Роденденска рапсодија: Засекогаш е зборот кој го барам

rodendenska-rapsodija-zasekogash-e-zborot-koj-go-baram-01.jpg

Велат, кога нешто ќе објавиш на интернет, тоа останува засекогаш. Засекогаш е зборот кој го барам.

Засекогаш.

Сакам оваа роденденска желба да постои засекогаш. Прво како желба. Потоа како желба која ти ја остварувам. Ја мама, на тебе дете. Потоа како желба која сама си ја доцртуваш. Ти, на себе. Потоа како сон кој го живееш и пееш. Ти мој свету. И светот на тебе.

Засекогаш.

Здрава. Среќна. Убава. Насмеана. Храбра. Внимателна. Слободна. Бистра. Радосна. Подготвена. Отпорна. Борбена. Снаодлива. Нежна. Љубопитна. Своја. Насочена кон соништата кои постојат за да се остварат.

Засекогаш.

Засекогаш е временска категорија. Таа ги подразбира моментите кога јас и тато сме на работа. Кога спиеме на плажа како на хартија нацртани. Кога се смееме и кога се муртиме. Кога ги повторуваме магичните зборови: „Те сакам!“. Кога го повторуваме она глупаво, но така корисно „Не!“. Тоа ја подразбира секоја вечер кога ќе се најадеме палачинки и ќе измислуваме нови приказни за добра ноќ. Тоа го подразбира она попладне кога ќе кажеш: „Тато, дипломирав!“ и она утро кога ќе ме разбудиш и ќе ми кажеш: „Мамо, трудна сум!“.

Конечно, во засекогаш потпаѓа сето она кога мене веќе ќе ме нема да те држам за рака. Кога ќе помислиш дека навистина ме нема и не постојам. Дека постои нешто така глупаво што може да ме одвои од тебе.

Тогаш ова ЗАСЕКОГАШ ќе значи нешто посебно. Бидејќи кажува: кога еднаш нешто ќе објавиш на интернет, тоа останува засекогаш. Засекогаш е зборот кој го барам.

Засекогаш е космичка категорија. Го впива просторот од овде до сонцето во Австралија и сибирските снегови. Намокрено е од Индискиот Океан и твоите прегратки. Со него се покриваат канадските езера. Преку него одѕвонува твојата насмевка. Запливува и кон Млечниот Пат. А, се закачува на твојата свилена коса.

rodendenska-rapsodija-zasekogash-e-zborot-koj-go-baram-1.jpg

Засекогаш.

Засекогаш ќе ти посакувам секој ден да ти е убав ден. Не само утре кога ти е првиот роденден. И не само на 1-ви септември кога ќе појдеш на училиште. Магијата на засекогаш е тоа што трае засекогаш.

Мојата љубов кон тебе е космичка гаранција за љубов. Безвременска и наша. Во неа ја исцртувам оваа роденденска рапсодија, бидејќи преку честитката може сè да исчезне.

Засекогаш – интернетот мора тоа да го прифати и сочува.

А, за секој случај, ти зачувај ја оваа симфонија на желби. Сошиј ја во внатрешниот дел на џебот од твоето срце.

За секогаш.

Среќен роденден мила моја.

Те сака, мама!

Н. Г. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Како да го намалите времето поминато пред екран кај вашите деца? Лето-зима, приказната е иста, си доаѓате дома, а вашето дете уште не влезено дом...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
Илустрации за родители: Како да се справите со непријатните ситуации со вашите деца? Што да направите кога детето не сака да ги дели играчките или, пак, кога ќе науч...
„На роденденот на ќерка ми дојдоа само 2 деца, а се најавија 10 – Родители, бидете поодговорни“ „Десет родители ни кажаа дека нивните деца ќе дојдат и бидејќи бевме во игротека...
Фрази што не треба да му ги кажувате на детето (за да биде среќно кога ќе порасне) Немојте да го нарекувате детето „дебелко“ или „слабичко“ или да користите слични...
„Одам на работа, се грижам за децата, чистам, а сопругот не прави ништо – решив да се разведам“ „Работам со полно работно време и јас правам сè. Јас готвам, јас го чистам тоале...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg