Преживеани споделуваат морничави детали од трагичното стампедо во Сеул - загинаа 153 луѓе кои се газеа и задушуваа (фото+видео)
- Детали
- понеделник, 31 октомври 2022
„Пред мене паднаа неколку луѓе, па ја изгубив групата пријатели. Некако успеав да се извлечам, но не и моите пријатели… двајца се во болница, а еден почина“, вели момче кое го преживеало трагичното стампедото во Сеул каде што загинаа 153 лица, а има и бројни повредени.
Ноќта на вештерките е ден кога луѓето се маскираат во омилените фиктивни ликови и се забавуваат, но оваа година празникот го обележа страшна трагедија.
Во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, беше организирана огромна прослава по повод Ноќта на вештерките која заврши кобно за над 150 лица.
На 29 октомври, во областа Итаевон во Сеул, која е позната по ноќните клубови, имаше прослави за Ноќта на вештерките.
Бидејќи ова беше првата голема прослава во Сеул организирана по пандемијата, се претпоставува дека на улиците во Итаевон имало околу 100.000 луѓе.
Но, околу 10 часот навечер, толпа луѓе предизвикала стампедо во една од тесните улички во областа и буквално се заглавиле.
Според властите, стампедото почнало кога огромна толпа народ пробала да помине низ тесната улица. Според очевидците, само неколку минути пред да настане хаосот, полицијата безуспешно пробувала да воспостави некаква контрола над многуте луѓе.
Не е познато зошто толкава толпа тргнала кон тесна уличка, но според некои корејски медиуми, поголема група луѓе тргнала кон уличката бидејќи слушнале дека во областа има позната личност која сакале да ја видат.
Оваа група луѓе ја бутнала целата толпа кон улицата, по што настанал хаосот.
Сепак, да нагласиме дека оваа информација не е официјално потврдена и можно е да станува збор само за гласини.
Стотици луѓе се заглавиле во уличката и не можеле ни да се помрднат. Поради огромниот притисок од другите околу нив, некои луѓе почнале да бараат помош бидејќи имале тешкотии со дишењето.
Наводно, службите од брза помош добиле над 80 повици за помош.
Кога станало јасно што се случува, над 800 болничари и полицајци се упатиле кон местото со цел да им помогнат на луѓето.
Покрај повредените, 153 лица не го преживеале хаосот – дел од нив биле задушени од толпата, на некои престанало да им чука срцето, а некои биле изгазени и згмечени од другите луѓе околу нив.
На морничавите видеа споделени на социјалните мрежи се гледа како стотици медицински лица им даваат брза помош на повредените, а околу нив има и тела покриени со чаршафи.
Споделени се и видеа од самата толпа, на кои се гледаат стотици луѓе кои безуспешно се обидуваат да се помрднат.
На едно видео се гледа и како медицинските лица и полицајците пробуваат да ги извлечат повредените од толпата за да им помогнат.
Корејските власти прогласија ден на жалост и споделија дека ќе има детална истрага за да се утврди зошто безбедноста не била на повисоко ниво кога било очекувано прославите да ги посетат многу луѓе. Истрагата треба да покаже и како настанал хаосот.
По трагедијата, се огласија и неколку преживеани.
21-годишно момче за Reuters изјави дека уште пред да настане хаосот било јасно дека ќе се случи нешто лошо.
„Имаше најмалку 10 пати повеќе народ од вообичаено“.
За локален медиум, друго момче изјави дека луѓето паѓале едни врз други „како домино“ откако биле втурнати во тесната уличка.
Момчето вели дека околу час и половина луѓето газеле врз него и се буткале пред да биде спасен.
Друго момче, пак, вели дека пред хаосот, пет или шест мажи почнале да се буткаат со толпата. Поради ова, двајца паднале, по што започнало стампедото. Уште не е потврдено дали ова е причината за стампедото.
Жена која сакала да остане анонимна, за Reuters откри дека нејзината ќерка била една од заробените во толпата и чекала повеќе од еден час за да ја извлечат од уличката.
Според други очевидци, имало толку многу мртви, што веднаш покрај уличката била направена монтажна мртовечница.
За CNN, очевидец вели дека улицата била како преполн автобус.
„Бев среќен што се извлеков навреме, но околу еден час подоцна слушнав дека имало загинати. Бидејќи луѓето газеа едни врз други… беа згмечени едни до други“.
Очевидците велат и дека им требало долго време да сфатат што се случува, па додека луѓето умирале во уличката, тие продолжиле со забавата.
„На почетокот не сфатив колку е сериозна ситуацијата. Не ми беше јасно бидејќи обично има полиција и брза помош на вакви настани. Имаше и полицаец кој викаше на цел глас, но не бевме сигурни дали е вистински полицаец бидејќи имаше многу маскирани луѓе“ - вели очевидец за CNN.
Маж кој работи во клуб на уличката вели дека го гледал хаосот од горниот кат на клубот:
„Слушнавме како некои луѓе во толпата велеа: Не буткајте! Но, други велеа: Буткајте! И луѓето почнаа да викаат и толпата се упати кон нашиот клуб“.
Мажот вели дека никогаш не пуштаат малолетници во нивниот клуб, но кога сфатиле што се случува, ги отвориле вратите со надеж дека ќе спасат некого.
„Но дури и откако ги отворивме вратите, имаше луѓе кои губеа свест на влезот. Пробавме да ги спасиме, но нашиот клуб се наоѓа на крајот од улицата, каде што веќе имаше луѓе едни врз други“.
Дел од луѓето кои успеале да извлечат, потоа очајно пробувале да ги најдат нивните пријатели.
„Бевме таму цела вечер. Пред мене паднаа неколку луѓе, па ја изгубив групата пријатели. Некако успеав да се извлечам, но не и моите пријатели… двајца се во болница, а еден почина.
Немаше полиција. Немаше кој да ми помогне. Бевме само јас и другите луѓе. Не можев да направам ништо“, вели 24-годишно момче од Австралија кое било во Сеул на одмор.
Најголем дел од загинатите и повредените се тинејџери и лица од по 20-тина години. Некои од повредените се во критична состојба, па постои страв дека бројот на загинати ќе се зголеми.