Мајка ми никогаш не ми рече „Те сакам“... Не ѝ реков ни јас
Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк
Account Manager 28-02-2020
Менаџер 28-02-2020


Мајка ми никогаш не ми рече „Те сакам“... Не ѝ реков ни јас

Велат дека сте деца сè додека имате родител или родители. Тогаш, јас сè уште сум дете. Имам еден родител. Другиот си замина.

majka-mi-nikogash-ne-mi-reche-te-sakam-ne-rekov-ni-jas-001.jpg

Мајка ми ја нема веќе седум години.

Ме роди кога беше 30. Две неделни пред да наполни 30. Со царски рез.

Односот не ни беше најдобар, но можам да кажам дека беше коректен.

Дали е доволно тоа, не знам.

Не знам ни што треба за да биде доволно. Ако треба.

Родителите не се грижеа премногу за мене. Не знам дали во тој период тоа било честа и нормална појава, но кај мене беше така.

Јадев сè што сакав, кога сакав, со кој сакав, каде сакав. Ме бањаа навечер, кога си доаѓав дома валкана.

Почесто ме бањаше тато отколку мама. Барем така ми кажуваа.

Не внимаваа со што си играм, со кој си играм, дали денес сум јадела овошје и дали сум испила доволно вода. Не.

Тоа едноставно не беше тема.

Бев безгрижна. Не ме уценуваа дека морам нешто да направам, па потоа да добијам нешто.

Отсекогаш сум била постудена. Со „психопатски поглед“, ќелава, ниска, дебела, со износена облека што ја наследувам и стомак кој виси под кратките маици.

Постојано го чепкав носот и пцуев.

И секогаш ги одбивав прегратките и допирите. Ако некој успееше да ме бакне, веднаш го „бришев“ бакнежот, го триев со дланката или ракавот и тоа пред таа личност што во тој момент ја мразев најмногу на светот.

Кога ќе стигнеме до сегашноста, пораснав во личност која има одредени проблеми кога станува збор за прегратки со други луѓе. Некако, сакам да ме прашаат или да ми ја најават прегратката. Ги избегнувам секогаш кога можам, освен ако не станува збор за личност со која имам и сексуален контакт. Тоа некако ми е нормално – ако се спојуваме на еден, можеме и на друг начин. Сепак, не ги прегрнувам сите со кои сум имала сексуална врска.

Многу, многу ретко се случува јас прва да прегрнам некој. За тоа мора да има некоја посебна причина и тој момент треба да се заслужи од мене.

Едноставно, не го правам тоа. И убедена сум дека тоа има врска со начинот на којшто сум израсната.

Од една страна имаш дете кое е диво, а од друга страна има родители кои не вложуваат никаков труд барем да се обидат да го „омекнат“. Поради што било, дури и некоја себична причина, да не го почувствуваш твоето дете тука, да го допреш и да почувствуваш дали можеби му е ладно. Не ме допираа.

Мајка ми никогаш не ми рекла дека ме сака.

Јас никогаш не ѝ реков на мајка ми дека ја сакам.

Велат дека тоа не мора да се каже, но мора да се почувствува.

Не можам со сигурност да тврдам дека сум го почувствувала тоа.

Чувствував дека на некој начин можам да се потпрам на нив. Не се чувствував отфрлено или напуштено.

Но сега зборувам за љубов. Не знам дали сум ја почувствувала.

Пораснав во семејство во кое мајката и таткото никогаш не се прегрнуваа пред децата. Се бакнуваа по три пати во образ за родендени и новогодишни прослави.

Со мајка ми никогаш не зборував за секс. За кондоми, општо за контрацепција – апсолутно никогаш.

За менструацијата се зборуваше бидејќи мајка ми имаше силни болки и секогаш велеше дека затоа сака син. Да не крвави еднаш месечно.

За некои женски теми – депилација, момчиња, шминка, не се зборуваше апсолутно никогаш. И тогаш мене тоа ми беше нормално. За друго не знаев.

Кога бев помала се случуваше со мама да отидам до тоалет. Па тогаш јас седев на кадата и зборувавме нешто. Кога таа требаше да стане од тоалетот, ме тераше да се свртам кон кадата.

Но, тој круг е затворен.

Понекогаш мислам дека сум била лишена од некои работи. Понекогаш не.

Не знам дали останале некои недокажани работи, ниту пак што би било кога би било.

Така е како што е.

Јас сум личноста која не плаче на гробот на мајка си. Никогаш.

Јас сум личноста која на гробот не ни кажува нешто.

Одам, понекогаш го земам и кучето, носам кафе, седнувам и седам така. И не кажувам ништо.

А, стварно не се претворив во лоша личност.

Зарем не, мамо?

Извор

Би можело да ве интересира:

Мамо, знам дека кинеше дел од својата душа, само за јас да бидам среќен Ако не беше таа јас немаше да знам како изгледа среќно детство, немаше да ги зна...
Зошто моите себично одлучија да ме остават без брат или сестра? Си велам каков ќе беше животот, ако имав кому да се јавам за да ги споделам успе...
Татко ми ме научи да не бидам плен, туку да бидам силна девојка Не се мачи да го прашуваш келнерот што ќе пијам јас и заштеди си ги парите, немо...

Најчитани неделава