Колку вреди простувањето - Бајка за возрасни што секој треба да ја прочита

kolku-vredi-prostuvanjeto-bajka-za-vozrasni-shto-treba-da-ja-prochita-sekoj-01.JPG

„Нема да простам“, рече таа. „Ќе помнам!“

„Прости“, ја замоли ангелот. „Прости, така ќе ти биде полесно.“

„Никогаш“, упорно ги стискаше усните, „тоа не може да се прости. Никогаш.“

„Дали ќе се одмаздиш?“ – загрижено ја праша.

„Не, нема да се одмаздам. Ќе се издигнам над тоа.“

„Дали сакаш сурова казна?“

„Не знам, каква казна би била доволна?“

„Секој мора да плати за своите одлуки. Порано или подоцна, секој…“ – тивко ѝ рече ангелот. „Тоа е неизбежно.“

„Да, знам.“

„Тогаш прости! Ослободи се од товарот. Сега си далеку од оние кои те навредиле.“

„Не. Не можам. Не сакам. За нив нема прошка.“

„Добро, одлуката е твоја“, ѝ рече ангелот. „Каде планираш да ја чуваш навредата?“

„Овде и овде“, си ги допре срцето и главата.

„Те молам биди внимателна“, ја замоли ангелот. „Отровот на навредата е многу опасен. Може да се претвори во камен и да те повлече кон дното. Може да предизвика пламен од бес кој гори сè живо.“

„Тоа е камен на сеќавањата и благодарна сум на бесот“, го прекина таа. „Тие се на моја страна и навредата се всели таму каде што рече - во главата и срцето…“

Беше млада и здрава, го градеше нејзиниот живот, во нејзините вени течеше врела крв, а со полни гради го вдишуваше воздухот на слободата. Се венчаше, роди деца, најде пријатели. Понекогаш, нормално, им се лутеше, но воглавно им простуваше. Понекогаш се лутеше и се расправаше, а тогаш тие ѝ простуваа неа. Беше сè во животот, а се обидуваше да не мисли на својата навреда.

Поминаа многу години пред повторно да го слушне тој збор, „прости“.

„Мажот ме изневери. Со децата постојано имам проблеми. Парите не ме сакаат. Што да правам?“ – праша еден постар психолог.

Тој внимателно ја ислуша, ѝ објасни многу работи и поради некоја причина, постојано ја тераше да зборува за нејзиното детство. Таа се лутеше и го свртуваше разговорот кон сегашноста. Но тој повторно ја враќаше во детството. Ѝ се чинеше дека лута низ споредните улички на нејзиното сеќавање, се обидува да го осветли, да ја истакне таа дамнешна навреда. Таа не го сакаше тоа, затоа се спротивставуваше. Но, тој сепак виде.

„Треба да се исчистите“, ѝ објасни. „Вашите навреди се разлеани. Врз нив се собрале нови навреди, како полипи на корален гребен. Овој гребен станал препрека на протокот на животната енергија. Поради тоа имате проблеми во личниот живот, а ни финансиски не сте во добра состојба. Гребенот има остри рабови кои ја повредуваат вашата нежна душа. Во гребенот се населиле и разни емоции, кои ја трујат вашата крв и привлекуваат нови незгоди.“

„Да, чувствувам нешто слично“, кимна жената со главата. „Одвреме-навреме сум нервозна, некогаш ме гуши депресијата, а некогаш само сакам да убијам сè… Во ред, треба да се исчистам. Но како?“

„Простете за првата, најглавната навреда“, ја советуваше психологот. „Ќе нема темел и гребенот ќе се распадне.“

„Не може!“ – извика жената. „Тоа е праведна лутина, бидејќи сè беше така! Имам право да бидам навредена!“

„Сакаш да бидеш во право или среќна?“ – ја праша психологот. Но жената не му одговори. Само стана и си замина, земајќи го со себе нејзиниот корален гребен.

Поминаа уште неколку години. Жената повторно чекаше прием, овојпат кај лекар. Лекарот ги разгледуваше снимките и анализите, се намршти и си ја прегризе усната.

„Докторе, зошто молчите?“ – не можеше да се воздржи.

„Имате ли роднини?“ – ја праша лекарот.

„Родителите починаа, со сопругот сме разведени, имам деца и внуци. Зошто ви требаат моите роднини?“

„Гледајте, имате тумор. Еве, овде.“ – лекарот покажа на снимката од черепот. „Според анализата, туморот е лош. Тоа ги објаснува и вашите постојани главоболки, несоница и замор. Најлошо е што туморот настојува да расте брзо. Се зголемува, а тоа е лошо.“

„И што сега, морам одма на операција?“ – праша таа со страв.

„Не“, докторот се намршти уште повеќе. „Еве ги вашите снимки од минатата година. Имате многу слабо срце. Изгледа дека е стегнато од сите страни и не може да работи со полна сила. Не може да ја издржи операцијата. Затоа, прво треба да го излечите срцето, а потоа…“

Не ни заврши, а жената сфати дека „потоа“ можеби никогаш нема да дојде. Или срцето нема да издржи, или туморот ќе порасне.

„Исто, и крвната слика не ви е добра. Хемоглобинот е низок, леукоцитите високи… Ќе ви препишам лекови“, ѝ рече лекарот, „но морате да си помогнете сами. Треба да го подобрите целото здравје, а истовремено, ментално да се подготвите за операцијата.“

„Но како?“

„Позитивни емоции, топли односи, комуникација со семејството. На крај, и заљубете се. Гледајте албуми со фотографии, потсетете се на среќното детство.“

Жената само суво се насмевна.

„Обидете се да им простите на сите, особено на родителите“, лекарот неочекувано ја советува. „Тоа е многу добро за душата. Според моето искуство, имало случаи каде што прошката правела чуда.“

„Навистина?“ – иронично праша жената.

„Замислете. Во медицината постојат многу помошни инструменти. Квалитетна нега… Простувањето исто така може да биде лек, но притоа е бесплатен и без рецепт.“

Прости. Или умри. Прости или умри? Умри, но не проштавај? Кога изборот е прашање на живот или смрт, треба само да одлучите на која страна ќе гледате.

Главоболка. Болка во срцето. „Каде ја чуваш навредата?“. „Овде и овде.“ Сега тоа место е болно. Можеби навредата се зголемила и посакала уште. Можеби се обидува да ја исфрли својата домаќинка, да владее со целото нејзино тело. Глупавата навреда не сфатила дека телото нема да издржи, дека ќе умре.

Се сети на главните навреди, оние од детството. Татко ѝ и мајка ѝ, кои цело време работеа, или се расправаа. Не ја сакаа како што сакаше таа. Ништо не помагаше – ни петки во училиште, ни пофалби, ниту исполнување на нивните желби, ниту протест и бунт.

Потоа тие се разделија и секој си основа ново семејство, во кое немаше место за неа.

На 16 години ја испратија на училиште, во друг град, со полн куфер и малку пари за почеток. Тоа е сè и тој момент стана независна и одлучи: „Нема да простам.“

Цел живот ја носеше оваа навреда во себе, се заколна дека навредата ќе умре со неа, а изгледа сега се случува токму тоа.

Има деца, внуци, еден вдовец Сергеј, колега од работа кој се обидуваше да ја заведе. А, и не сакаше да умре. Па, тоа е вистина – рано е за умирање!

„Треба да простам“, одлучи таа, „барем да пробам.“

„Родители, ви простувам за сè“, рече несигурно. Зборовите ѝ звучеа патетично и неверно.

Зеде лист и пенкало и напиша: „Сакани родители! Драги родители! Повеќе не сум лута. Ви простувам сè.“

Во устата чувствуваше горчина, срцето ја стегаше, а главата ја заболи уште повеќе. Но таа го зграби пенкалото и пишуваше: „Ви простувам. Ви простувам…“

Но немаше никакво олеснување, само се зголеми нејзината вознемиреност.

„Не така“, ѝ шепна ангелот. „Реката секогаш тече само во еден правец. Тие се постари, ти си помлада. Тие биле први, потоа си дошла ти. Не си ги родила ти нив, туку тие тебе. Тие ти дале можност да се појавиш на овој свет. Биди им благодарна за тоа!“

„Благодарна сум“, рече жената, „и навистина сакам да им простам.“

„Децата немаат право да им судат на своите родители. На родителите не им простуваме. Од нив бараме прошка.“

„За што?“ – праша таа. „Дали им направив нешто лошо?“

„Самата на себе си направи нешто лошо. Зошто ја остави навредата во тебе? Зошто те боли главата? Каков камен носиш во градите? Што ја труе твојата крв? Зошто твојот живот не тече како река, туку како слаб поток? Сакаш ли да бидеш во право или здрава?“

„Дали сето ова е поради лутината кон родителите? Лутината, претпоставувам, волку ме разруши?“

„Те предупредив“, ја потсети ангелот. „Ангелите секогаш предупредуваат: не собирајте, не носите, не трујте се со навреди. Тие се отров и трујат сè околу нив. Ние предупредуваме! Ако човекот одбере во корист на навредата, немаме право да се мешаме. А, ако одбере во корист на простувањето, мораме да му помогнеме.“

„Дали уште можам да го срушам тој корален гребен? Или веќе е доцна?“

„Никогаш не е доцна да се обидеш“, нежно ѝ рече ангелот.

„Но, тие се одамна умрени. Сега немам кого да молам за прошка. Како ќе го направам тоа?“

„Ти моли. Тие ќе те слушнат. А може и нема. Но, ти не го правиш тоа за нив, туку за тебе.“

„Драги родители“, почна таа, „ве молам простете ми ако нешто не било добро… простете ми за сè.“

Некое време зборуваше, а потоа замолкна и почна да размислува. Нема чудо – срцето боли, главата боли, нема ни некои посебни емоции, сè е како порано.

„Јас самата не си верувам“, призна таа. „Толку години помина…“

„Пробај поинаку“, ја советува ангелот. „Повторно стани дете.“

„Како?“

„Клекни на колена, и обрати им се како во детството, мамо, тато…“

Жената се колебаше, но се спушти на колена. Ги склопи дланките, погледна кон небото и рече: „Мамо. Тато.“ А потоа уште еднаш: „Мамо, тато…“

Очите почнаа да ѝ се полнат со солзи.

„Мамо, тато… тоа сум јас, вашата ќерка, простете ми… простете ми…“

Почна да се тресе и солзите ѝ потекоа по лицето. А таа повторуваше и повторуваше: „Простете ми. Ве молам, простете ми. Немав право да ви судам. Мамо, тато…“

Помина доста време пред солзите да се исушат. Исцрпена, седеше на подот, навалувајќи се на каучот.

„Како си?“ – ја праша ангелот.

„Не знам. Не разбирам. Ми се чини дека сум празна“, му рече.

„Повторувај го ова секојдневно четириесет дена“, ѝ рече ангелот. „Како лекување. Како хемотерапија.“

„Да, да. Четириесет денови. Ќе повторувам.“

Во градите ѝ пулсираше нешто, ја пецкаше и ја прекриваше со бранови топлина. Можеби тоа се деловите од гребенот. За првпат после долго време се чувствуваше добро, немаше ништо, не ја болеше главата…

Извор

Би можело да ве интересира:

Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg