Бабо, како ќе се живее овој живот без тебе?

Пред некоја година добив сиви тренерки како поклон за роденден, беа убави, комотни, со интересна врвка во неон боја, модерни и навистина ми се допаѓаа. Првиот пат кога ги облеков отидов кај баба ми на гости, но таа како некој детектив забележа мала, скоро незабележлива пукнатина на завршетокот од ногавиците.

babo-kako-ke-se-zivee-ovoj-zivot-bez-tebe-01.jpg

„Дај да ти ги зашијам, срамота е да те видат со таа пукнатинка.” Рече таа, радосна што конечно и искрсна некаква работа.

Јас се брзав и притоа увидов дека не е некоја голема штета, затоа и оној кој што ги купил не забележал, па и реков дека тоа ќе го направи наредниот пат, за да не ја мачам, иако знаев дека нема да се смири додека не ги среди. 

Оттогаш секогаш кога ќе се сретневме ќе ги спомнеше моите тренерки и пукнатината која сакаше да ја корегира.

Ќе речеше „Многу ќе ми се направи меракот ако ги зашијам”, а јас како и секој друг, ќе ѝ речев „Другиот пат бабо, ветувам ќе ги донесам, само за да не ги мислиш, сега треба да одам, ме чекаат” и сè така одново.

На овој ден, седам со сив конец и игла, ја корегирам твојата пукнатина бабо, онаа која што е многу мала споредена со онаа која ми се отвори во срцето.

Во оваа празна соба, на овој огромен кревет, каде капките на дождот го валкаат прозорецот. Тебе те нема, ја нема твојата насмевка, твоите искрени разговори, твоите модерни размислувања.

Ја нема жената на која знаев да ѝ речам на смеа жена, мајка, баба, кралица.

Тешко ми е, знаеш зошто? Затоа што знам дека од многуте желби што ги имаше, јас ти го скратив меракот за таа пукнатина. Зошто дозволив да не ја видам насмевката за тоа твое задоволство?

Затоа што бев себичен мислејќи дека другите ќе ми побегнат, затоа што мислев дека девојката со која утре може и никогаш да не прозборам ќе ми избега. Можеби дека другарите ќе се налутат ако испуштам една кафеана.

Како ние луѓето толку често завршувавме трчајќи по погрешни работи, а ги заборававме оние кои се цело време со нас?

Зошто требаше да се случат вакви работи за да сфатиме колку често треба да им кажеме на луѓето кои секогаш биле крај нас дека ги сакаме, дека ни значат.

Да бидеме со нив, да им посветиме многу повеќе внимание и да им го дадеме задоволството во тие мали работи. Да ги насмееме со толку ситни, безначајни работи кои им значат многу. 

Прости ми. Нè напушти во сон и според мене тоа е најблагословената смрт која што можеше човек да ја доживее. Насмевни се од таму некаде горе, знам дека ме гледаш, насмевни се на мојата трапавост и неспретност со конецот.

Ја зашив оваа пукнатина, се надевам сега конечно ја имаш таа насмевка полна задоволство која ти ја ускратив. Те молам дај ми знак дека не те изневерив. Знаеш колку те сакам.

Помогни ми сега да ја закрпам пукнатината во срцето. Како ќе се живее овој живот без тебе?

Иронично е нели? Денес легнуваш, а утре нема да го дочекаш сонцето. Згаснуваат сите зборови, сите неостварени планови и само започнуваат солзите, иако за сè е веќе доцна.

Ќе те чувам во мислите. Ќе те направам горда со секој чекор. Знам дека ќе бидеш со мене при секој подвиг. Ќе ги чувствувам твоите стапалки во песокот пред мене кои ќе ме водат по вистинските патишта.

Ќе се сеќавам на твојата насмевка, искреност, откаченост, на твојата живост и твојот младалешки лик. 

Ќе им раскажам и на моите деца каква кралица беше ти. Ќе ме боли и ќе ми треба време да се навикнам на играта на животот. Ова беше лекција, за мене и за сите околу мене.

Користете ја секоја секунда за да бидете со оние кои ве пораснале. Родителите и најблиското семејство. Кажете им што ви значат, колку ви значат. Ако треба и сто пати, секојдневно.

Другарите денес ги има утре не, девојките и момците и тие се релативно минливи, но семејството, семејството е она што ќе ве задржи после сите етапи во животот.

Ме облева топлина, како да ја чувствувам твојата прегратка. Ќе се гордееш со мене, онака како што јас се гордеев со тебе.

Ти ветувам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

 Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
Мајка од Кина го пронашла киднапираниот син по 32 години - Бил продаден на пар без деца за 760 евра Ли Џингзи од Кина поминала повеќе од три децении во потрага по својот син, Мао Ј...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
Момче од Кореја (4) го расплака целиот свет, откако кажа зошто мисли дека родителите го мразат „Мајка ми ме мрази, не сака да си игра со мене“ – дете од Јужна Кореа ги освои с...
„Таа е херој затоа што ми е мајка“ - 20 причини зошто мајките се незаменливи Зaтоа што ги чува сите мои тајни и можам да ѝ се доверам за сѐ. Затоа што знам д...
„Ти си доволна“ – 30 работи што мајката треба да ѝ ги каже на својата ќерка „Никогаш не оди сама по улица ноќе“, „Твое тело – твои правила“, „Вљуби се силно...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg