„Дигитални номади“ за тешката страна на нивниот живот: „Убаво е само ако имаш многу пари“
„Повеќето од нас се осамени бидејќи односот со луѓето што ги запознаваме е генерално површен. Исто така, животот станува некако бесмислен“.

Благодарение на Инстаграм објавите, преовладува мислењето дека животот на таканаречените дигитални номади е совршен.
Кој не би сакал да работи од омилената дестинација, без разлика дали е тоа покрај плажа, на планина или некое друго место, без да го боли глава за сообраќаен метеж?
Ваквиот начин на живот им годи на некои луѓе, но факт е дека инфлуенсерите не секогаш ги откриваат и негативните страни.
На Редит, неколку дигитални номади ги откриваат недостатоците:
„Работењето додека патувате е многу поразлично отколку само да патувате. Рутината како номад и слична како рутината што ја имав дома, но е многу позаморна и треба да можам да се адаптирам на секое ново место.
Ако само патувам, проблемите се забавни, но кога треба и да работам, проблемите се стресни. И, никогаш нема да се навикнам да се збогувам со пријателите што ги сретнувам по пат“.
„Повеќето од нас се осамени и несреќни бидејќи односот со луѓето што ги запознаваме е генерално површен. Исто така, животот станува некако бесмислен“.
„Најлошо е што немам место кое можам да го наречам мое и каде можам да ги оставам работите што не сакам постојано да ги носам со мене (книги, екстра облека, лични предмети)“.
„Јавните тоалети не се секогаш достапни и не се секогаш чисти“.
„Не ги заборавајте временските зони – ако работите за американска компанија додека сте во Европа, ќе треба да работите цела вечер, а ова не остава време за социјализирање“.
„Да бидете дигитален номад е како да живеете на потешко ниво. Треба да правите сè како и вообичаено, но мора да се снајдете во друга култура и на друг јазик. И, сето ова се менува кога ќе ја промените локацијата.
На ова додајте го лошиот интернет, откажаните летови, временските зони… Во реалноста нема само да уживате на плажа и да заработувате милиони“.
„Не, нема да работите од плажа или базен или егзотичен локал уреден како од Инстаграм фотка. Верувајте ми, пробував.
Кога почнав да патувам, бев восхитен од идејата дека можам да работам од плажа. Во реалноста, ова е возможно само ако работите како чувар на плажа или инструктор по сурфање“.
„Дигиталните номади не се на одмор. Ми требаше време да ја развијам менталната дисциплина за да сфатам дека не сум на одмор, а на крај не уживав ни во работата, ни во патувањето“.
„Треба да бидете богати за уживате. Кога имам пари за подобро сместување, посакувам засекогаш да сум дигитален номад. Но, кога морам да штедам, сфаќам дека треба да го оставам номадскиот живот зад мене“.
„Патував сам во раните 30-ти и иако сретнав многу луѓе, ми беше празно и осамено. Би заменил шест месеци од тој начин на живот за една недела нормален одмор со партнер што го сакам“.
„По еден месец, ќе ви здодее прашањето ’Од каде си?‘ Сите ќе ве прашуваат, секој ден“.
Спирова С. | Црнобело
