Британците нетрпеливи за трошење пари: Толпи и инциденти пред трговските центри по олеснувањето на „локдаунот“
- Детали
- понеделник, 12 април 2021
Велика Британија почнува со олеснување на мерките за заштита од корона вирусот. Откако денес (12-ти април), по речиси цели пет месеци (од 6-ти јануари) беа отворени пабовите и продавниците, на улиците е забележана толпа народ излезени за да пазарат и да си купат ограничени изданија облека и облека на попуст во некои од попознатите продавници.
Како што пренесува Daily Mail, полицијата била повикана да интервенира пред трговскиот центар Manchester Arndale, каде утрово биле отворени поголем број продавници.
Полицијата морала да му помогне на обезбедувањето да ја смири толпата што чекала пред влезот на трговскиот центар, а луѓето воопшто не се придржувале до мерките за држење растојание и социјална дистанца.
Инаку од денес во Велика Британија ќе биде дозволено повторно да се отворат сите поголеми продавници, фризерниците, салоните за убавина и теретаните. Угостителските објекти, како пабови, ресторани и кафулиња ќе може да служат гости само надвор.
Инаку, во новите мерки, на Британците ќе им се овозможи масовно тестирање од вирусот со најмалку две тестирања неделно, а луѓето во домот ќе може да примаат по двајца гости, наместо само по еден (како што беше досега).
Но, она на што голем број од Британците се израдуваа е тоа што од денес бутиците ќе може да ги отворат и соблекувалните за првпат по повеќе од една година.
Голем број млади луѓе се собрале пред продавницата Foot Locker на Oxford Street во Лондон уште во 7 часот изутринава, поради што продавницата отворила предвреме наместо како што било претходно испланирано во 10 часот наутро.
Обезбедувањето морало да интервенира, затоа што нетрпеливите купувачи тропале по излозите и предизвикувале неред.
Полицијата се надева дека ова однесување се должи на предолгиот „локдаун“ и дека наскоро нештата ќе се вратат во нормала.
Инаку, освен продавниците, синоќа по полноќ беа отворени и угостилеските објекти, па толпи Британци се собраа и пред пабовите.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: Daily Mail, Reuters