Браќата Михаил и Кристијан од Сиднеј се преселија да чуваат кокошки во селото Зрзе: „Направивме фарма на имотот на дедо ни“

„Живеевме во прекрасна населба во Сиднеј, но во Австралија луѓето се пресериозни и не знаат да се забавуваат. Додека во Македонија луѓето, околината, околностите се некако подружељубиви и потопли. Нашиот дедо ни даде аманет еден ден ние внуците да се вратиме во неговиот роден крај и да создадеме своја фарма. Сметаме дека го исполнивме неговиот збор...“, раскажуваат браќата Михаил и Кристијан Шемкоски за CRNOBELO.com, и откриваат детали од животот во Зрзе, но и во Австралија.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-01.jpg

Браќата Михаил Шемкоски (34), дипломиран туризмолог, и Кристијан Шемкоски (30), режисер/сценарист по професија, поголемиот дел од животот живееле во Австралија, но во 2016-та се враќаат во Македонија, а од пред извесен период нивен дом е селото Зрзе, родниот крај на нивниот дедо.

Тие имаат своја фарма и иако бизнисот им е релативно млад, тие се препознатливи како модерни фармери на фармата Зрзе.

Со работа со фармата започнале на почетокот на јануари 2021-ва година, а како официјален старт го имаат датумот 1-ви мај бидејќи на тој ден нивните кокошки го снеле првото јајце.

Михаил и Кристијан за CRNOBELO.com ја пренесуваат својата приказна:

Колку време живеевте во Австралија, колку е поинаков начинот на живот таму и навиките на локалците ако направите споредба со Македонија?

Нашите предци (баба и дедо од двете страни) се преселиле во Австралија во раните 70-ти од минатиот век. Нашите родители се венчани таму.

Кога дошле во Македонија да градат куќа, ние сме се родиле во тој период. Живеевме во населбата Чаир и во 1992 повторно се вративме во Австралија каде што израснавме.

Македонски јазик не знаевме сè до својата 9-10 година. Иако во Австралија посетувавме часови по македонски јазик, јазикот го научивме подобро кога почесто ја посетувавме Македонија. Поради одредени обврски, во одреден дел од животот се враќавме во Македонија да живееме на пократки периоди. Целосно сме вратени да живееме тука во 2016-та година.

Животот во Австралија е сосема различен од Македонија. Би рекле дека немаат скоро никакви допирни точки.

Сè е различно: храната, водата, луѓето, навиките, па дури и шегите. Во Австралија, акцентот на живеење се става најпрво на кариерата и заработувачката, па после другите работи како социјалниот живот и сл. Затоа често за Австралјанците велат дека се пресериозни луѓе, кои не знаат да се забавуваат.

Додека во Македонија луѓето, околината, околностите се некако подружељубиви и потопли. Тоа ни го потврдија и нашите роднини кога доаѓаа во Македонија на одмор.

Бидејќи како мали живеевме одреден период во Македонија, ја видовме таа другата страна на животот: негување на традициите, маалските дружби, прекрасната храна од македонското поднебје, како и топлината и мирисот на родниот крај. Па, како возрасни посакавме да ја запознаеме подобро таа страна и да навлеземе малку подлабоко во тој начин на живот.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-08.jpegКристијан (лево) и Михаил (десно)

Каде се наоѓа вашата фарма и како се одлучивте токму за тоа место?

Нашата фарма се наоѓа во прекрасното планинско село Зрзе. Ова е родното место на нашиот дедо кој замина во Австралија во 70-тите во потрага по подобар живот.

Нашиот дедо ни даде аманет еден ден ние внуците да се вратиме во неговиот роден крај и да создадеме своја фарма. Сметаме дека го исполнивме неговиот збор.

Селото е идеално за одгледување на живина. Ги има сите потребни услови од аспект на природна вегетација и е многу еколошко. Жителите се многу пријатни за дружба и соработка и многу добро се познаваме со нив. Секогаш сме тука едни за други и ни значи нивната поддршка.

Нашите кокошки просто уживаат што се во ваква чиста околина и затоа ги несат најздравите и највкусните јајца, бидејќи се одгледувани во пријатна и безстресна околина.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-07.jpeg

Што ви недостига најмногу од Австралија?

Баш ова го зборевме пред некој ден. Од Австралија најмногу ни недостигаат одредени јадења како супата со нудли од азискиот кварт, питата со месо (национално јадење на Австралија), пивото и одредени грицки со кои израснавме.

Пред година дена нашата мајка беше во посета таму и на враќање ни донесе цел куфер од омилените грицки и јадења. Бескрајно сме ѝ благодарни за тоа!

Добрата страна на австралиската кулинарска сцена е тоа што е составена од повеќе култури кои со текот на годините се населиле таму. Така, имавме можност да пробаме секакви јадења од други нации и тоа е неверојатно искуство.

Исто така, би рекле дека организираноста и професионалноста е она што многу ни фали од таму. Во Македонија луѓето често препознаваат дека не сме од тука бидејќи нашиот „work ethic“ e на сосема различно ниво и ептен сериозно ги сфаќаме работните обврски и задачи. Би рекле дека тоа е одлична карактеристика која ја носиме од Австралија со оглед на тоа што долги години работевме и се калемевме во тој ригиден, но ефективен систем.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-06.jpeg

Како ја донесовте одлуката да се вратите тука? Со што се занимававте таму и во кое место поточно живеевте?

Одлуката дојде кога еден ден се свестивме дека сакаме да направиме поголема промена во животот. Ние сме родени авантуристи/филмаџии кои израснале со филмовите на Холивуд. Сметавме дека Австралија ни понуди многу благодати во животот, но и дека можеби е време да свртиме нова страница и да видиме каде ќе нè однесе патот.

Животот би бил здодевен доколку живееме во едно исто место цел живот. Вака, сметаме дека секое искуство е добредојдено и нашата предност и предизвик лежи во тоа колку успешно ќе се справиме со препреките/совладувањето на нови занаети и адаптирање на нови места и работни навики.

Таму се занимававме претежно со градежништво, што особено ни се најде сега бидејќи постојано имаме градежни активности на фармата. Од мали нè учеле дека најдобро е да се знае и учи одреден занает, за да ти се најде некогаш во животот.

Живеевме во Сиднеј, поточно во населбата Бенкстаун - една од поинтересните населби во Сиднеј каде што на дофат имате буквално сè, од кино, трговски, казина, современи библиотеки, ресторани, фитнес центри и сл. Таа населба засекогаш ќе биде во нашето срце.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-22.jpg

Зошто Зрзе секој треба да го посети? Има ли луѓе кои живеат таму во текот на целата година? Вам како ви изгледа животот таму?

Зрзе е место за сите оние кои сакаат природа и да вкусат дел од селскиот начин на живот.

Селото изобилува со безбројни поточиња, пивки извори, пракрасни пејзажи и автентични куќи. Селото се состои од околу 20 постојани жители, но и е често посетувано на викенди.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-14.jpeg

Нашиот живот главно се врти околу обврските околу фармата. Ние сме целосно посветени на нашите задачи со цел да бидеме што е можно поефективни и да продолжуваме да создаваме дела што ќе останат во иднина.

Селските навики се многу различни од градските. Сепак, во нашата куќа ги имаме скоро сите современи потреби. Така што, не гледаме некоја особена разлика. Единствено нашите навики се малку поразлични од, да речеме, градските.

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-19.jpeg

Што значи да се одржува фарма? Кои се дневните обврски, колку е тешко?

Дневните обврски околу нашата фарма се состојат од грижа и нега околу кокошкитe: храна, вода, собирање и пакување јајца и сл.

Потоа, во зависност од потребите, се зафаќаме со градежните обврски. Цело време постојано се случува нешто, нови идеи, нови начини на работа. Фармата е сè уште во рана фаза и допрва ќе градиме бавчи со дигнати леј каде што ќе одгледуваме храна за свои потреби, но и за кокошките.

Па, сакаме да правиме летниковец каде што ќе пречекуваме гости и ќе запалиме огин и ќе мезиме даски…

brakjata-mihail-i-kristijan-od-avstralija-se-preselija-vo-seloto-zrze-chuvame-kokoshki-ni-se-dopagja-zhivotot-tuka-21.jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Интервју со Кристи, Филипинка мажена во Македонија: „Шест години живеев во Македонски Брод, најмногу... Кристи Рејчел Трајкоски (39) потекнува од Филипините, а веќе 10 години живее во ...
Кристиан Шопов - најпознатиот македонски магионичар: „На првите настапи децата ми ги украдоа реквизи... „На еден од првите настапи се случи по претставата децата на мене да ми направат...
„Немојте да ги казнувате и наградувате децата, нема ефект“: Интервју со Марија Илкоска, едукатор на ... Марија Илкоска (28) e специјален рехабилитатор и едукатор на родители за позитив...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg