно.

Се регистрираш на веб-сајтот, правиш верификација на профилот, ако сакаш полесно да најдеш сместување, го пополнуваш со лични податоци и вметнуваш интересна галерија од твои фотографии. Следниот чекор е да избереш дестинација, внимателно да ја прелисташ обемната листа на корисници, да ги анализираш нивните профили и да најдеш личност со слични интереси.

Осмислуваш персонализирана порака и како барање за сместување ја препраќаш. Многу е важно да се има референци од претходно остварени средби со луѓе од оваа платформа, на тој начин самата потрага по сместувања значително станува полесна.

Моето прво CouchSurfing искуство се случи летото 2013 година во Келн. Пред да заминам најблиските ме бомбардираа со секакви небулози. Демек било опасно, ќе ме ограбиле, малтретирале... На крај, нивните зборови останаа празно да лебдат во воздухот не соодветствувајќи со вистината зад оваа интернет платформа. Од тој момент авантуристот во мене уште повеќе се ококори, убедувајќи ме дека каде и да сакам во светот можам да преноќам бесплатно.

Добро се сеќавам на Лорена од Падова, професорка по германски јазик, која ме пречека со највкусно подготвена морска храна. На близнаците Џофри и Шарлот со чија помош го согледав секојдневието на Мец и се забавувавме на еден реге фестивал.

Тука е и Седрик, чија куќа во близина на Кан претставуваше мое живеалиште цели три недели и со негово патничко комбе го пропатував целиот Азурен Брег. Постојат луѓе со кои иако се знаеш само неколку часа, имаш чувство дека се знаеш цел живот.

Наместо да преспивам по хостели, хотели или Airbnb, јас избрав да се препуштам во друштво на странци и да запоседнувам туѓи кревети, душеци или подови. Позеленети градини, балкони, а понекогаш и кровови со воодушевувачки видици.

Целта не е бесплатното сместувања или очекувања на полнпансион, суштината на оваа интернет заедница е да се остварат нови познанства и пријатели, преку дружба и разновидни активности да се прошират личните хоризонти и да се излезе од рувото на турист.

Патникот е тој што може да ги согледа животните навики на луѓето од некое населено место, да ги посети локалите каде се движат мештани, да се измеша во еден поразличен свет од неговиот.

internet platforma za besplatno smestuvanje ili mojata couchsurfing prikazna 3

Ни самиот не знам колку пати ги имам користено благодатите на CouchSurfing, но сигурно бројката се движи над сто. Мора да признам дека сум немал негативно искуство, но не тврдам дека тоа не постои во светот на CouchSurfing.

Ама ако мора да наведам некаков пример би го одбрал мојот престој кај Марчин во Познан, август 2015 година, кој јадеше од иста чинија со своето куче. Ова воопшто не беше никаков проблем, но толку ми беше здодевно што наредното утро го напуштив и си најдов друго сместување.

Она на што јас лично најмногу обрнувам внимание е длабочината и интензитетот на поврзаноста што ќе се оствари помеѓу мене и домаќинот. На крајот само тоа и ни останува. Спомени и желба за прераскажување.

Па затоа луѓе препуштете се на моментот. Светот е многу поголем од границите на Македонија. Скромен буџет и волја се пресудни ако саката да внесете разведрување во вашите животи. Затоа во прва прилика приклучете се во семејството на CouchSurfing и засведочете недоживеани искуства.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ќе ве качиме во „кајчето на Лихнида“ и ќе ве одведеме до петте најубави локации во нашиот бисер Охри... Рибарите ги прибираа мрежите. А езерото мирно, душа да си одмориш. И додека убав...
Од забави до зори на EXIT до дегустација на 500 различни вида вино – Зошто треба да го посетите Нови... Нови Сад, градот кој истовремено е и мирен и полн со живот, нуди по нешто за сеч...
8 најубави плажи во Хрватска за одмор со мали деца На кои плажи во Хрватска морето е најчисто, плитко, а има и голем број активност...
Адрпашко-Тепличките карпи во Чешка се пандан на нашата Куклица во кратовско, мистично и волшебно мес... Ова е најголемата групација на карпи во Европа, испреплетени во лавиринти. Издиг...
Предлог дестинации во Македонија за незаборавни викенд доживувања (за вљубениците во природа) Каде ќе се патува викендов? Што ќе се прави? Ова се неколку прашања што сите пос...
9 митови за Париз во кои веруваме поради филмовите и сериите Некои делови од Париз можеби мирисаат прекрасно од пекарите, но на многу места с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg