Започнува Вино-Скоп 2011
Од 5-9 октомври ќе се одржува петтиот по ред интернационален вински фестивал Вино-Скоп 2011. Плоштад Македонија е местото каде ќе имате можност...
...да дегустирате прекрасни висококвалитетни вина и разновидни гурмански специјалитети, зачинето со богата музичка програма и забава за сите посетители.
„Виното е дар од боговите” вели старата поговорка, која е само потврда дека на овој божествен напиток никој не може да му одолее. Познато е дека Македонија е земја со голема традиција и умешност во производството на прекрасни вина, а виното - еден од најголемите македонски брендови.
Посетителите ќе имаат можност да вкусат многу домашни и странски видови вина, од реномирани винопроизводители, како и разни гурмански специјалитети, кои одлично го дополнуваат вкусот на виното и придонесуваат за општо задоволство. Обезбедена е музичка програма со голем број артисти како на пример Влатко Стефановски, Даутовски квартет, Игор Џамбазов, Esma Rexepova, Гоце Арнаудов и многу други.
„Македонците се верни љубители на убавото вино, а одзивот и интересот за фестивалот во минатите години беше одличен. Оваа година, подготвивме богата програма, со нови и разновидни содржини и очекуваме уште поголема посетеност. Исто така, на едно место ќе се обединат македонските винарии, а целта е да се оствари поголема соработка меѓу нив - фактор за градење добар имиџ и промоција на одличното македонско вино“ вели Фимка Шопова-Темова, еден од организаторите на Вино-Скоп.
Виното е совршена придружба во најубавите моменти на животот. Само неколку голтки од овој волшебен пијалок се доволни за разубавување на денот и релаксација. Посетете го Вино–Скоп 2011 и дозволете си ден исполнет со забава, дружење, многу музика, вкусни специјалитети и се разбира чаша одлично вино!
Уживајте во Вино-скоп 2011 и наздравете за добро здравје, духовен мир и подобро утре!!!