Верка на Таксират 13

verka-na-taksirat-13-povekjeТаксират најавува уште едно име од финалната вечер - метал групата Верка ќе настапи на главната фестивалска бина на 3ти декември во Метрополис Арена.


Нивниот последен албум e прогласен за најдобар за годината, а од своите почетоци до сега Верка прерасна во бенд чија фан-база секојдневно се зголемува и бенд кој со својот посебен музички израз никого не остава рамнодушен.

Верка е метал бенд, формиран во Делчево кон крајот на 90-тите, кој веднаш го привлече вниманието на публиката со својата уникатна ритмички интензивна метал музика спакувана со звуците на традиционалните инструменти. Во 2001. групата го направи својот пробив на музичката сцена како победник на Лузер Фест, а наредната година го издаде своето ЕП демо („Cor Cordis“). Година дена подоцна (2003) беше објавен и нивниот деби албум Jaggah за Литиум Рекордс. По објавувањето на Jaggah, момците од бендот, Марс Марсовски, Антовски Бране-Блеки, Маздрак и Ѓоргиевски Влатко-Далтон се вовлекуваат во долгогодишна ненамерна пауза. До нивното следно студиско издание, поминуваат 8 години, но по оваа пауза во 2010 година бендот се враќа со поголема музичка моќ и зрелост. Својот втор албум Моторни песни (2010), групата го најави со спотот за песната „Огин“ кој беше пуштен на YOUTUBE пред објавувањето на албумот. Моторни песни, на Канал 103 беше изгласан за најдобар македонски албум за таа година. Албумот е насловен по истоименото дело на поетот Никола Вапцаров, кој е една од инспирациите на бендот, а неговите стихови се испеани и во нумерите „Песни“ и „Ѓерданот“. Од Моторни песни, групата неодамна го објави и вториот официјален видео запис за песната „Панк! Панк! Панк!“, во изработка на Гоце Цветановски.

verka-na-taksirat-13

За музичката критика кај нас, Верка е „еден од најинвентивните рок-бендови во последната деценија на македонската сцена“, а универзален е впечатокот дека токму настапите во живо се најмоќното оружје на овој бенд.

На главната фестивалска вечер на Таксират, покрај Верка, ќе настапат и веќе најавените хедлајнери за оваа година, светските инди-рок ѕвезди Kaiser Chiefs, алтернативните музички активисти Asian Dub Foundation, влијателната рап ѕвезда Fat Joe, Buraka Som Sistema, Clawfinger и Т.Б. Трачери.

А еуфоријата може да започне! Таксират 13 својот старт го означува на 25ти ноември (петок) со настапот на најимпресивната балканска појава Дубиоза Колектив, во клуб Колосеум од 21:00 часот. Загревањето пред нивниот настап ќе го обезбеди Гласном, уникатен македонски бенд кој експериментира претежно со рап и метал звукот. Влезниците за овој концерт во претпродажба чинат 300 денари (400 на врата). По концертот на Дубиоза Колектив, на полноќ во рамките на afterparty забавата ќе настапат диџеј Славе и Дискобајаги, аудио-визуелниот диџеј перформанс на Брански и Ведран (Дубиоза Колектив). Влезот на afterparty забавата ќе биде бесплатен.

***

Потсетуваме - во тек е претпродажбата на влезниците за овогодинешниот Таксират, со цена од 800 денари. Истите можете да ги купите онлајн на website.mktickets.mk, како и во продажната мрежа на Таксират и салоните на ONE низ Македонија. Билетите на билетарата пред Метрополис Арена, на 03 декември, ќе чинат 1000 денари.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg
Не можете да откриете нови земји без да се согласите да не го видите брегот многу долго време.
Андре Жид (1869-1951)