Ние може да имаме нерви за бормашини во 7 наутро, а вие не трпите еден роденден со музика

Поздрав, мили ем драги, комшии! Намерно во текстов ќе бидете ословувани со комшии наместо со македонскиот литературен збор соседи, бидејќи сосед е премногу софистициран збор за вашиот нарав. Му доаѓа како епитет, а вие не заслужувате пофалби.

Nie-moze-da-imame-sluh-za-bormashini-ama-vie-ne-mozete-da-istrpite-eden-rodenden-so-muzika-01.jpg

Типични комшии сте, од оние „да му цркне козата“ на другиот.

Да резимираме, на приземје сте, вам не ви треба лифт. На првиот кат сте, не ви е потребна санација на покривот. Не ви е потребна ниту чистачка, сами си зачистувате на катот. Да се распадне зградата до последното зрно прашинка, вам повторно нема да ви биде гајле.

Ние може да имаме слух за вашите правосмукалки и бормашини во 7 часот во недела наутро, за вашите манџи и запршки во ниедно време од ноќта. Вие не можете еден ден во годината да ја издржите „неподносливата бука и музика“ кога славиме именден или роденден. Па веднаш следува тропкање, закани или праќање полиција на врата. Во ред е, да сте совршено добри комшии што ги следат сите правила и прописи, па да имате лице да зборувате за добро однесување.

За кое добро однесување зборуваме кога на 50 и кусур години не знаете да кажете едно добар ден? Што ви е бре луѓе, ниту гледате каде одите туку газите со наведнати глави, ниту одвраќате на поздрави, само нешто неразбирливо мрморите со злобен и намќорест израз на лицето.

Огорчени сте, тоа е повеќе од јасно. Немате смисла за одржување ред и чистота. Да се удавиме во ѓубре вам би ви било сеедно. Први хуманитарци сте кога станува збор за животните, ама не посегнувате по гомцето што пудлицата го испушта на скалите. Не сте слушнале за ремен за кучиња, пушти го слободно нека лае додека го држи бесот и гласот. Неговото лаење не е проблем, нашите гласни муабети се проблем.

Каков дефект да се случи во зградата први не посегнувате никогаш да се јавите за да го санираме. Демек, ако си молчиме и се правиме наудрени, ќе се реши сам од себе, ќе помине. Или никој нема да забележи.

Вам парното ви е многу слабо? Ауф, ние пак немаме таков проблем. Се врти и си заминува. Твој проблем, твоја грижа. Добрососедски односи, што беше тоа? Љубезност и емпатија, а пак тоа?

Ние сме живееле во времиња кои сега веќе делуваат толку далечно и нестварно, што просто некогаш се прашувам дали сме ги сонувале или се дел од нашата имагинација. Сме оставале клуч кај соседите да ни вадат цвеќиња, да ни ја вардат куќата. Сме помагале во најтешките мигови, во време на поплави и пожари.

Сме причувувале дечиња на соседи, сме си позајмувале работи ако во моментот нешто итно ти е потребно. Нашите се собирале да дискутираат за поправки и разубавување на зградата во која живееме во време кога не се знаело точно што подразбира работата на куќниот совет.

Ама имало добрина, имало компромис и разбирање меѓу луѓето. Немало желба за уништување на и онака дотраените работи. Тој што го нагрдил ѕидот ќе си земел кофа со вода и ќе си ги забришел чкртаниците. Ќе си наполнел кофа со поликолор и ќе си закречел.

Од ништо се правело нешто за да заличи. Денес како и за сé останато, генот на самоуништување пулсира најсилно. Да го доуништиме она што го имаме. Да се доиспокараме и да се замразиме уште малку повеќе. Да ја полееме зградата во која живееме со бензин и да ја запалиме, па раат да сме сите. Да ја наполниме ѓубре до врвот, да се потрупаме со отпад, да фатиме инфекции уште поопасни од оние кои веќе ви го нагризале срцето и умот.

Недраги и немили комшии, сериозно немате основна култура и поим што значи да се живее во заедница. Ако веќе ви е толку збоктисано да делите заеднички простор со уште 20 станови, слободно отидете и изградете си куќа, па бидете мирни. Иако верувам дека со ова однесување, тие околу вас нема да бидат никогаш мирни каде и да се преселите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg