Што прават терапевтите кога се чувствуваат депресивно?
Прават работи што ги радувале кога биле деца, си поставуваат реалистични цели за денот кога се депресивни, но и си дозволуваат да изгледаат неколку епизоди од омилената серија.

За Huffington Post, неколку терапевти откриваат што тие прават кога се чувствуваат депресивно.
Но, важно е да направите разлика помеѓу депресија и повремено да се чувствувате депресивно.
Ако депресивните чувства траат подолго од две-три недели и ако забележувате дека состојбата ви се влошува, тогаш мора да се консултирате со експерт.
Повремено е нормално да бидете депресивни, но кога негативните чувства ви влијаат врз секојдневието, тогаш можеби станува збор за проблем со менталното здравје.
Што прават терапевтите кога се чувствуваат депресивно?
Си дозволуваат да ги почувствуваат емоциите
Кога сте депресивни, веројатно постојано мислите на тоа дека не треба да се чувствувате така, дека не заслужувате. Ова нема да ви биде од помош.
Многу подобро е да прифатите дека се чувствувате лошо, но и да си кажете дека тоа е во ред.
Ако постојано се прашувате зошто, ако се критикувате, само ќе си ја влошите состојбата.
Прават работи што им причинувале задоволство кога биле деца
Ова е одличен трик што ќе ви го одвлече вниманието од лошите мисли, но и ќе ви помогне да се потсетите на детската безгрижност.
Размислете кои се работите што ве радувале во детството, без разлика дали тоа е песна, книга, видеоигра, спорт или нешто друго. И, посветете малку време на тоа.

Си поставуваат реалистични цели за тој ден
Кога се чувствувате депресивно, голема е веројатноста да немате енергија да направите многу. Затоа е важно да си поставите реалистични цели за тој ден.
Не мора да завршите сè баш во денот кога се чувствувате лошо и пробајте да ги славите малите победи.
Направете си здрав оброк, истуширајте се, измијте ги садовите – сето ова се реалистични обврски кои ќе ви помогнат да не се чувствувате бескорисно, а за кои не ви треба многу енергија.
Ги запишуваат мислите
За некои луѓе е мошне ефикасно да ги запишат своите негативни мисли.
Со оваа активност се ослободуваат од стресот и се чувствуваат подобро.
Можеби овој трик нема да биде ефикасен за вас, но не губите ништо ако пробате.

Пробуваат да се активни
Не мора да одите во теретана и да вежбате со часови кога се чувствувате депресивно.
Но физичката активност, без разлика колку мала, го поттикнува лачењето ендорфини што, пак, има позитивно влијание врз расположението.
Вежбајте јога 10-15 минути, излезете во дворот или пред зграда на кратка прошетка, пуштете си музика и танцувајте…
Ги гледаат омилените серии
Има причина зошто гледањето на омилените серии и по неколкупати ни се одразува позитивно врз расположението.
Некои истражувања покажале дека гледањето на истите серии по неколкупати прави да се чувствуваме како да имаме контрола, но и помага во ослободувањето од емоционалниот замор.
Па, во ред е да изгледате неколку епизоди ако се чувствувате лошо и знаете дека не сте способни за ништо друго.

Не се изолираат од саканите
Лесно е да се изолирате кога сте депресивни, но некогаш ова може да ви го влоши расположението.
Пробајте да поразговарате со некоја личност која ви е блиска и која ве разбира бидејќи некогаш и само еден разговор прави огромна разлика.
Избегнуваат активности што ќе направат да се чувствуваат полошо
Размислете кои се работите што ви го влошуваат расположението.
За некои тоа е читање вести, за други бескрајно „скролање“ на Инстаграм, а за вас може да биде нешто сосема трето.
Кога сте депресивни, избегнувајте го тоа што ве растажува и фокусирајте се на активности што ви причинуваат задоволство.

Спирова С. | Црнобело
