Кристијан Шемкоски: „Живеев брзо темпо на живот, добив анксиозност и панични напади, но се изборив со нив и со зависностите“

„При првиот паничен напад почувствував како мускулите на нозете почнуваат да ми се грчат, па грчот продолжи да се шири до рацете – како да не беа дел од мене. Ме фати паника... На главата почувствував нешто како метален обрач кој ме стегаше сè повеќе и повеќе. Се борев за воздух и срцето ми биеше толку силно што имав чувство дека ќе експлодира. Помислив дека е крајот...“, раскажува Кристијан Шемкоски - Шемко (31) од Скопје за CRNOBELO.com, кој вели дека брзото темпо на живот со зависност од алкохол и марихуана го довела да го допре дното во животот, но и открива како се изборил со тоа.

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-01.jpgФото: Антонио Станков, Наташа

Кристијан Шемкоски - Шемко (31) од Скопје е автор, визуелен уметник и претприемач, а и иден советник за личен развој, професија за која интензивно се подготвува, но за која вели дека смета дека најголемо „школо“ му е личното животно искуство. Но, и човек кој е подготвен отворено да говори за сите немили епизоди од својот живот, но и епизоди кои биле лекции и го довеле до местото на кое е денес.

Тој отворено говори за борбата со зависностите, за паничните напади, за мрачните периоди од неговиот животот, за средбите со психолог, за прекарот „Црната овца во семејството“, но и за огромната поддршка и љубов од семејството во најкритичните мигови.

Кристијан Шемкоски во CRNOBELO.com комплетно ја соголува душата:

Зошто себеси си го даваш прекарот „црната овца“ во семејството?

Црната овца е метафора која ја користам да го опишам моето место во домашната хиерархија и односот со моето семејство.

Да не ме сфатите погрешно, јас си го сакам моето семејство најмногу на цел свет.

Дозволете ми накратко да ви објаснам зошто дома секогаш бев „црната овца“. Според мене, црна овца е некој што постојано запаѓа во неволји.

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-02.jpg

Од мал секогаш правев секакви проблеми и со мене никогаш не се знаеше „на што си“. Воедно, црните овци го игнорираат она што го сака мајката и/или таткото. Тие се бунтовни и предизвикуваат еден вид хаос во семејната заедница. Тие не се вклопуваат добро. Тие можат да имаат многу различен карактер од останатите, па затоа и чудно се однесуваат.

Но, исто така, тие се емпатичните грижливи луѓе кои не сакаат да го следат патот на семејството. Сакаат да бидат ослободени од контрола.

Тие ја преземаат сенката на семејството. Со други зборови, тие ги преземаат сите неприфатливи и непожелни особини на семејството и се трудат да ги исправат.

Сè што се смета за непожелно се фрла на црната овца. Секогаш се виновни за сè. Така секогаш ги критикуваат од дома. Добрата работа кај црните овци е што тие излегуваат од сенката на нивното семејство и почнуваат свој живот штом ќе станат доволно возрасни. Јас тргнав по свој пат.

Ги исчистив поголемиот дел трауми од минатото на моето семејство и решив да создадам нова иднина, со мои правила. Јас, на пример, никогаш не бев добар ученик, признавам. Барем не онака како што сакаа моите родители.

Дете сум на генерацијата од 90-тите и во тој период имаше голема транзиција во светот. Основното училиште не го завршив со редовна настава.

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-06.jpg

Највисоката оценка ми била двојка (многу бев горд на своите оценки). Ми сметаше и авторитетот што ми го наметнуваа професорите и се чувствував многу осамено и затворено во училишните зандани.

Воедно ми беше премногу здодевно! Мојата љубопитност се прострираше подалеку од училишните клупи и вистинската школа ја учев на улиците. Уличната школа е пандан на вистинската во пракса.

Сметам дека рано пораснав со тоа што го откажав училиштето и започнав да работам на свои 16-17 години, но и, за жал, тргнав по некои лоши патишта каде што започнав да консумирам алкохол и марихуана во големи количини…

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-08.jpg

Како всушност започна со алкохолот и марихуаната?

Со алкохол започнав многу рано, уште во средношколските денови (како и многу тинејџери).

Додека со марихуаната започнав нешто подоцна и ја консумирав рекреативно долг период во кој се дружев со лошо друштво кои беа, исто така, уживатели на опојни стимуланси.

Воедно, брзиот начин на живот беше тоа што ме „турна“ на земја. До тој ден (кога ми се случи анксиозниот напад) живеев живот сличен на отпадниците од општеството – имав несекојдневни ризични авантури, бев дел од сомнителни друштва, се потценував себеси и својот талент, се пијанчев по евтини биртии, несовесно возев спортски мотоцикли и правев сообраќајки, во кои се здобивав со големи повреди, не градев ништо солидно, површните работи ми беа поважни од долгорочните итн.

Со еден збор, живеев живот на тежок губитник.

Тоа се нарекува себичност, задоволување исклучиво на себеси и своето его.

Сигурен сум дека универзумот не нè создал само за да си ги задоволуваме страстите (како што многумина прават денес и како што јас правев некогаш). Верувам дека сите ние сме создадени со некоја поголема цел отколку да се насладуваме на краткотрајните задоволства.

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-04.jpg

Со што ги поврзуваш појавата на паничните напади и анксиозноста?

Анксиозноста започна кога веќе бев длабоко навлезен во лошите навики и тоа започна сè повеќе и повеќе да ми се одразува лошо на моето психичко здравје.

Се сеќавам дека почесто станував раздразнет, во лошо расположение, подготвен за кавга цело време, но и чувствував некој душевен немир, некое чувство на празнина, тежок нихилизам, на беспомошност, на омалаксаност.

Тонев во тешка депресија и мислев дека не постои излез.

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-05.jpg

Кога ти се случи првиот паничен напад?

Првиот паничен напад ми се случи во Амстердам каде што бев со мајка ми на викенд посета.

Се сеќавам дека, уште кога пристигнавме утрото во Амстердам, почнаа да ми се манифестираат одредени телесни тегоби, како зголемено потење, боцкање по рацете (како мали иглички да ти лазат по кожата), нервна напнатост, тешкотии во дишењето, грчење на мускулите и слично.

Мајка ми забележа и цело време проверуваше дали е сè во ред со мене. Ѝ одговорив дека периодот бев малку преокупиран со работа, па можно е да сум малку преморен.

„Ќе помине“, си реков (позната балканска фраза која е почеток на секое затишје пред бура).

Прошетавме малку низ градот, вечеравме и се упативме накај хостелот. Хостелот беше оддалечен околу 5 километри од центарот на Амстердам, прилично мирно место каде што нема врева и метеж од напорните туристи.

Се сместивме удобно во соба со уште 6 странци. По вечерата, отидовме да спиеме бидејќи бевме многу уморни. Но, ништо не навестуваше за тоа што се случуваше потоа...

kristian-shemko-zhiveev-zhivot-na-tezhok-gubitnik-dobiv-panichni-napadi-no-se-izboriv-so-toa-i-so-zavisnostite-07.jpg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Елена „Живот со стил“ за свадбата со саканиот Бојан: „Сменивме локација во последните 48 часа, но ја... „Во венчаницата се вљубив на прв поглед, ја купив од Солун, бидерамерот ми беше ...
Маја Палчевска, директор за развој на производи и маркетинг во Шпаркасе: „Чест ми е што работам во и... „Во последно време имам една омилена изрека, која вели: „Тим не е група луѓе што...
Марија Прличкова за паничните напади и анксиозноста: „Често го замислувам најцрното сценарио на раб... „Јас низ целиот живот, практично уште од дете, доживував различни симптоми, од п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg