„Не сме сите заедно во ова - некои имаат илјадници евра за лекување, некои само 100 денари“

Паранојата ми е вклучена на најсилно. Нервозата и стресот веќе си го земаат данокот секојдневно. 

Ne-sme-site-zaedno-vo-ova-01.jpg

Што од измислени, што од реални приказни. Што од луѓето кои сè уште упорно те убедуваат дека вирусот не постои, дека е завера, измислица, план да нè чипираат и роботизираат сите. Кажаа луѓето кои му се робови на телефонот и коишто на сите апликации веќе им имаат дадено пристап до сите свои лични информации и фотографии. Нејсе.

Подолг временски период се тешев некако со фактот дека ако си здрав, млад и имаш силен имунитет, може лесно да го поднесеш вирусот.

Последните случувања ме убедуваат во спротивното. Млади луѓе се жртви на корона. Некои од нив без никакви хронични заболувања и претходни здравствени компликации. Фит, здрави луѓе, поранешни спортисти во своите педесетти години.

Одеднаш 50 години се „возрасна“ категорија на луѓе? Луѓе паѓаат покосени како крушки, оставајќи семејства завиени во црно, чемер и болка зад себе.

Нема доволно утешни зборови. Нека почиваат во мир се чини недоволно. Не остана да се каже ништо повеќе, тагата ги проголта сите утешни зборови.

Но, најмногу ме разбеснува реченицата како „сите сме заедно во ова“. Како сме „сите заедно“? Никако. Како и секогаш, ситиот не му верува на гладниот. Богатиот му се чуди на сиромашниот. Богатиот нема потреба да се грижи дали мора да стигне навреме на работното место.

Ако треба да појде некаде тоа ќе го направи со својот автомобил. Нема да се пика во јавниот сообраќаен превоз, каде што владее метеж кој наликува на хорор од апокалипсата. Здраво кластер градски автобус!

Доколку, не дај Боже, се разболи, само еден повик го дели од докторот, директорот, кој било од „врскаџиите“ за да заврши некоја работа преку ред. Да се тестира, да се прими на преглед... или едноставно да замине во најелитната болница за да се лекува, иако сега и таму веќе се пополнуваат капацитетите и се чека за слободен кревет, а медицинскиот персонал е секаде преморен. 

Од друга страна, има ли обичниот човек 6000 евра во просек за лекување во ваква болница? 

Но, ајде да не одиме толку далеку, сепак секој има право да избере како ќе ги потроши своите заработени пари и не може да осудиме никого. А, добро е и тоа што по најавата за кризна состојба, дел од приватните клиники најавија дека ќе ѝ излезат во пресрет на државата со слободни кревети. 

Но, сепак како сме „сите заедно во ова“, прашувам повторно, кога луѓето се принудени да ги преперуваат памучните маски, да се чудат од каде да изнајдат 100 евра месечно за витамини, суплементи и терапии, и да ве гледаат бледо додека им зборувате за здрава, органска исхрана, додека поголемиот дел преживуваат со 100 денари дневно.

„Животот нема цена“, ќе ви кажат богатите. Навистина нема. Трагедијата е што дел од нив не сфаќаат дека доколку во моментот треба да извадите пари од џебот за да го платите сопствениот живот, голем дел од луѓето немаат да извадат повеќе од споменатите 100 денари, или нешто малку повеќе.

Толку ли чини животот на сиромашниот човек?

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg